Сатирата има моќ, но не треба да се сфаќа пресериозно

10.11.2015 14:32
Сатирата има моќ, но не треба да се сфаќа пресериозно

Уредникот на српската сатирична веб-страница Njuz.net, Марко Дражиќ, веќе пет години заедно со колегите, со хумор ја превоспитува публиката. Зад него е одличниот сатиричен сајт, емисијата „24 минути“ со Зоран Кесиќ и две објавени книги. Во интервју за радио „О“, Дражиќ вели дека во сатирата, хуморот не е доволен. Потребна е и силна општествена порака.

 

За почеток, што те поттикна од таканареченото „сериозно“ новинарство, да си ја пробаш среќата во дневнополитичката сатира?

Бев голем фан на Њуз.нет, но не бев дел од екипата, затоа што работев на еден дневен портал. Ги читав текстовите на Њуз и сфатив дека и јас би сакал да пишувам за нив. Отприлика еден месец откако осамнаа, го напишав првиот текст, а потоа овде и останав.

Што и колку се промени оттогаш?

Се променија многу работи. Њуз, кога настана, беше повеќе некакво хоби. Го основа колегата Дејан Николиќ и тогаш немаше јасна цел за тоа што сака сајтот да постигне. Сите ние пишувавме во рамките на тоа хоби. Никој не мислеше дека овде некогаш ќе почнеме да работиме, повеќе мислевме дека тоа ќе биде повремена „тезга“, но со време, еден по еден почнавме да ги напуштаме своите работни места, за да му се посветиме на Њуз.

Колку беше тешко да се создаде брендот Njuz.net во услови кога добар дел од вестите и онака личат на зафрканција?

Не беше толку тешко – Њуз за кратко време стана популарен, затоа што луѓето во првите месеци максимално веруваа дека се работи за вистински вести. Во тоа време се случуваше геј парадата во Белград, кога сè беше на работ на граѓанска војна. Уште првиот ден ние објавивме текст за тоа, така што Њуз веднаш имаше многу читатели. Многумина уште долго веруваа дека станува збор за вистински вести, а кога сфатија дека се работи за сатира, публиката само се зголеми.

За тоа и зборувам. Неколку ваши текстови беа сфатени толку сериозно, што завршија во класичните медиуми, па дури и во еден учебник. Имаш ли понекогаш потреба да ги сретнеш тие уредници и професори и да им објасниш дека светот околу себе го сфаќаат премногу сериозно?

Речиси секој ден некој сериозно ги сфаќаше нашите вести. Проблемот настана кога т.н. сериозни новинари почнаа да нè пренесуваат. Мислевме дека тоа ќе трае некое време, па ќе престане, особено по онаа прочуена вест за пијаниот Србин што убил ајкула, а таа вест се појави на сите континенти. Интересно е тоа што и по таа урнебесна приказна, ваквите работи се повторуваа. Кога тоа ќе се случи, мене ми е малку непријатно, затоа што никој од нас тоа не го пишувал за некој да го сфати сериозно, но ова само зборува за состојбата на новинарството во Србија. Сфаќам дека некоја вест од Њуз делува како да може да е вистинита, затоа што живееме во лудо општество во кое такви приказни и онака се појавуваат, но доволно е луѓето да ги погледнат нашите наслови, па да сфатат што работиме.

Распаѓањето на класичните медиуми, многу автоцензура и цензура, доведоа до тоа Њуз сè почесто нуди можност да се слушне за некои појави и настани. Какво е твоето чувство, „капира“ ли твојата публика дека освен смеата, добива и некој вид информирање?

Сакам да верувам дека луѓето така го сфаќаат Њуз. Постои проблем, затоа што многумина нè сфаќаат како сајт што треба да ги насмее, што е ок. Ние се трудиме тоа да биде спој на забавното и духовитото со сериозни пораки.

Добар дел од вашата публика се младите. Има ли разлика меѓу нивното поимање на она што го работите и она на постарите посетители на сајтот?

Точно е дека добар дел од публиката се младите, но немам впечаток дека тоа се само тие, затоа што имаме доста публика меѓу 30 и 40-годишна возраст. Тешко е тоа да се раздвои според возраста. Постојат теми кои им се поинтересни на младите, како и теми кои ги привлекуваат постарите. Кога ќе објавиме некои теми од економијата, знаеме дека нема да бидат многу читани од помладата публика, но знаеме и дека ќе ги заинтригираат темите кои ги засегааат: машко-женските односи, студентскиот живот, излегувањата… Но, не размислуваме за тоа и пишуваме за она за што ни се пишува.

Иако политичарите ви се најчестите „муштерии“, знаете да ги „поткачите“ и студентите и младите воопшто. Се сеќавам на еден одличен текст за тоа како студентите по протестите се сложиле наместо пет испитни рокови, да имаат пет испитни рокови, или друг текст за тоа како министерот сака со заглупување на младите да го спречи нивниот одлив во странство. Настрана тоа што овие два текста на некој начин се вистина, како ти денеска ја гледаш улогата на младите во општеството?

Тоа е комплексно прашање и би можеле многу да зборуваме за тоа. Кога го гледам периодот во кој бев тинејџер, сè изгледаше многу поедноставно. Живеевме во полошо општество, под санкции и во војна. Но, сите знаевме од каде доаѓаат проблемите и бевме обединети околу тоа. Излегувавме на улиците за нешто да промениме. Сега гледам дека веќе не е сè црно-бело. Младите станаа по малку и аполитични и доста се затворија кон општеството. Секако, не треба да се обвинуваат само младите, политичарите за тоа имаат многу поголема одговорност. Баш имавме дискусии за социјалните мрежи, за тоа дека тие создаваат привид дека на нешто се влијае и дека ние нешто менуваме со лајкувањето и ретвитањето, но суштински ништо не се менува. Пред некој ден напишав: Да постоеја Твитер и Фејсбук во 2000 година, Милошевиќ сигурно сам би поднел оставка поради морето од твитови и статуси. Тоа беше шега, секако, но добро покажува каде сме денес.

Добар дел од нив ги среќаваш во улога на интернет ботови на разни партии. Како се борите со нив?

Имавме среќа што немавме многу напади од овие ботови, но беше интересно кога во време на последните избори се појави принтскрин од нивната внатрешна преписка во која нивниот „мастермајнд“ им вели да одат на Њуз.нет и да пишуваат дека некоја вест е шега, но дека сме претерале. Беше симпатично да се гледаат сите тие коментари во кои едвај е променет само по некој збор. Се случува и сега да залута некој бот, но нашите читатели веднаш го исмеваат, па не мораме да реагираме.

Каде што се ботовите, тука се и притисоците. Имате ли барем еден демант на некој текст или барем обид да ве наговорат да избришете некој текст?

Во овие пет години немаше притисоци. Имавме случај на еден текст, кој беше добро напишан, но имаше неколку коментари во кои луѓето бртуално го пцуеја политичарот и неговото семејство. Ми се јави пратеник од таа партија и ме замоли да обрнам внимание на тоа, што секако би го направил, затоа што таквите коментари се недопустливи. Притисок од политичарите немаше никогаш, дури се случуваше и самите да ги објавуваат на своите профили, за да, демек, се насмеат. Тоа посебно нè нервираше. Деманти имаше, но тие доаѓаа исклучиво од естрадата, дури и за текстови во кои некои имиња се спомнати во само една реченица. Но, од нив тоа и може да се очекува.

Играта ја проширивте на цел терен со влегувањето во „24 минути“ со Зоран Кесиќ, емисија која секоја сезона, според впечатоците, е на работ на укинување. Колку е тоа наш лаички впечаток, а колку реалност?

Се сеќавам на првата емисија кога беше емитувана, луѓето беа шокирани од нејзината содржина. Им се допадна емисијата, но секој втор коментар беше дека брзо ќе нè укинат. Сега ја правиме веќе 66-та емисија, а досега ниту една не помина без калкулации дека ќе ја укинат. Тоа е нормално, затоа што не се случило еднаш некоја емисија да биде тргната од програма поради содржината. Ние сме немале навестувања дека ќе нè укинат, но знаеме во која држава живееме и знаеме дека тоа може да се случи. Не мислиме многу на тоа, работиме како што сме навикнати. Подобро да постоиме две или три години и да работиме како што треба, отколку да сме тука десет години, а да станеме „лимонада“.

Во Србија отсекогаш имало добра сатира, па и сега има остра конкуренција. Треба ли овој жанр да се воведе на студиите по новинарство?

Право да кажам, не сум размислувал за тоа, но звучи интересно, зошто да не? Србија има долга традиција на сатира и во некоја рака и Њуз имаше „изгазена патека“. Не би им било лошо на студентите малку да се занимаваат и со сатира.

Кога би те викнале за предавач, што прво би им рекол на бруцошите?

Веројатно дека сатирата има некоја моќ, но и дека не треба пресериозно да се сфаќа. Имавме проблем со преголемите очекувања на публиката, затоа што немаме моќ да го смениме општеството така како што би сакале луѓето. Сепак, сатирата е важна и би било добро студентите да обрнат поголемо внимание на неа.

Што ќе правиш со себе кога за две години ќе ни биде подобро, а ти ќе „пресушиш“ со темите?

Многу би сакал тоа да се случи и би ја жртвувал својата професија ако на нацијата ѝ биде подобро. Од друга страна, овде секогаш има инспирација и лесно е да се пишува сатира. Има простор за сатира и во Шведска, но на друг начин. Без оглед на тоа каде живееш, секогаш има простор за виц, па и овде би имало, кога би ни би било подобро за две години. Но, да не се лажеме….

Извор: oradio.rs / Радио МОФ