Трет кондиционал

11.11.2015 09:59
Трет кондиционал

Мојата професорка по англиски јазик обрнуваше големо внимание на кондиционалите. Нивната важност знаеше да ја илустрира со следниот условен (кондиционален) пример: „Ученик кој не знае кондиционали, не може да положи англиски, следствено на тоа, не може да заврши гимназија, следствено на тоа, не може да се запише на факултет, следствено на тоа, не може да се вработи и следствено на претходното - ако не знаеш кондиционали, ќе бидеш никој и ништо“.

Во принцип, условните реченици третираат претпоставени ситуации кои можат да се реализираат, кои тешко би се реализирале и ситуации кои се неостварливи. Е, ова последново, неостварливото, тоа е третиот кондиционал. Кај нас е често употребуван со една изрека во која народниот творец објаснува кој орган ѝ недостасува на бабата за да биде дедо. Или, зошто врбата не раѓа грозје. По едномесечно одлагање, денес (10.11.2015) од Брисел добивме седма препорака. Така барем вели насловната страница на весникот „Вечер“. Гледајќи го тоа, просечен читател (и гласач) би рекол дека немале врска сите претходни предупредувања на сметка на евентуалното губење на препораката.

Меѓутоа, горенаведената професорка успеа да ме научи доволно добро англиски за да можам да студирам, да комуницирам со колегите по светов, да гледам филмови и - да ги читам извештаите на Европската комисија за „напредокот“ на Република Македонија во евроинтегративниот процес. Животот, пак, во оваа двојна општествена реалност, ме научил да читам и меѓу редови. Тука ќе се задржам само на два момента од актуелниот извештај за кои со сигурност можам да претпоставам дека ќе бидат испревртувани, различно толкувани и парцијално афирмирани (како насловната во „Вечер“) од портпаролите на ВМРО (МВРО). Да одиме по ред.

Пренесувам автентично на англиски: „In the light of the progress made so far in the implementation of the June/July political agreement, the Commission is prepared to extend its recommendation to open accession negotiations with the former Yugoslav Republic of Macedonia. This shall, however, be conditional on the continued implementation of the June/July political agreement and substantial progress in the implementation of the urgent reform priorities. This issue shall be addressed again after the elections.

Да преведам на македонски: „Заради досегашниот напредок во реализацијата на политичкиот договор од јуни/јули, Комисијата е подготвена да ја продолжи препораката за отворање преговори со бившата југословенска Република Македонија. Оваа препорака, сепак, ќе биде условена со континуирана реализација на политичкиот договор од јуни/јули, како и со постигнатиот напредок во реализацијата на итните реформски приоритети. Ова прашање ќе биде повторно третирано, по изборите.“ Коментирам на македонски: Не знам кој може за овој извештај да каже дека е позитивен?!

Следниот пасус, кој се однесува на исполнувањето на политичките критериуми, дава одговор на сите недоумици во врска со нелегално стекнатите, сечени, лепени, прекројувани, вистини, полувистини и лаги: „Serious challenges reported in previous years have been underscored by the country's most severe political crisis since 2001. Intercepted communications, apparently involving senior government officials, suggest breaches of fundamental rights, interference with judicial independence, media freedom and elections, as well as corruption.“

Преведувам, на македонски: „Сериозните проблеми, наведени во претходните извештаи, резултираа со најголемата политичка криза во земјата од 2001 година наваму. Прислушуваните разговори, кои евидентно се вршени меѓу високи владини функционери, наведуваат на кршење на основните човекови права, мешање во судската независност, слободата на медиумите, како и на корупција“. Коментирам на мојот мајчин јазик: Појасно и подиректно укажување на изворот на политичката криза - здравје!

Ако Груевски и компанија беа чесни и искрени, ако навистина веруваа и работеа за народот, немаше да живееме во условена усложнетост. Типичен трет, неостварен, кондиционал.

Е, па дечки од власта, да сте живи и здрави, ама ова меѓународно резилење на мојата држава, е во ваша режија. И на ваша сметка. Не знам колку тоа ве усреќува, ама мене - ич!

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Странски служби