Забрчанец: Гласот на граѓаните засега е шепот, но ќе стане крик

11.11.2015 12:13
Забрчанец: Гласот на граѓаните засега е шепот, но ќе стане крик

Иницијативата „Заслужуваме подобро!“ е начин граѓаните да учествуваат во политиката суштински, а не само на денот на изборите, зашто токму граѓаните останаа на маргините на политичкиот процес, чија цел е да се спаси државата од недемократското владеење преку ненасилни мерки - вели Марјан Забрчанец, граѓански активист и консултант за стратегиски консултации.

Тој е еден од иницијаторите на граѓанската акција „Заслужуваме подобро“, која веќе една недела ја спроведуваат повеќе од 200 волонтери од 70 невладини организации, членови на неформалната коалиција „Граѓаните за Македонија“. Активистите се среќаваат со граѓаните непосредно, на улиците на дваесетина градови и села во Македонија и зборуваат со нив за проблемите со кои се соочува обичниот човек во секојдневието. Акцијата ќе трае до крајот на годината, по што наодите од тие разговори ќе бидат доставени до институциите.

 

Од која идеја тргнавте при формирањето на иницијативата „Заслужуваме подобро“?

- Идејата произлезе од катастрофалната состојба во која како граѓани се најдовме по долгогодишниот автократски систем на владеење во Македонија. Тоа е лошото живеење по сите основи, во секој сегмент од материјалното и вредносното егзистирање. Идејата беше поттикната и од новонастанатата празнина меѓу политичкиот процес од Пржино, од една страна, и потребата граѓаните да учествуваат како чинители во своето место на живеење, од друга страна. Проценивме дека во овој политички обид да се спаси државата од недемократското владеење преку ненасилни мерки, граѓаните останаа на маргините, изолирани од важните политички случувања, неинформирани и оставени со своите маки и борби за преживување и за подобро утре. Идејата на „Заслужуваме подобро!“ е јавно и гласно да разговараме за суштинските проблеми на граѓаните што доаѓаат од нивното секојдневно опкружување, да се храбриме меѓу себе, да се здружуваме. „Заслужуваме подобро!“ е начин да учествуваме во политиката суштински, а не само на денот на избори, еднаш на неколку години.

Какво е расположението меѓу граѓаните, веруваат ли дека чесна влада е можен и остварлив концепт?

„Бараме чесна власт“ е повеќе од слоган. Тоа е императив зад кој стои потребата да не трпиме веќе понижени пред шалтерите и нашите пари да се трошат за наши потреби, а не за фантазиите на големците. Барањето чесна власт значи и спротиvставување на крадењето и лажењето. Граѓаните не веруваат дека постои апсолутно чесна власт, а дел од нив веќе прифатиле за нормално дека сите политичари крадат - некои повеќе, некои помалку. Сепак, охрабрува тоа што во разговорите заедно заклучуваме дека е важно да одговараат сите што биле затечени во нечесни дејства и дека владеењето мора да биде ставено под контрола. Не внатрешна (само)контрола што се покажа како лажна, туку надворешна – граѓанска. Властодршците не смеат да се остават на мира. Мора постојано да бидат под наш надзор и постојано да бидат прашувани и изложувани на критика. Тешко е да се врати довербата на граѓаните кон политичарите, особено после апсолутистичкото владеење во последниве девет години. Но, ние имаме друга цел – пред сè да ја вратиме довербата во нас граѓаните, во самите себе и да не дозволиме да нè избркаат од нашите градови, од нашата држава. Да си ја земеме контролата во свои раце, да не дозволиме сегашните да продолжат со штетата, да не дозволиме идните да го наследат системот без коренита промена.

Кои се проблемите што најчесто ви ги кажуваат?

- Лошата живејачка е главна тема на разговорите. Огромен е бројот на граѓани што трагаат по парче леб иако знаат дека заслужиле многу повеќе од тоа. Бараат повисоки плати наместо повисоки споменици, бараат власт што нема да троши на чоколадо кога немаме ни за леб. Зад потребата од подобра живејачка граѓаните зборуваат и за болниците што повеќе заразуваат отколку што лекуваат. Гледаме солзи во очите кај постарите, кои лутајќи низ болничките лавиринти се чувствуваат како бројки и како „роба“ со изминат рок, а не како пациенти. Луѓето се со погазено достоинство. Зборуваат за тоа дека заслужуваат грижа, а не сожалување. Заслужуваат заштита, а не репресија врз нивните права и слободи. Се плашат да гласаат слободно, не се сигурни во тајноста на нивниот глас на избори. Бараат дебати на МТВ и не заборавиле дека од 2006 година наваму не сме виделе телевизиско соочување меѓу кандидатите за премиер. Родителите бараат знаење, а не лоши експерименти за нивните деца во училиштата. Бараат затоплени и безбедни училници, градинки по стандарди, а не со 50 деца во една просторија, полна со вируси и бактерии. Огромна е тагата на родителите на кои децата им заминале во странство и велат дека државата требаше да инвестира во младите, а не во фонтаните. Огромен е стравот од загадениот воздух што го дишеме и кој не избира по партиска припадност или неприпадност.

Дали, според вас, гласот на обичниот граѓанин е во моментов изгубен во целост, некаде во вакуум-просторот помеѓу препукувањата на политичките партии?

- Гласот на граѓаните не е изгубен. Тој извира насекаде, во секое село, во секој град, во секоја кафeана, на секој шалтер. Но, гласот е тивок. Гласот сè уште е шепот. За да стигне до Пржино, шепотот треба да се претвори во вресок. Залудно е да очекуваме дека мнозинство од граѓаните ќе се охрабрат да протестираат на улица, но можеме да се заложиме, да поддржиме и поттикнеме, да зборуваме погласно и да бараме подобро.

Има ли моќ граѓанскиот сектор преку ваков тип проекти да поправи нешто?

- Граѓанството е расплинето, диверзитетно и хетерогено и тешко дека ќе можеме да ја измериме неговата моќ. Ние гледаме дека акцијата „Заслужуваме подобро!“ веќе ги дава првите резултати. Граѓаните зборуваат, упатуваат пораки до политичарите, а потребата за подобра живејачка извира насекаде. Тоа секако не е доволно за целосно да се потисне апатијата. Потребни се уште многу вакви акции, од други иницијативи и организации, потребни се илјадници активисти што ќе зборуваат со граѓаните во секое населено место. Треба да ги искористиме поддршката и вниманието што периодов стигнуваат од меѓународната заедница и да се активираме уште повеќе, во уште помасовна акција, за да го спасиме општеството од пропаст. Затоа, ги повикуваме граѓаните да дејствуваат индивидуално, но и организирано, да се приклучат кон нашата или кон која било друга акција што се однесува на проблемите, потребите и правата.

Каков сумарен ефект очекувате на крајот од оваа иницијатива, после сите теренски акции и разговори со граѓаните?

- Очекуваме да придонесеме кон ослободувањето на државата и општеството од канџите на партиите, особено оние од власта. Очекуваме да поттикнеме илјадници умови и илјадници гласови. Преку директниот контакт со граѓаните очекуваме да се омасовиме и да можеме во 2016 година да продолжиме уште посилно со овој наш ангажман. Во моментов сме активни во 34 населени места, а тоа не е доволно.

Откако ќе ги слушнете проблемите на граѓаните од Македонија, што планирате да преземете со тие „материјали“?

- Ние запишуваме што разговараме со граѓаните. Секој нивни проблем, секоја нивна идеја и секој нивни глас на крајот на оваа фаза ќе биде преточен во „Бела книга на граѓаните“ (или можеби „Црна книга“), во која тие раскажуваат за своите проблеми и во која тие потенцираат што значи подобра живејачка. Со тој документ ќе затропаме на вратите на политичките партии и на институциите.

Извор: Слободен печат