Поезијата е вид магија, баење

06.04.2010 10:39
jorge-luis-borges.jpg

- Кој пасаж, роман, песна напишана на англиски јазик би сакале Вие да ја ги имавте напишано?

Сè што е напишано на англиски јазик, а особено делата на Конрад, Шо, Де Квинси, Браунинг... списокот би бил бесконечен.

- Зошто Конрад?

Би требало да прашате „Зошто не Конрад“? Конрад на многу специфичен и многу успешен начин пишува на епски теми. Таа карактеристика ја наоѓаме и кај Џ. Б. Шо, во „Цезар и Клеопатра“, на пример. И Шо и Конрад своите херои ги поставуваат во ситуации во кои, кај другите автори, би наишле на просечни или сомнителни ликови. Кај Шо и Конрад, меѓутоа, се среќаваме со карактери на кои навистина можеме да им се воодушевуваме, чие пријателство би го посакале.

Што се однесува до поетите, ќе споменам само некои од оние кои мене ми се омилени, на пример, Китс, Шели, Семјуел Тејлор Колриџ, Бајрон, Роберт Браунинг. Мојата прва средба со книжевноста беше на англиски јазик, и длабоко сум му благодарен на овој јазик. Дваесет години на универзитетот во Буенос Аирес на студентите им предавав англиска книжевност. Не станува збор за тоа дека им предавав книжевност, јас ги научив да сакаат одредени автори. Еден ден, додека се шетав низ центарот на Буенос Аирес, ми пријде еден млад човек, за мене непознат, и ми се обрати со зборовите „Борхес, би сакал да Ви се заблагодарам.“ – „Зошто, Ве молам?“ – „Затоа што ми овозможивте да го читам Роберт Луис Стивенсон.“ Тогаш му реков: „Во тој случај, Вашата благодарност е оправдана, а јас не живеев попусто“.

Шпанскиот е мојата судбина

- Дали мислите дека постојат шпански и англиски Weltanshauungen, основани врз лингвистички и литерарни специфичности?

Секој јазик подразбира различно доживување на светот. Да го земеме, на пример, англискиот збор „moon“, многу убав збор кој се изговара бавно и развлечено (Борхес го повторува moon, продолжувајќи го оо). Можеме да се прашаме дали зборот „moon“ има врска со шпанскиот „luna“, или со германскиот збор „Mond“, со грчкиот „selena“ или францускиот (кој исто така е убав). Доказите дека секој јазик е плод на специфичното чувствување на светот се уште појасни во случајот со зборовите кои изразуваат чувства. Зборовите „uncanny“ и „eerie“, кои во англискиот се од шкотско потекло, немаат еквиваленти во шпанскиот јазик.

- Некои преведувачи „uncanny“ го преведуваат со „морничав“.

Можеби тоа е најблиску, но „морничав“ и „uncanny“ не е исто.

- Дали нешто би сакале да кажете за односите што поетот ги воспоставува со зборовите од јазикот? Дали мислите дека тие односи во голема мерка се специфични?

Шпанскиот јазик е мојата судбина. Но, им останувам благодарен и на другите јазици што ги познавам; на англискиот, на пример, во кој уживам додека читам.

- Поетот си игра со зборовите: навидум тоа е беспредметна активност. Дали навистина е беспредметна?

Да се каже „се игра“ е сосема соодветно. Поетот ги чувствува зборовите. Тој има идеја; притоа го пробува (attempts) јазикот. Секако, без чувствата поезијата би била невозможна; би било тоа игра лишена од значења.

Внатрешен елан

- Но, во однос на јазикот, која би била етичката позиција на поезијата? Дали поезијата е безопасна?

Не, не мислам дека е безопасна. Би рекол дека поезијата е вид магија, баење. Секој збор упатува на своите бенигни и малигни конотации, предизвикувајќи таинствени ефекти. Порано тоа ми задаваше многу маки; сега веќе не. Сега пишувам само кога внатрешниот нагон ќе ме присили да го направам тоа. Според моменталната инспирација. Не се обидувам да најдам теми: тие ме пронаоѓаат мене, јас евентуално ги ставам на хартија. Во моите собрани дела нема да најдете ниеден текст на кој сум се навраќал. Имам цели 85 години, и не гледам наназад, не се сеќавам на бројот на книгите што сум ги напишал; знам само дека напишав премногу. И покрај тоа, продолжувам да пишувам.

- Има ли некоја тема која Ве интересира повеќе од другите?

Имам некои опсесии. На пример, секогаш мислам во термините на времето. Времето е капиталната енигма на филозофијата. Исто така ме привлекуваа лавиринтите, огледалата, идејата за демонот – и местата на кои тој може да се сретне, што е проблем што го наоѓаме во романот „Д-р Џекил и мистер Хајд“; исто така, ме интересираат елементарните страсти: љубовта и пријателството. Омразата не; мислам дека сум неспособен за омраза.

- Дали тоа значи дека и не сакате да пишувате за омразата?

Не знам. Не припаѓам на ниту една политичка партија. Понекогаш за себе велам дека сум љубезен, иако сериозен, анархист; станува збор за идејата за човекот против Државата. Денес Државата се вовлече во сè, особено во оваа земја.

- Ве интересира ли психоанализата?

Не, воопшто не ми се допаѓа. Ми изгледа многу несериозна. Не знам дали ќе има некоја корист од неа. Го читав Јунг: Јунг барем е читлив. Но, Фројд не: Фројд е невозможен за читање, барем што се однесува до мене. Исто така, треба да се каже дека читам исклучиво од задоволство.

- Какви врски воспоставувате меѓу несвесното – под претпоставка дека такво нешто постои – и поетот?

Не сум сигурен дека несвесното постои: на крајот на краиштата, тоа е чиста претпоставка. Меѓутоа, морам да кажам дека додека пишувам, чувствувам дека нешто ми е подарено. Можеби подарокот ми го дава Светиот Дух, или Музата, или, како што смета Вилијам Батлер Јејтс, големото помнење, помнењето на видот. Модерната психологија вели „несвесното“. Станува збор за исто. Поетот тоа го прифаќа, а потоа го прави она што е во негова моќ за да го напише.

- Дали во Вашата поезија има место за сексуалноста, за раѓањето и за смртта?

Секако. А што се однесува до мене, негувам голема надеж дека ќе ја избришам смртта, и кога ќе успеам добро да ја избришам, сосема ќе ја заборавам. А така и треба да биде. Што се однесува до сексуалноста, таа постојано е присутна. Повеќе би сакал да кажам „љубов“, тоа е зборот што означува исто, а мислам дека е подобро тој да се употребува.

- Според Вас, кои се најзначајните јужноамерикански писатели?

Во Аргентина има еден голем писателка, Силвина Окампо. На шпански јазик ги преведе поголемиот дел од песните на Емили Дикинсон. Силвина Окампо денес, барем меѓу оние кои ги познавам, е најдобрата писателка во нашата земја.

За јазиците и нивната употреба

- Пишувавте стихови и на англиски јазик...

Се обидов. Меѓутоа, имам премногу голема почит за англискиот јазик. Објавив две песни на англиски, кои можат да се најдат во моите собрани дела. Посветени се на една дама.

- Дали постојат зборови во англискиот јазик кои на Вас имаат поголемо поетско дејство?

Од англискиот може многу нешта да се научат. Неруда мислеше дека шпанскиот јазик е премногу крут и несмасен за да би можел кој било да го брани. Што се однесува до мене, со шпанскиот се обидов да направам најдобро што можам. Но, сигурно е дека шпанскиот јазик е крут. На пример, ако на англиски кажете „quickly, slowly“, она што го слушате има смисла: се слуша „quick“ и „slow“. Кога, меѓутоа, ќе кажете „rapidamente“ и „lentamente“, се слуша последниот дел од зборовите, т.е. она математичкото – mente. Нешто во шпанскиот не функционира баш најдобро.

Во англискиот многу нешта можат да се направат и со глаголите и со предлозите. Земете ја оваа убава реченица на Киплинг. Зборува за офицерот на британската војска кој на коњ го гони авганистанскиот коњокрадец. И вели:

We have ridden the low moon out of heaven.

Не можете ride the moon out of heaven (буквално: да ја изјаваш ниската месечина од небото) да го кажете на шпански. Или, да земеме, на пример, една попроста реченица: Dream away your life (буквално: иссонувајте го далеку својот живот). Не можете dream away your life да го кажете на шпански. Но, можете да го направите тоа на германските јазици.

Ја имав таа среќа во нашата куќа да се зборува кастилијански и англиски. Потоа во Европа го научив францускиот и латинскиот. Потоа германскиот, за да можам да го читам Шопенхауер. Потоа, кога го изгубив видот, почнав да ги изучувам изворите на староанглискиот, англосаксонскиот и стариот нордиски. Моментално учам јапонски, а тоа е ужасно тежок јази.

Извор: L’Ane

Од Борхес прочитајте го и текстот Нашиот кутар индивидуализам