
Птицата што бара кафез рече:
За крилја преголем е светот околу;
Безумни времиња мене ме мачат,
Промената на нештата гони долу.
Кафезот е нужда, а не бекство,
Можеби дојде крај на моите валкања,
Но ќе ги пеам, сите птици да знаат,
Моите дневни и ноќни талкања.
А еднаш и штурците ќе молкнат,
И тревата, летниот воздух ќе секне,
И ќе стивне тајната на ветрот
Кога крајот на мојот пој ќе екне.
И застане ли друг да кажува,
Да потсети на минатото што зјае,
Да праша за значењето на мојот пој,
Ќе речам: само кафезот трае.
Препев: П. В.
Роберт Пек (Robert Pack, 1929), американски поет, критичар, антологичар, роден во Њујорк, во еврејско-германско семејство. Освен по поетските збирки, Пек е познат и како автор на значајната студија за поетот Валас Стивенс. Големо влијание врз него извршил и поетот Роберт Фрост.