1022 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 05:59
Уште во почетокот кога дознав за граѓанската акција „Заслужуваме подобро“ имав намера да придонесам во неа кажувајќи нешто лично. Едно лошо искуство од тие кои секој пат се повторуваат и тоа само заради лошо владеење. Но, следејќи ги секојдневните вести од земјата, луѓето и нивните загуби, како да се срамев да ја кажам маката која споредена со сите умирања кои секојдневно се случуваат во земјата, изгледаше далечен и мал проблем.
Во меѓувреме, дури читав вести од земјата, забележав дека ние, иако мислиме дека сме во мир, секој ден сè повеќе принесуваме жртви и тоа во два најнеочекувани аспекти. Од загаденоста на воздухот и умирање на новороденчиња во болниците. Умирањето на новороденчињата, област во која земјата ни е европски првак, е повеќе од обично умирање. Тоа е еден вид умирање на перспективата. Иако секој ден имаме и други загуби, како заминувањето на веќе пораснатите живи деца, сепак умирањето на новороденчињата останува како најголема загуба. Разликата во тие две загуби за нас и земјата е како разликата која ја наведува данскиот филозоф Кјеркегор помеѓу развод на брак и раскинување веридба. Тој вели дека ова последното, раскинувањето на веридбата, е поголема и потажна загуба зашто е прекинување на потенцијалното. Веќе пораснатите, одгледаните, образованите, најчесто нашите најдобри, најубави и највешти живи деца, кога ги испраќаме, некако се тешиме со нивниот спас. Но, при умирањето на некое новороденче можеме да тагуваме затоа што токму некое од тие новороденчиња би можело да биде еден од тие кои ќе останеше и ќе ја средеше земјата, без да има веќе потреба истата да ја напуштат млади и стари луѓе.
Другиот вистински воен биланс во кој годишно имаме и стотици директни загубени човечки животи е загадувањето. Велам директни жртви, оти индиректните не може ни да се избројат во држава во која официјалните институции ни укажуваат дека половина од вкупното население има здравствени проблеми со респираторните органи. Не за џабе градовите ни се европски и светски шампиони по загаденост. Да, добро прочитавте, светски. Тетово деновиве пак се искачи на таа листа. А Скопје неколку пати е европски шампион по загаденост во листата на главни градови. Знаете, и ова е една од најподмолните умирачки, особено во мирнодобие: Да умреш од тоа што треба да ти вдахне живот! Вдишувајќи загаден воздух!
Тука кај воздухот се враќам на мојата мака која при толку лоши вести од земјата не знам ни дали да ја кажам. Имам болна мајка со респираторни проблеми. Според официјалните податоци, тоа е исто како и половината од вкупното население во земјата. Ние имаме една среќа во несреќа кога, исто како многу семејства во земјата, сме фамилија преполовена од туѓина и печалбарство. Така мојот единствен брат живее и работи во Швајцарија. Мајка ми живее со нас двајцата, преполовена и често во патувања несвојствени за луѓето на нејзина возраст. Она што нејзе и нам ни се случува е маката, секако, полесна од сите губитоци за кои читаме, што таа не може сама да одреди кога да патува. Не можеме ни ние да ѝ одредиме. Тоа нејзе ѝ го одредува загадениот воздух, кој едноставно ја приморува во одредени периоди на неподнослива загаденост на воздухот во нашата земја да отиде кај брат ми. Не само за посета, туку и чисто заради спас на животот! Нормално ќе беше и таа и ние да имаме распоред за свадби, пригоди и одмори кога таа или ние ќе патувавме, но нам, а и на многу граѓани тука, тоа право ни е ускратено. Едноставно, со реченицата: „излези земи чист воздух“, веќе во Македонија не оддалечуваш некого од себе, туку и од целата земја, зашто вдишувањето тука веќе стана невозможна мисија. Заслужуваме живот. Заслужуваме воздух. Заслужуваме мајки и деца. Заслужуваме подобро!
(Написот е објавен во рамките на граѓанската акција „Заслужуваме подобро“)
Извор: gragjanite.mk