Мрачна фаза

12.11.2015 03:54
Мрачна фаза

Радосната вест дека по (само) пет дена мрак во Националната галерија на Македонија од вчера повторно има струја само потврди, уште еднаш, во колку тажна фаза е македонската култура. Мракот, оној вистинскиот во кој културата ја одгледуваат како некој вид печурка, нема да се растера со пуштањето на струјата, туку со нејзиното исклучување од „колото“ што го води оваа галерија ликови наречена актуелна власт.

Тие не можат, или не сакаат, да сфатат дека проектот „Недела на мрак во Националната галерија“ не завршува со тоа што ја платиле сметката во „ЕВН“. Дека националниот срам од ваквите скандали трае многу, многу подолго од нивниот мандат, дури и од нивните долгогодишни стратегии за развој на културата. И дека таа сметка ја плаќаме и ќе ја плаќаме сите ние. Како, на пример, да им се објасни на Словенците дека нивната изложба „Современа словенечка фотографија“ во Чифте амам, нема да се одржи, зашто во објектот нема струја поради неплатени сметки од државата?!

Само за култура во ваква вмровска фаза може да нема пари да се плати струјата за „Мала станица“, Чифте амам и за Даут-пашиниот амам, каде што се чуваат и се изложени ремек-дела на основоположници на македонското сликарство и скулптура, а да се трошат стотици илјади евра за осветлување кичерајски спомениците во националниот срам наречен „Скопје 2014“.

Извор: Слободен печат
Слика: Александар Ковачевски

ОкоБоли главаВицФото