Социјализмот би требало да започне со она за кое се бори, а не со она против кое се бори

12.11.2015 09:52
Социјализмот би требало да започне со она за кое се бори, а не со она против кое се бори

Развивањето на нашите способности е подредено на потребата за стекнување пари за да преживееме, а работите кои притоа доаѓаат предвид, несразмерно зависат од потребите на најбогатите.

Социјализмот како можност ќе постои сè додека капитализмот продолжува да истрајува како реалност. Но, социјализмот е можност која мора одново да се осмисли. Кои идеи би требало одново да се осмислат? Првите социјалисти како Роберт Овен или Шарл Фурие, сметале дека социјалистичката заедница треба да биде релативно мало, доброволно здружување на личности втемелено на заедничкиот посед на имот, споделување на товарот на работата и распределба на богатството што го создале на релативно егалитарен начин. Социјализмот претставувал укинување на сиромаштијата, а со тоа укинување и на криминалот. Бидејќи денес социјализмот го поврзуваме со државата, а не со заедниците втемелени на доброволна основа – тоа би можело да нè изненади. Државниот социјализам е изум на луѓето како Луи Блан и Карл Маркс. Тие сметале дека проблемот не лежи само во приватната сопственост туку и во специфичната класа која ја монополизирала контролата над тој имот. Тоа би значело дека единствениот начин за трансформирање на општеството е заземање на државата за да се експроприра капиталистичката класа.

Не се работело само за прашањето на тактиката. Поединците како Маркс во модерната технологија гледале не само укинување на сиромаштијата туку и еманципација на човечкиот потенцијал. Социјализмот требало да биде рај на продуктивноста, слободното време и изобилството. Роботите требало да ги заменат работниците, а преостанатата тешка работа требало да биде намалена на минимум така што сите ќе ја делат одговорноста за неа. Осумте часови дневно би станале шест часови, а потоа четири часови дневно, без жртвување на потрошувачката, а сите би имале пристап до одредени производствени средства за да можат да ги употребат за развивање на своите креативни потенцијали.

Причината заради која сето ова помалку звучи изгубено во маглата на минатите времиња или како во пустите желби не е затоа што тоа е неостварливо или непривлечно туку заради тоа што во нашето општество поличкиот моментум е толку слаб. Живееме во капиталистичко општество бидејќи алтернативите – барем досега – се поразени. Заради суровата игра на судбината ни изгледа дека капитализмот, а не социјализмот, е историски неизбежен општествен поредок. Заради недостатоците на големите социјалистички движења или социјалистичките партии кои – за разлика од реално постоечките европски „социјалистички“ партии – веруваат во поопштествување на средствата за производство, социјализмот остана само идеја. Како да станува збор за нечија субјективна преференција која на крајот на краиштата може да има малку последици по општествената реалност. Мислам дека клучот за неговата повторна инвенција лежи во она заради што бил привлечен во минатото: способноста за препознавање на незадоволените и неодложни желби кои капитализмот не е во состојба да ги задоволи, и потоа организирањето на општеството околу тие желби. Постојат многу активисти кои се борат против расизмот, сексизмот и привилегираните слоеви. Но, социјализмот, доколку има намера повторно да ги придобие широките маси, мора да започне со она за кое се бори, а не со она против кое се бори.

Сметам дека во тој поглед Маркс бил на добар пат. Треба да се тргне од надежта дека технологијата може да ги ослободи луѓето од тешката работа без никакви жртвувања на нивните животни задоволства. Универзален одмор и универзална потрошувачка. Заради тоа, наспроти оние левичари кои сметаат дека проблемот со капитализмот е во преголемата потрошувачка, социјалистот може да тврди дека капитализмот ја ограничува потрошувачката. Во капитализмот ни е дозволено да консумираме сè додека повеќето луѓе и понатаму имаат предолго работно време или извршуваат претешки работи на незадоволувачки и непожелни работни места. Тоа, во најмала рака, значи дека капитализмот е недоволно продуктивен бидејќи залудно ги расфрла бројните способности и талентите на луѓето на заглупавувачки или бесмислени задачи – задачи кои би можеле да ги извршуваат машини. Ми изгледа дека социјалистите би требало да ја задржат можноста за воведување четиричасовен работен ден бидејќи капитализмот не е способен да го понуди – освен на оние кои се изразено богати и оние кои се полувработени. За последниве четиричасовниот работен ден е сурова шега и извор на тешкотии наместо задоволства. Во моментов е остварливо, дури и без големо одложување ќе им овозможи на сите да го уживаат нивото на потрошувачката која ги надминува основните животни потреби и притоа да работат многу помалку.

Уште една прикриена желба би можела да претставува развивање на сопствените капацитети на личностите независно од нивната парична вредност. Изразите како „човечки капитал“, „човечки ресурси“ или „способности кои овозможуваат предност“, се девиза на нашето капиталистичко општество. Тие одлично отсликуваат на кој начин размислуваме за своите вештини и таленти. Нè поттикнува кон нив да се однесуваме инструментално, како што би се однесувале кон портфолио со акции од вредност, наместо како кон нешто што е поврзано со нашите животни проекти. Се разбира, постои добра причина заради која кон нив се однесуваме на тој начин: важно ни е да знаеме дали нашиот труд е корисен. Доминантно мерило во нашето општество е дали некој е подготвен да плати за нашиот труд, па заради тоа изгледа дека потребата која ја задоволуваме со тоа е поважна и поитна колку што е поголем износот кој некој ни го исплатува за тоа. Независно колку во одредени случаи ова може да звучи разбирливо, знаеме дека, гледајќи во целина (со оглед на екстремната нееднаквост во богатството и приходите и отсуството на демократска контрола над производството), најпосле, не ги задоволуваме најитните потреби туку потребите на најбогатите. Развивањето на нашите способности е подредено на потребата за стекнување пари за да преживееме, а работите кои притоа доаѓаат предвид, несразмерно зависат од потребите на најбогатите.

Мислам дека социјалистите и за ова прашање имаат што да понудат. Не само великодушниот систем за социјална грижа (здравството, образованието, домувањето, темелниот приход), туку и пристап до производствените средства, за да можеме да експериментираме со креативните потенцијали без притоа да сме присилени да се грижиме за сопственото преживување. Претпоставувам дека во такво општество повеќето луѓе доброволно би придонесувале со своите способности и таленти со цел задоволување на потребите на другите – не заради некаков алтруистички порив, туку од лично задоволство кое произлегува од пронаоѓање сличности помеѓу сопствените склоности и општествените потреби. Во нашето општество поголемиот дел од работата се извршува врз основа на присилување на луѓето своите способности да ги продадат за надница. Сметам дека во социјалистичкото општество би било потребна далеку помалку принуда за да се задоволат општествените потреби, делумно затоа што тие потреби би биле редефинирани на начин што нема да ги вклучува преференциите на богатите, а делумно и заради тоа што оние кои работат би нашле поголема сличност помеѓу работата и општествената корисност. Во секој случај, тоа е вид социјалистичка желба која е вредна за разгледување.

Но, сепак, сите овие се утописки можности. Тие ќе останат такви сè додека не се појави класа која е способна и подготвена да им даде поспецифичен и поконкретен облик.

Извор: http://www.slobodnifilozofski.com/

ОкоБоли главаВицФото