Monty Pyton, Flying Circus

13.11.2015 12:15
Monty Pyton, Flyig Circus

(„And now, for something completely different“)

 

Македонското МНР сместено на улицата Филип Втори Македонски од неодамна е прекрстено (Докон поп и јариќе крсти, српска поговорка) во „Палата Сарафов“. Име што на оваа институција, со оглед на сегашниот рејтинг, најмногу би ѝ одговарало би било „Монти Пајтон летечкиот циркус“. За такво тврдење се потребни аргументи. Следат. Прво, гипсената зграда на брегот на Вардар, чии подруми (сместена најверојатно архивата, ако ја имаат) се под вода, по ниту една дефиниција не е палата, односно Palace или Palais. Второ, ниту едно министерство за надворешни работи не носи лично име, макар што имало безброј заслужни дипломати, па министерствата би можеле да бидат наречени по нивните имиња. Можна е замена на имињата, како што е случај со француското МНР, кое од 1853 се нарекува Quai D’Orsay, според истоимената улица. Тоа не е единствен случај на метонимија за сегашните официјални називи на значајни институции (Белата куќа, Даунинг стрит 10 и др). Но, тоа е нешто друго, комплетно различно, како што впрочем е вообичаена практика дел од судската власт да биде сместена во зграда која ја нарекуваат „Палата на правдата“.

За една ваква институција, Министерство за надворешни работи, да биде нареченa со лично име, мора да постојат многу аргументи. Оние наведени на бронзената табла на споредниот влез во нашето МНР не се доволни. На главниот, пак, влез е паметникот на носителот на името на палатата во која моментно гостува Летечкиот циркус, на коњ, со пушка во рака и опинци на нозете, што не одговара на богатиот Б. Сарафов, кој низ светот шетал во костимите по последната европска мода. Во сегашната „Палата Сарафов“, за жал, сè уште шетаат сурати во дипломатски опинци. Се разбира, не е на вашиот дипломатски хроничар да суди каков дипломат бил Б. Сарафов, контрoверзната личност во уште поконтрoверзните времиња пред Илинденското востание и непосредно после, посебно што неговите патешествија по европските метрополи биле повеќе од сопствена политичка и лукративна промоција, отколку конзистентна дипломатија, што со оглед на етимолошкото потекло на неговото презиме сосема се вклопува со методите на неговите активности.

Посебно се забележува архитектонско-идентитетската какофонија поврзана за наведената локација. Зградата е квазибарокна. Улицата на која е лоцирано МНР го носи името на таткото на најголемиот антички војсководец и освојувач, Филип Втори Македонски, а палатата на МНР го носи името на Славјанин од Пиринска Македонија, инаку образован офицер во Софија. Не е лесно на странските дипломати кога влегуваат во палатата да им се објасни тоа, посебно делот што се однесува на нашиот идентитет. Се разбира дека Бугарите немаат ништо против нашето МНР да го носи името на Б. Сарафов. Причините им се познати на историчарите.

Но, ова не прв случај со лични имиња да се обележуваат објекти што се поврзани со објекти во функција на надворешната политика. Така и ден-денес во Берлин на ул. Кенигсалее 2 на зградата на амбасадата на РМ стои мермерна табла со напомена дека таа е изградена и пуштена во работа во време на амбасадорувањето на сегашниот главен менаџер во фирмата „МПМ“ и воедно и вонреден или редовен професор на еден од скопските универзитети. И ова е единствен случај на зградите на амбасади да има слични обележја со кои се влегува не само во историјата, туку и во археологијата.

Како што веќе постојано најавувам, Летечкиот циркус има секогаш нови нумери. Последната е вклучувањето на македонската амбасадорка во Токио за избор на некаква си убавица. Се разбира дека една режисерка мора да има истенчено чувство за естетика и оттука е во жирито. Големо признание за оваа влада, а и за традиционално пријателските односи меѓу кралството Јапонија и Република Македонија.

Насмеаниот ни министер за надворешни продолжува да се шетка по светот, оставајќи ги кловновите во својот циркус да ја забавуваат публиката. Не е загрижен поради пораките од Србија од највисоко ниво за гласањето за прием на Косово во УНЕСКО. СПЦ не се огласила директно, но пораката од патријархот Иринеј (од која децидно не се огради и политичкиот врв на Србија), би требало посебно да се анализира во заспаниот Синод на МПЦ. По гласањето во Париз, не може да се очекува наскоро нов дијалог меѓу месните цркви.

По условната препорака (уште еден последен испитен рок) за преговори сите понатамошни лобирања и мапет (се извинувам роуд-шоуа) се фарса. Јасно ни е кажано до кај сме и што треба да направиме. Министерот што убаво ни објасни што е пуч, бадијала оди по безбедносни форуми и лобира за прием на РМ во НАТО. Извештајот на Комисијата на ЕУ е круцијален за приемот на РМ во НАТО. Воените стандарди и така не ги исполнуваме. Каква Варшава (идниот самит), какви бакрачи. Работите се решаваат тука. Флоксулите од типот „Приемот на РМ позитивно ќе се одрази врз НАТО, но и врз безбедноста и стабилноста во регионот на ЈИЕ“ не поминуваат. Последна опомена беа настаните во Куманово. Се виде колку обезбедуваме стабилност.

Да се вратам пак на „Палатата Сарафов“, за која кумот уште не ни е познат. Мора да имало стручна анализа на сите овдешни компетентни институции, истакнати историчари, филозофи па и дипломати, врз база на што е донесена одлуката. Кое било име да го добиеше зградата на МНР ќе беше непотребна, неизнудена грешка кажано со тениски речник. Именување на институција каква што е Министерството за надворешни работи со име на една личност значи однапред прејудуцирање на неговата политичка опција или ориентација, што секако не е дипломатски ниту, пак, политички дозволено. Можеби со време зградата на МНР ќе ја нарекуваа „Кеј на палмите“, метонимија што никому немаше да му пречи. Напротив, ќе останеше белег на период на еден ботаничко-архитектонски фалсификат. Вака се заплеткавме во патриотско-предавничка жабокречина на радост на сеирџиите. На Меморандумот на МНР ќе стои „Палата Б. Сарафов“ ул. Филип Втори Македонски. Доволно идентитетски.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото