Тадеуш Баруцки: МСУ ефектно се вклопува во архитектурата на XXI век

13.11.2015 15:35
Тадеуш Баруцки: МСУ ефектно се вклопува во архитектурата на XXI век

[Варшава/Поткова Лешна, август 2015 г.]


Тадеуш Баруцки (роден 1922) е полски архитект, историчар и документарист на архитектурата, автор на голем број книги, обработки и предавања, добитник на многу награди за активноста во областа на промоцијата на знаењето за архитектурата. Автор на монографијата за Тигрите: „Тигрите/Tigers“. Вацлав Клишевски, Јежи Мокшињски, Еугењуш Вјежбицки, Саликс алба, Варшава, 2014 (II издание, дополнето и поправено, I издание на англиски јазик).

По повод 45-годишнината од отворањето на Музејот на современа уметност во Скопје, пренесуваме интервју со Баруцки, во кое зборува за „Варшавските Тигри“, за градбата на Музејот на современата уметност, за архитектурата на Скопје и за полската архитектура на XX век.

 

Дел I. „Тигрите“ во Варшава

 

Кинга Нетман-Мултановска [КНМ]: Од каде произлезе Вашиот интерес за Тигрите?

Тадеуш Баруцки [ТБ]: Пред сѐ, од нивните достигнувања во полската архитектура, почнувајќи од предвоениот период. Од нивниот ефектен настап на професионалниот пазар уште пред војната, со неколку освоени конкурси, како реализацијата на Домашната стопанска банка во Познањ или проектот на Полската виша школа во Лоѓ, по војната променет веќе без учество на Авторите. Но и поради продолжувањето на тоа колективно дејствување исто така по завршувањето на војната.

КНМ: Дали лично ги познававте Тигрите?

ТБ: Се разбира дека ги познавав. Независно од професионалните односи, нѐ поврзуваа и другарски контакти. Домашни посети за време на кои, што е интересно, се продолжуваше предвоената кулинарска варшавска традиција. Домаќинките тогаш се натпреваруваа во идеите и аранжирањето на масата. Притоа, драгоцени беа коментарите во врска и со јадењата и со архитектурата, на едниот од членовите на тимот, родениот варшавјанец, Вацлав Клишевски. Семејството Клишевски живееше во куќа на ул. Горношлонска, проектирана од еден од водечките архитекти на предвоена Полска, Оскар Сосновски, што им годеше на таквите дискусии.

КНМ: Како се запознале Клишевски, Мокшињски и Вјежбицки? Од каде нивниот популарен прекар „Тигри“?

ТБ: Тие се запознаа како студенти на Архитектонскиот факултет при Варшавската политехника. Прекарот „Тигри“ го добија веќе по војната како резултат на тоа што, продолжувајќи ја предвоената традиција, победуваа на наредните архитектонски конкурси. Тогаш една од колешките од БРГГ (Биро за реконструкција на главниот град), графички вештата А. Вејхерт, ги нацрта тројцата Тигри како ги проголтуваат конкурентите и го закачи тој цртеж на вратата од нивната канцеларија кај Ујаздовскиот парк. А архитектонската средина го прифати тој прекар.

КНМ: На кој начин работеа како тричлен тим архитекти? Дали си ги делеа задачите? Дали некој од нив беше „главниот“ Тигар?

ТБ: Тоа беше нивна професионална тајна, која никогаш не ја обелоденија, истакнувајќи го, меѓутоа, заедничкото авторство.

КНМ: Дали имате своја омилена градба во нивно авторство?

ТБ: Тоа беше, бидејќи веќе не постои, Железничката станица во Катовице, разурната кон крајот на првата декада од XXI век.

КНМ: Од каде денес во Полска произлегува толку големиот интерес за достигнувањата на Тигрите и, општо, за историјата на архитектурата на XX век?

ТБ: Во случајот на „Тигрите“, и не само на нив, зашто исто така овде може да се говори и за други архитекти, тоа се позитивни професионални достигнувања и покрај тешките политички и економски услови, во коишто требаше да ја реализираат својата архитектура.

КНМ: За Тигрите се зборува дека биле претставници на „варшавската архитектонска школа“. Што значело тоа во практика?

ТБ: Варшавската архитектонска школа (Архитектонскиот факултет при Варшавската политехника настанал во 1915 година и оваа година прославува сто години постоење) се истакнуваше како со својот научен кадар, кој потекнуваше од разни европски центри, така и со несомнено способната младина. Професорите, образовани во разни европски центри, како на пр. во Петербург, Москва, Одеса, Рига, Карлсруе, Париз, Милано, доведоа со себе во Варшава и разни начини на размислување за архитектурата, вклучително и за нејзината модерност. А, од друга страна, младината, „мобилизирана“ за реконструкција поради фактот за враќањето на независноста од страна на Полска, по Првата светска војна, по речиси двесте години окупација, лакомо го проголта знаењето неопходно за таа цел. Токму во таа атмосфера се образуваа Клишевски, Мокшињски и Вјежбицки, тимот на подоцнежните „Тигри“, кој уште тогаш започна да работи заедно.

 

КНМ: Дали тоа што Тигрите студирале на Варшавската политехника во периодот на градежниот бум во Полска во 30-те години и периодот на модернизмот, кој се ширел низ светот, влијаело некако на нивното согледување на улогата на архитектот и на архитектурата? Во колкав степен беа следбеници на модернистичките идеи?

ТБ: Секако дека тоа влијаеше. И токму тоа го пренесоа со себе во повоениот период. Таа модерност, додуша, беше попречена од периодот на соцреализмот, но по неговото завршување, се врати во понатамошните реализации на „Тигрите“.

КНМ: Тигрите ги разделила војната. Повторно се сретнале во варшавското Биро за реконструкција на главниот град. Каква беше таа средба? Како се одвиваше нивната работа во БРГГ? Тогаш имале отприлика по 35 години. Какви идеали имале?

ТБ: Вјежбицки и Клишевски беа заробеници во воените логори, Мокшињски тоа време го помина во Генералната губернија. По завршувањето на војната се сретнаа токму во Бирото за реконструкција на главниот град, најпрво за време на работата при средувањето на руинираниот град, а потоа во заедничката авторска проектантска канцеларија во БРГГ, во којашто го продолжија предвоеното движење на модерната архитектура.


Дел II. „Тигрите“ во Скопје

 

КНМ: Бевте во Скопје. Каков впечаток Ви остана од тој престој? Прашувам особено за Вашите впечатоци како архитект, за градот и за неговиот архитектонски и урбанистички простор?

ТБ: Во голема мера, како и другите балкански градови, Скопје имаше шмек на ориентален град во кој голема улога играат пазарите и силуетите на џамиите. Уништувањето по земјотресот отвори перспектива за модерна реконструкција на градот. Во неа важна улога одигруваше и Музејот на современата уметност, кој беше проектиран од страна на „Тигрите“ како резултат на освоениот конкурс за таа цел, организиран во Полска. Тој проект воедно беше подарок од Полска за градот разурнат од земјотресот. Неговата карактеристична „акрополска“ положба стана архитектонска доминанта на Скопје.

КНМ: Дали е вистина дека Адолф Циборовски ја посочил локацијата на Музејот и тој ѝ сугерирал на полската делегација на власта (ноември 1965 г.) дека полскиот архитектонски дар за градот треба да биде токму Музејот на современата уметност?

ТБ: Не знам, но тоа е возможно, бидејќи во името на ОН тој се занимаваше со реконструкцијата на градот воопшто по земјотресот.

КНМ: Дали Тигрите изградиле уште нешто надвор од границите на Полска?

ТБ: Сигурно во странство проектираа изложбени павилјони на саемот во Турција и веројатно во Индија, но не сум сигурен дали тие беа изградени.

КНМ: Дали Тигрите беа во Скопје за време на работата на проектот, а можеби и за време на изградбата на Музејот? Дали беа на неговото отворање?

ТБ: Сигурно беа за време на проектирањето и на изградбата, но дали беа и на отворањето, тоа не знам, претпоставувам дека биле.

КНМ: На конкурсот на Здружението на полските архитекти, распишан во 1966 година, пристигнале дури 89 трудови. Тоа е голема бројка како за архитектонски конкурс. Од каде е толкавиот интерес меѓу полските архитекти за конкурсот?

ТБ: Едноставно тоа беше една од првите можности за искажување преку модерната архитектонска форма, во форма на музеј на современата уметност. Меѓународните конкурси беа достапни дури неколку години претходно, а Полјаците на нив постигнуваа изненадувачки успеси.

КНМ: Драматичните вести од Скопје го потресоа светот, кој тогаш се наоѓаше на прагот на конфликтот Исток-Запад. Дали се сеќавате на некакви детали што се однесуваат на полската иницијатива за помош на Скопје? Ми се чини дека тогаш имаше голема политичка, но и човечка мобилизација.

ТБ: Секако дека имаше. Преку ОН, практично целиот свет беше ангажиран. Таа организација, водејќи се според резултатите од реконструкцијата на уништената од војната Варшава, проектот за реконструкција на Скопје им го довери на полските професионалци. Но, проектот за реконструкција на центарот на Скопје го изработуваше и Кензо Танге, славниот јапонски архитект.

КНМ: Многумина локални архитекти до ден-денес ѝ се восхитуваат на градбата на Музејот. Велат, на пример, дека Тигрите не само што идеално ги искористиле квалитетите на локализацијата, туку и во својот многу модерен проект вклучиле и карактеристики на локалната, македонска архитектура. Дали можете Вие, како професионалец, да ни кажете нешто повеќе за предностите на проектот?

ТБ: Да, тоа совршено се гледа во споредбата на карактеристичните бруталистички форми со локалниот бел мермер што, всушност, создава одреден идентитет на таа архитектура.

КНМ: Како денес би го оцениле проектот на Тигрите врз основа на целото нивно достигнување? Како може да се оцени тој проект во XXI век? Нам и понатаму ни се чини сосема модерен и надвременски.

ТБ: И оправдано. Според мене, исто така ефектно се вклопува во архитектурата на XXI век.

КНМ: Скопје е познато по брутализмот, кој во Скопје го воведе јапонскиот архитект Кензо Танге, проектирајќи го планот за реконструкција на центарот на градот, и кој за време на реконструкцијата ги восхити младите, локални архитекти. Тигрите во својата биографија имале едно големо бруталистичко дело – Железничката станица во Катовице. За жал, и покрај протестите на љубителите на архитектурата, неодамна беше урната. Каков беше односот на Тигрите кон брутализмот, толку екстремниот стил во архитектурата?

ТБ: Несомнено тоа беше искажување почит кон модата што се појави тогаш, но како вредност што може да се искористи во современата архитектура. И тоа се однесуваше не само на железничката, туку исто така и на архитектурата на Музејот на современата уметност во Скопје. Можам тоа да го искоментирам. Тоа што во Железничката станица во Катовице беше согледувано како бруталистичка архитектура – гол бетон и едноставна конструкција – е, тоа не треба да се заборави, единствено дел од тој фантастичен проект, кој исто така, од конструкциски аспект, ги зема предвид специфичните тешки локални услови, односно рудничките штети, коишто го отежнуваат финансирањето на објектот. Во оваа прилика, вреди да се спомнат нереализираните фантастични концепции, во кои треба да се вброи првичното решение на Партискиот дом во Варшава. Имено, тој требаше, заедно со Салата за седници што се наоѓа подолу, да ја затвора во панорамска перспектива оската на Ујаздовските Алеи, што во Варшава би создало многу интересно урбанистичко решение. За жал, за тоа беше потребно да се урне зградата на ул. Кшонженца, што во тоа време не беше баш возможно, а од моментот на изградбата на модерниот објект на берзата на ул. Кшонженца тоа веќе стана практично невозможно. Говорејќи за берзата, можеби исто така вреди да се спомне за почитта кон последниот од Тигрите што тогаш уште беше жив, Вацлав Клишевски, којашто му ја изрази копроектантот на зградата на берзата, Станислав Фишер, доаѓајќи кај проектантот на зградата на Партијата со професионална посета со цел да се консултира со него во врска со зградата на берзата што требаше да настане во соседството.

КНМ: Голема благодарност за разговорот и Ве покануваме повторно да го посетите Скопје!

 

Фотографии: Кинга Нетман-Мултановска, направени на изложбата „Во тимот е силата - Тигрите“, МСУ, 10.12.2014.

ОкоБоли главаВицФото