1023 hPa
87 %
8 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 10:59
Знамето се вееше гордо и праќаше порака: СКОПЈЕ Е ОСЛОБОДЕНО!
(Фактор, 13.11.2013)
„Ладно есенско утро, 13 Ноември, 1944-тата година. Партизаните се подготвуваат за борба. Срцата бијат како едно, мислата е насочена само во слободата и другарите, со кои можеби ова ќе биде последната средба“ – на ова се сеќава денес 85-годишната Пенка Кралевска, тогаш една од најмладите партизанки во 12-та Ударна бригада, која учествувала директно во ослободувањето на Скопје. Сеќавањата, вели, се сè уште свежи, како да беше вчера. Како заменик на политичкиот комесар на 12-та бригада, таа зад себе има многу спомени поврзани со војната, со предвоено и повоено Скопје, но повеќе од сигурно, најубавите се врзани токму со ослободувањето на градот.
„Со бригадата бевме стационирани на Водно, се спуштивме кон Офицерскиот дом. Се сеќавам на најзначајниот момент во мојот живот, кога по долга борба низ скопските улици, татнежот на оружјето и стравот во душата, го поставив знамето на врвот од Офицерскиот дом. Драга, мојата другарка, го даде својот живот и до последната минута им помагаше на ранетите. Таа како болничарка се обидуваше да помогне на ранет војник пред училиштето „Гоце Делчев“, кај денешното Друштво на писатели, но тоа беше нејзината последна задача.
Токму тука загина Драгана. Со неа заминаа уште многу наши соборци, другари, роднини, сограѓани кои исто колку нас го сакаа градот и живот што пулсираше низ него, сè додека војната не го зави во мрак. Драга, мојата другарка беше погодена од непријателскиот куршум, во обид да го спаси својот соборец. Таа загина, а тој ранет успеа да се избори со смртта.
Тогаш ми се мешаа чувствата, емоциите и желбата да се успее во намерата да се ослободи градот од окупаторот. Кога стигнавме пред Офицерскиот дом, едвај ја разбивме вратата, но успеавме да стигнеме на врвот. Знамето се вееше гордо и праќаше порака: СКОПЈЕ Е ОСЛОБОДЕНО!
Јас тогаш, паметам, бев најгордата скопјанка, бидејќи ја имав честа да го развиорам знамето, во чест на слободата, во чест на моите другари кои ги дадоа своите животи за својот град. Од Офицерскиот дом, дел од бригадата се упати кон учителската школа. Иако слободно, низ улиците на Скопје сè уште се водеше борба“, вели Пенка Кралевска.
Војна и љубов!
Во бригадата, се сеќава Пенка Кралевска, го запознала својот сопруг Боро Кралевски, сопартиец, другар, а потоа и животен сопатник. Вели, тоа беше голема партизанска љубов. Во бригадата влегов во 1943, а сопругот беше член од 1941, под водство на командант Бузо. Тоа беа времиња на разбирање, дружење и другарство, кога сите дишеа како едно. Уличните борби продолжија, иако Скопје беше ослободено. Но послободно се движевме, како победници, како свои на своето. Во 1946 година својата љубов со Боро ја крунисавме со брак, среќата ја делевме со другарите од бригадата. Многумина од нив останаа наши семејни пријатели уште долго време. Во мене остана да тлее искрата на другарството од партизани, таа врска е најсилна, бидејќи како ретко кога, за другарот си спремен да го дадеш животот. Ќерка ми на шега и денес ме вика 'партизанка'. По името на мојот сопруг-истакнат борец денес има и улица 'Боро Кралевски' во населбата Радишани. Јас од 'Бирарија' во скопската населба Црниче, тој чаирчанец. И двајцата имавме само една мисла-да го видиме нашиот град слободен, да дишеме и шетаме слободно“, додава Кралевска.
Пред 69 години, по 24-часовни борби, Скопје го дочекало снежното 13-ноемвриско утро, ослободено од германските фашистички, окупаторски воени единици. Партизаните 12-та, 3-та и од 16-та Македонска бригада се спуштиле од Водно во добро обезбедениот град, во кој непријателот ги обезбедувал поголемиот број улици и објекти. Татнежот на уличните борби бил најсилен кај Офицерскиот дом, поранешната учителска школа, поштата, хотелот „Македонија“ и кај други значајни објекти во кои биле утврдени германците. Партизаните сепак по деноноќни борби ги протерале и последните германски војници од градот. Утрото на 13 ноември со коњи промарширале низ градскиот плоштад каде што граѓаните ги поздравиле со цвеќиња. На ова се сеќава и претседателот на градскиот одбор на борците, Трајко Стаматовски, кој исто така бил директен учесник во ослободувањето на градот.
„Слабиот снег кој паѓаше токму на 13 ноември, само ни ја олеснуваше работата. Борците од дванаесеттата и третата бригада беа скоро сите скопјани, кои го знаеја својот град како својот џеб. Секое ќоше од теренот можеа мижејќи да го изодат. Патот кон Куманово кое беше ослободено им беше попречен на Германците, се извлекуваа само кон Качаничката клусура-накај Блаце, кадешто ги чекаше во заседа шестата бригада. Во бригадата бевме распоредени по целиот североисточен дел, ја покривавме цела Скопска Црна Гора. Кога пристигнавме во Скопје веќе се водеа жестоки битки. Дванаесеттата бригада се бореше за ослободување на десниот брег на Вардар, како и за сите поголеми објекти – хотелот „Македонија“, училиштето „Гоце Делчев“ (сегашно Друштво на писатели), Офицерскиот дом, Народна банка. Голема битка се водеше кај Старата железничка станица. Германците беа присилени да се предадат. За женската гимназија, која се наоѓаше кај Владата, се водеа борби за секој кат, за секоја училница. Голема помош добивавме од формираните диверзантски групи кои ги имаше околу 20. Ги сечеа телефонските и телеграфските кабли, фаќаа соработници на непријателот од кои ги вадеа клучните информации. Еден таков момент беше кога ги пресекоа каблите кај Камени мост, бидејќи беше планирано да се минира од страна на непријателот, како стратешки објект кој ги поврзува двете страни на Вардар. Непријателот беше стациониран во Офицерскиот дом, можеше сè да посматра бидејќи цело Скопје им беше како на дланка. Позначајни се и битките на Водно и на Матка, и онаа кај денешната кафеана Идадија. Мачна борба ги чекаше борците. Но истрааја до крај“, се сеќава Стаматовски.
Победата дочекана со солзи и цвеќе!
Денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември, е врежан во спомените на борците, кои ја пренесуваат радоста и гордоста и денес. Да потсетат, да укажат и да пренесат како се сакал својот град. Победата над непријателот во далечната 1944 година била дочекана со солзи радосници и цвеќе за ослободителите. Партизаните победоносно, на коњи, парадирале низ центарот на градот. По Скопје, останале неослободени градовите Тетово и Гостивар. Но, најголемата и најтешката битка, се сеќаваат борците, била издвојувана со ослободувањето на главниот град. Околу 500 партизани од кои стотина жени, учествувале во битките за ослободување на градот.
(Дневник, 13.11.2008)
Последната битка се водеше за Учителската школа, која тогаш се наоѓаше во дворот на сегашната Општина Центар, раскажува 81-годишниот Васко Попоски, кој тогаш имал 16 години.
„Снежно и студено предвечерје. Скопје тоне во мрак, а ситниот снег ги штипе студените образи на измрзнатите борци што очекуваат дека ќе се случи нешто големо“, се сеќава на акцијата за ослободување на Скопје, тогаш 16-годишниот курир во оваа бригада, Васко Попоски. Тој сега е потпретседател на Градскиот одбор на Сојузот на борците на Скопје, а бил претседател на Општината Центар по земјотресот во 1963 година и заменик-градоначалник на Скопје. Сликите од 13 ноември 1944 година за него се неизбришливи.
„Се чекаше погодниот момент за напад и ослободување на градот. Дванаесеттата македонска народна ослободителна ударна бригада беше подготвена да се соочи со непријателот. Долго се чекаше муграта за да почне операцијата 'Ослободување на Скопје'“,-се сеќава Попоски.
„Операцијата почна преку Водно, со напад на Железничката станица, Офицерскиот дом, Народната банка, а борбата се разгоре по улиците на градот. Главниот товар во битката падна на 12. и на 16. македонска народна ослободителна ударна бригада.
„Последната битка се водеше за ослободување на Учителската школа, која тогаш се наоѓаше во дворот на сегашната Општина Центар. Сега е зачувана само влезната врата. Со ослободувањето на овој објект конечно беше ослободено цело Скопје. Школата се наоѓаше на отворена површина и затоа беше тешко да се освои“, се сеќава сега 81- годишниот старец.
Васко требало да им помогне на борците од 12. македонска бригада да стигнат до непријателските позиции, во близина на Учителската школа, без да бидат забележани.
„Средбата со моите соборци беше договорена во беговската куќа во Тафталиџе. За да не доцнам, позајмив и часовник од мојот сосед. Бевме однапред договорени за воспоставување на контактот кој беше успешно спроведен. Потоа, целата операција беше и успешно изведена. Иак, во првиот момент непријателот не сакаше да се предаде, испративме жена која знаеше германски. Таа требаше да ги убеди да се предадат, но безуспешно. Тие го одбија предлогот. Не ни преостануваше ништо друго, туку да разгориме битка, да расчистиме со оружје и да ги протераме од објектот“, раскажува Попоски.
Скопје до вечерта било целосно ослободено, а слободата била прославена со песни низ целиот град.
Михаило Апостолски
Борбите за ослободување на Скопје
(Окно, 13.11.2013)
Во текот на 12 и 13 ноември се развија жестоки борби; одделни згради, како Народната банка, поштата и др. по неколкупати преминуваа од раце в раце. Во тие борби голема улога изиграа ударните групи од градот. Тие веднаш по продорт на единиците од III и XII бригада во градот, се појавија и со самопрегорен елан ненадејно нападнаа на Германците в грб и в бокови, се поврзаа со нашите единици и вршеа улога на незаменливи водачи, оти точно го познаваа не само градот туку и организацијата на германската одбрана, та со тоа им укажуваа оргомна услуга на нашите единици.
50 НО дивизија и VIII бригада, со извесно задоцнување претпладне на 12 ноември отпочнаа напад на германската одбрана на источниот дел од градот. И овде се развија тешки борби, нарочно во индустрискиот дел од градот и во регионот Гази Баба. Дејството на овие единици почна да се сеќава кај 42 НО дивизија. Успесите на единиците од 42 НО дивизија во јужниот дел на Скопје, се зацврснаа со успешното и енергично напредување на 50 НО дивизија и VIII бригада. Германците почнаа да го сеќаваат стегањето на обрачот.
Михаило Апостолски
Планот на битката за Скопје
(Окно, 13.11.2014)
За ослободувањето на Скопје, кое беше солидно организирано и брането со сили од околу една дивизија, можеа да се заангажираат само 42. НО и 50. НО дивизија, и XVI бригада од Кумановската дивизија. 41. НО дивизија доби задача држејќи ги комуникациите во реонот на Градско, Криволок, Кавадарци, Плетвар, да ја затвори долината на Вардар и со тоа да ги заштити од дејството на Германците по тој правец операциите на 49. НО дивизија во правецот на Битола, како и операциите на 42. и 50. НО дивизија во битката за Скопје, и најпосле да послужи како резерва на Главниот штаб на НОв и пО на Македонија. Оттука 41. НО дивизија можеше да се употреби за 2-3 дневен марш, спрема Битола, како поддршка за 49. дивизија спрема Кичево, за да го осигура евентуално бокот во време на нападот на Скопје од дејството на балистите од Западна Македонија (на овој правец подоцна беше и употребена), како и спрема Скопје за експлоатација на успехот на 42. и 50. НО дивизија.
Во потрага по исчезнатиот споменик на стреланите скопјани на 13 ноември 1944 година
(Окно, 15.11.2014)
Дали некој всушност сака од меморијата на скопјани да го избрише споменот на нашите стрелани сограѓани? Или тоа само го потврдува неодговорниот однос на властите кон антифашистичкото културно наследство? Каде е оригиналот и кој дозволил еден дел од колективната меморија, паметник за почит и извонредно уметничко дело да биде изгубено?
(Окно, 17.11.2014)
На 15 ноември 2014, група граѓани, можеби инспирирани од ветувањето на градоначалникот Коце Трајановски дека ќе го врати исчезнатиот споменик на десетмината стрелани скопјани на 13 ноември 1944 година, поставија импровизиран картонски споменик на истото место каде што се наоѓаше некогашниот споменик (на крајот на Камени мост, на десната страна - гледано од центар - на сегашниот плоштад Карпошово востание). Уште истиот ден, многу брзо по поставувањето, картонскиот споменик беше отстранет, на ист начин како и гранитниот пред него. Очигледно во Македонија под чизмата на ДПМНЕ дојде време кога се криминализирани партизанството и сеќавањето на оние кои го дале животот за земјава!
Скопје града покрај тиок Вардар
(Окно, 13.11.2012)
СОБРАЛЕ СЕ МЛАДИ ПАРТИЗАНИ
Собрале се млади партизани,
собрале се на Китка Планина,
собрале се на Китка Планина.
Формирале Дванаеста Бригада,
другар Бузо командант им беше,
другар Бузо командант им беше.
-Слушајте ме, браќа партизани,
да појдеме горе на врв Водно,
да појдеме горе на врв Водно.
И од таму борба да водиме,
да ослободиме поробено Скопје,
да ослободиме поробено Скопје.
Па ми почна борба да се води,
ослободива поробено Скопје,
ослободива поробено Скопје.
Арслан Новинарски
Николај Грубевски го ослободи Скопје
(Окно, 13.11.2012)
На свеченоста пред западниот влез на главниот град, македонскиот премиер Николај Грубевски соопшти дека Скопје од денес па натаму ќе биде слободно. Грубевски заедно со Трале Коцев ја пресече црвената лента пред влезот на македонската престолнина и со тоа свечено го пушти во употреба старо-новиот град.