Скандалозен однос на полицијата и брзата помош!

14.11.2015 14:45
„Малолетно лице“, „модрици по цело тело“, „врисоци“, „потенцијална жртва на насилство/силување“ не се доволни за полицијата и брза помош!

Три дена ми требаа да се соберам од глетката во вторникот. Некаде околу 4 попладне, влегува во канцеларија сосетка, видно вознемирена ми бара чаша вода, и ми соопштува дека надвор на улица има девојче кое е сосема голо, цело со модрици и постар маж кој пробува да ја облече. Заедно истрчуваме до кај нив, јас го прашувам човекот што е проблемот и дали може некако да помогнам, на што не добивам никаков одговор, туку нервозно, неразбирливо викање.

Модриците на девојчето, кое изгледа како да има дванаесетина години, се најизразени и најголеми во пределот на препоните, а не изостануваат ниту по остатокот од телото. Се враќам во канцеларија по телефонот, па назад кај девојчето, кое има тантрум и вика, и мажот, кој веќе до пола успеал да ја облече, колешка врти во полиција а од таму добива брилијантно прво прашање со остроумност на која и Поаро може да позавиди: „А каде живеат тие?“

По кратко натегање и пластично објаснување дека не знаеме, дека во моментов сè се одвива пред нас, од полиција добиваме одговор: „Добро ајде, ќе дојде некој“. Во меѓувреме, ѕвониме и во Брза помош, од каде, замислете, добивме уште еден брилијантен одговор: „Тоа е приватна работа, ако сака таткото нека се јави. Ние не можеме да дојдеме освен ако не се јави таткото.“ Еј супер, ако некогаш некој ве повреди на сред улица, на сред бел ден, не се секирајте, сè што треба да направите е да чекате тој што ве повредил да се јави на брза помош да ве собере.

Додека да пристигне полицијата, „таткото“ и девојчето се оддалечуваат во насока на студентскиот дом „Кузман“, и иако во тој момент не може да отишле предалеку заради натегањето и темпото со кое се движеа, веќе не ни се во видик. Прашање број еден на првиот џандар: „Дали беа Роми?“, на што му одговоривме дека не знаеме и дека не е ни важно. По кратко објаснување на ситуацијата, добиваме една одлична деконструкција и заклучок кој гласеше: „Ааа, па девојчето имало психички проблеми, слушајте ме што ви зборам, знам“.

И покрај очигледните причини да не го направат истото (најверојатно Роми, девојчето со психички проблеми), неволно се согласија да направат една обиколка, 15 минути дремеа во место и си правеа муабет, по што се одвезоа во непознат правец. Сабајлево одејќи накај работа ги видов од крв или фекалии извалканите фармерки од девојчето, кои останаа да лежат на тротоарот како нем сведок на фактот дека ниту полицијата ниту брзата помош не трзнаа на „малолетно лице“, „модрици по цело тело“, „врисоци“, „потенцијална жртва на насилство/силување“, едниве затоа што најверојатно се работеше за Роми, другиве затоа што тоа било „приватна работа“.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Флавија Карваљо (лузни од насилство претворени во тетоважи)