Промоција на книгата ФИЛМ.МКД на Игор Анѓелков

16.11.2015 02:43
Промоција на книгата ФИЛМ.МКД на Игор Анѓелков

На 16 ноември (понеделник) во рамки на 14. издание на фестивалот на европски филм (Хотел) Синедејс, во Галеријата на МКЦ, со почеток во 19 часот ќе се случи промоцијата на книгата ФИЛМ.МКД на Игор Анѓелков, која ја објави издавачката куќа Или-Или. За книгата, која претставува комбинација од интервјуа и филмски рецензии со кои авторот прави пресек на македонскиот филм од почетокот на 21 век, ќе зборуваат Роберт Насков и Мими Ѓоргоска Илиевска.


„Конципирајќи ја книгата со мешавина од интервјуа и рецензии низ кои прави пресек токму на филмот во Македонија во новиот милениум, Анѓелков успева да проникне во филмската приказна на овие простори, создавајќи дело кое од една страна фактографски го проследува филмот во Македонија во 21. век низ сведоштва на директните протагонисти во приказната, а од друга страна истото претставува документ-тестамент за едно време во кое филмската уметност кај нас создаде дела кои од различен агол зборуваат за тешката транзиција, но и нè навраќаат во некои минати времиња, препрочитувајќи ја историјата на автентичен, авторски начин. Имајќи го предвид горенаведеното, сметам дека вакви филмолошки изданија се еден од клучните сегменти за развој на филмската култура, а воедно се потребни и за генерациите кои во иднина ќе го проучуваат македонскиот филм и историјата на македонската кинематографија“, пишува Мими Ѓоргоска Илиевска во рецензијата на книгата.

Игор Анѓелков (1974) магистрирал на мастер студиите по „Медиуми и комуникации“ на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со медиско третирање на филмската уметност активно се занимава од 1997 година. Бил член на жиријата на домашните фестивали „Македокс“, „Осфаф“, „Ехо“... „Филм.мкд“ е негова прва теориска книга, по збирката раскази „Кротки приказни“ (2006) и романите „Крај-пат“ (2010) и „Фото синтеза“ (2013).