Музичката пародија во видеото на песната „Free.mp3 (The Pirate Bay Song)“ на Дубиоза колектив

16.11.2015 13:28
Музичката пародија во видеото на песната „Free.mp3 (The Pirate Bay Song)“ на Дубиоза колектив

Концептот на пародија најчесто се става во контекст на постигнување комичен ефект низ исмејување на веќе постоечки уметнички форми. Но, пародијата има и иновативни пристапи, креативни рефлексии на разни уметнички продукти. Исто така, пародијата во областа на музиката не вклучува само иронични гестови, исмејувања туку содржи и позитивни референци и ставови преку интерпретирањето на музичките дела, на пример, во форма на музичко видео, која е и предмет на дискусија во овој текст. На последниот албум Апсурдистан (2013), босанскиот инди бенд Дубиоза колектив ја третира темата на пародијата преку нивните текстови на регионално ниво, на пример, во песната „Бријуни“. Но, пародичниот контекст Дубиоза колектив го проширија на глобално ниво со неодамнешното промовирање на новото музичко видео насловено „Free.mp3 (The Pirate Bay Song)“, во продукција на Фабрика од Сараево (песната е дел од ЕП-то Happy Machine, 2014).

Кај Дубиоза колектив, фузијата меѓу глобалната или западна поп музика и локалниот балкански етно звук е надополнета со јазикот на музичката пародија на интертекстуално ниво. На официјалниот саjт на Дубиоза колектив пишува дека песната „Free.mp3“ е посветена на основачите на една од најпопуларните веб страни за бесплатно симнување на музика или филм, The Pirate bay, Gottfrid Svartholm Warg - anakata и Peter Sunde - brokep кои изминативе години се соочуваат со парични и затворски казни. Самата песна опфаќа теми или прашања за авторските права во дигиталната ера, за приватноста на интернетот и за слободата на информирањето.

Во видеото има надополнување меѓу содржината на песната и визуелизацијата преку која се нижат сцени на движењето на членовите на Дубиоза колектив низ виртуелниот свет на интернетот, сајтовите кои нудат бесплатно симнување, но и меѓу оние сајтови кои нудат разни специјални понуди за купување на најразновидни производи. На Дубиоза колектив не им е гајле за авторските права, тие земаат од богатите и им даваат на сиромашните, тие се Робин Худ во светот на интернетот. Според Леви, пародијата има врска со игривоста, која преовладува во поголем дел од популарната музика и е една од главните типолошки карактеристики, но истовремено амбивалентноста на игривоста дава или открива и субверзивен став кој ги елеминира едностраните погледи на авторитарните позиции (Клер Леви, Музикалната пародия, 2012: 58). Во видеото амбивалентноста доаѓа до израз со споменувањето на Викилис, нацртите на НАСА, со инверзниот третман на Обама кој од ветување „надеж“ станува полу-дрон. Инверзното значење овозможува модифицирање и артикулирање на комплексната интерпретативна динамика на уметничката интенција, критичкиот аспект и на јавната рецепција на самото видео. Реториката на пародијата на Дубиоза колектив не е едноставно форма на испреплетување на структурните елементи од претходни текстови или дела, туку таа содржи функционални аспекти. Во видеото централната тема за можностите на новите медиуми (интернетот) се претставува низ анимирачките кодови на културната или музичката меморија, низ карневалската реторика, инверзијата, ироничните пристапи кои даваат креативен, свеж и метафоричен потенцијал на хумор и критика.

Слични содржини

Музика / Око / Музички спотови

ОкоБоли главаВицФото