Квир екологија

17.11.2015 04:35
Квир екологија

„Екологијата и квир теоријата се интимно поврзани. Не станува збор за тоа дека еколошкото промислување на нештата профитирало од надворешното инјектирање на квир теоријата, туку главната поента лежи во фактот дека, целосно и прописно, екологијата е квир теорија и квир теоријата е екологија: квир теорија“.

Познат по книгите The Ecological Thought (2010) и Ecology without Nature (2007), и припадник на движењето на објектно-ориентираната филозофија, професорот Тимоти Мортон од Универзитетот Рајс, заедничкото кај квир теоријата и екологијата го наоѓа во фактот дека и двете бараат одреден вид интимност со други битија и се обидуваат, категориите кои инаку ги сфаќаме здраво за готово(на пр. природа или идентитет), да ги согледаат како перформативни процеси.

И екологијата и квир теоријата се занимаваат со прашањето на автентичноста. Мортон објаснува дека „како што деконструкцијата покажува дека ниту еден текст не е целосно автентичен, така биологијата открива дека не постои автентична форма на живот“. На пример, преку ДНК е невозможно да се распознае „изворната“ секвенца на вметнатиот вирусен код.

Мортон е критичен кон идејата за природата како метафизички, затворен систем, и истакнува дека таквата идеологија, заснована на бинарната поделба на надворешно и внатрешно, во крајна линија е хетеросексуална. Притоа, овде се реферира на американската теоретичарка Џудит Батлер, која наведува дека мораме одново да ја преиспитаме „природата“ преку еколошката идеја за меѓусебната поврзаност. Според Мортон, концептот на природата како изворно чиста и неизвалкана е споредлив со патријархалната конструкција на фигурата на жената, до таа мера што и во контекст на двата случаи можеме да зборуваме за „парадоксален чин на садистичко восхитување“.

Теоријата на еволуцијата може да послужи како еден од сојузниците на квир екологијата бидејќи е анти-есенцијалистичка и ги укинува цврстите граници меѓу видовите. „Можеби сме отелотворени, но немаме суштина“, вели Мортон, и сугерира формите на живот да ги перцепираме како тековниот живот, како испреплетени и поврзани меѓуодноси кои ги замаглуваат границите на сите нивоа: меѓу видовите, живото и неживото, организмите и животната средина.

Илустрации на Марк Нуи: дијаграми или методична интерпретација на книгата А Thousand Plateaus Capitalism and Schzophrenia (1987) од Жил Делез и Феликс Гатари

Материјализмот на Мортон не е супстанцијалистички (супстанцијализам - филозофски поглед, според кој реалноста се состои од константни битија или супстанции), односно материјата се сфаќа како самосоставувачки мрежи на меѓуодносот. Во оваа смисла сфатен тековниот живот не претставува затворен свет, бидејќи световите имаат хоризонти (овде и таму, надвор и внатре), а квир екологијата ја поткопува исклучувачката логиката на создавање светови, онаа која секогаш подразбира насилство и присилно заборавање.

Мортон, исто така зборува за мрачната биологија, преодниот период од идеолошки фиксации на природата кон целосно „поквирената“ екологија. Мрачната екологијата заговара надреална и морничава поврзаност на сите суштества, бришејќи ја линијата меѓу оние кои се „живи“ и „неживи“. Факт е дека „природата не застанува,продолжува, оди напред, слепо како некое зомби, а ние ја гледаме попреку, ја врамуваме, ѝ поставуваме граници“. Потребно е да се препознае таа истрајна карактеристика на меѓусебно поврзаните форми на живот, и наместо метафора на автентичноста (која ја користат органските теории за природата) да заговара (само)иронија и свест за сопствената вмреженост.

Радикалната еколошка политика бара усвојување на идејата за чудниот странец (адаптација на поимот arrivant* на Жак Дерида) кој опфаќа други форми на живот, и чија другост е непремостлива. Сепак, чудните странци ни делуваат зачудувачки познато, а тоа е затоа што тие се состојат од други странци: сите имаме ДНК, клеточна структура, потпрограми во мозочниот софтвер. Но, наместо редуцирање на сè и секого на истоветност, еколошката меѓузависност ја умножува различноста, поттикнувајќи „полиморфна перверзна припадност“ која не се вклопува во постоечките категории.

Тоа е причината поради која квир екологијата може да овозможи да замислиме форми на уживање, кои не се хетеронормативни и кои не ги дефинираат границите на телото.

*Аrrivant е битие чиешто битие не можеме да го предвидиме, чие доаѓање е крајно неочекувано. Чудниот странец не е само чуден, туку повеќе чуден на еден вознемирувачки начин. Чудните странци се чудни дури и самите на себе. Да се прими овој странец е врвен гест на гостопримство. Нивната необичност е несведлива, таква што колку повеќе знаеме за нив, толку повеќе тие стануваат чудни. (Derrida, Of Hospitality, 2000)

Слики: Marc Ngui

Извор: www.voxfeminae.net