Легален рекет – со значка и пиштол!

17.11.2015 04:16
Легален рекет – со значка и пиштол!

Една од малкуте работи која на сите во Македонија ни е јасна како ден е семоќта на државата и комплетната маргинализација на индивидуата, која при евентуален конфликт, од каква било природа и карактер, со државната машинерија, станува „инвалидизиран карактер“ во тој целосно извесен епилог. Или поинаку кажано, обичниот човек во нашава држава е само обичен пион, без никаква моќ да се избори за личните права, а уште помалку да изврши некаква промена и да не биде само статистичка бројка.

Колку повеќе ја „збогатувам“ сопствената емпирија со случки и настани во кои се имам најдено на спротивставена страна со институциите на нашата држава, надополнета со посредни знаења за други луѓе кои имале слично искуство, сè повеќе на ум ми доаѓа приказната на Франц Кафка од „Процес“. Приказната која што свештеникот му ја раскажува на Јозеф К., за обичниот човек од село кој сакал да влезе во куќата на Законот и Правдата, па како последица на својата силна желба и решителност да се запознае со Законот лично, го поминал целиот свој живот чекајќи да го пречекори прагот на вратата, преку која мора да помине за да ја оствари својата намера.

Без никаква желба да бидам арогантен или било што слично, нема да ја раскажувам приказната овде, ниту би ја парафразирал, туку ќе оставам оние кои ја знаат истата, самите да направат споредба со неа и она што ќе го кажам подолу. Иако мојата приказна во никој случај нема да се бави со такви длабоки филозофски, етички прашања, сепак има доста сличности со кратката приказна на Кафка, за обичниот човек кој е во потрага по правда. Дотолку повеќе што верувам дека во случајов ќе се препознаат повеќе граѓани на Македонија, кои имале блиска средба со органите за законот, дури и од сосема други причини.

Ќе започнам со тоа што ќе ви кажам дека живеам во внатрешноста на нашата држава, во една од поголемите македонски провинции, која дури се смета и за центар на овој дел од државата. Претходно, скоро десет години живеев во главниот град, во периодот од животот кога човек најсилно се оформува како личност. Па кога пред околу седум-осум години се вратив овде, немав намера да останам на трајна основа. Но, бидејќи тоа се случуваше во период кога во мојот град започнуваа да се случуваат значајни промени, истите ме заинтригираа да останам некое време и да видам што и како. Имаше голем прилив на млади луѓе од други градови - над 10.000 - кои доаѓаа овде да го започнат (или продолжат) својот академски живот. Ова ми даде надеж дека можам да бидам дел од процесот во кој ќе се случуваат одредени општествени промени, од кои барем дел може да се насочат во позитивна насока. И еве, сè уште сум овде.

 

Од друга страна, во мојот град отсекогаш, уште кога и јас бев тинејџер (сега сум во средни 30-ти) постоела супкултурата на лесни и тешки дроги. Постојано имаше голем број групи луѓе кои пушеа марихуана, и други кои зло/употребуваа тешки, недозволени супстанци. Конјункција на ваквите делувања секогаш бил судирот со органите на законот и власта. Но кога ќе погледнам сега, од оваа гледна точка, реалниот заклучок е дека ретко кога тие „судири“ биле од посериозен карактер. Посебно кога стануваше збор за „ганџа“, во најголем дел случаи полицијата не беше толку остра, а слично се однесуваше и судот, кога некој јадник ќе мораше да се појави пред него. Но во случаите кога некој „пафкарош“ ќе завршеше пред суд поради некоја мала количина ганџа што му ја нашле џандарите, една од главните замерки која уште од тогаш ја имавме, беше истиот третман кој (официјално) судиите го имаа кон тревата и кон хероинот. Сите бевме на мислење дека тоа е неправедно, и се надевавме дека со текот на годините работите ќе се променат на подобро. Како главен аргумент кој си го кажувавме беше тоа дека откако за 10 до 20 години ќе се променат повеќе генерации во власта, на тие столчиња ќе седнат луѓе со далеку поголеми знаења за оваа проблематика, и пред сè, со отворен ум и со прогресивни општествени ставови. Колку само сме биле наивни...

И така доаѓам до сегашноста и главната тема на ова мое излагање. Поминаа 20 години, се променија многу генерации, и навистина, и во полицијата и во судовите, во фотелјите седнаа луѓе кои не само што добро ја знаат разликата меѓу ганџа и тешки дроги, туку добар дел се поранешни консументи, па има дури и такви за кои знаеме дека и сега повремено знаат „да откачат“. Но ова воопшто не донесе промени на какви што се надевавме, туку само се сменија методите на казнување и третирање на сите лица кои употребуваат недозволени супстанци (секакви).

Не знам колку читателите се запознаени со законот, што се случува кога некој ќе биде фатен со мала количина (за лична употреба), било на трева, било на дрога (затоа што законот НЕ ПРАВИ РАЗЛИКА). Полицијата го носи престапникот во станица, го испрашува одредено време (се труди да го „убеди“ да потпише официјална изјава од кого земал) и потоа следи давање на урина, за на крај да го пуштаат.

Е токму овој последен дел е суштината на мојот мотив за ова излагање. Значи, откако индивидуата ќе остави уринарен примерок, после одредено време, на домашна адреса му доаѓаат два-тројца џандари во униформа, и го повикуваат на разговор во станица. Официјалниот „наслов“ на поканата е „Израмнување“ (или порамнување) Израмнувањето значи дека треба да се израмниш со државата и законот, затоа што си сторил прекршок „недозволена употреба на нелегални супстанци“, а тие не те затвориле, па како „контра-услуга“ да им платиш глоба. Нешто како „Ќе ти го истријам грбот, па потоа и ти мене“.

 

Не сум сугурен, но мислам дека оваа законска метода на „израмнување“ е донесена во овие 9 години, од оваа власт. А и ако не е така, тогаш сигурно е дека тие почнаа да ја „упражњаваат до даска“! Сосема логично со сето останато кое му го прават сиве овие години на сопствениот народ, кога сакаат да му ги земат парите од џебот. Ти викаат: „Плати сега (или во наредниве 8 дена) 100 евра казна, или потоа ти следи одредување нова казна, од 300 до 500 евра“.

Навистина не знам каква е ситуацијата со ова во другите градови низ Македонија, но овде, кај мене, ова е станато редовна и постојана пракса на полицијата, на одделот Алфи и НТШ. Буквално скоро и да не може да налеташ на човек кој употребува забранети супстанци, а да нема по неколку казни и блокирани сметки. А кога ќе се земе в предвид дека навистина голем дел од младата популација спаѓа во групата на корисници (повремени или редовни), и дека кога на регистрираните жители на градот ќе им се додадат и оние десетина илјади студенти кои овде живеат, плус луѓето од малите гратчиња кои исто така овде работат и живеат, станува збор за солидна група, од вкупно 70-тина илјади луѓе кои циркулираат низ градов. Помеѓу нив има цел куп лица од интерес за полицијата. Јас сум еден од нив.

Значи, немојте да мислите дека ги потенцирам само „пушачите на трева“, туку и добриот дел зависници од хероин. Наместо да ги гони дилерите, полицијата секојдневно се изживува врз сите нас, лепејќи казни ко што пијаници лепат пари на певаљка во кафеана.

Да! Јас сум повремен корисник на забранети супстанци, но не сум дилер, немам криминално досие во полиција, чесно заработувам за својата егзистенција, без притоа да бидам партиски паразит кој чека работа во државна институција, немам направено никаков друг прекршок или криминален акт... единствен грев ми е тој! Но тоа што користам законски забранети супстанци не значи дека ќе замотам џоинт и ќе идам да го пушам на улица низ центар, ниту дека одам да шмркам линии пред деца во градинка, или училиште... ништо од тоа! А сепак, годинава веќе три пати завршувам во станица, со дебели казни на мое име, и сега, со блокирана банкарска сметка! Притоа, морам да напоменам дека сите три пати, полицијата ме сопира без НИКАКВА ПРИЧИНА додека си одам нормално по улица! Ми приоѓаат и ме тресат до гола кожа, па првиот пат ми наоѓаат 0.3 грама канабис, вториот и третиот пат ме чекаат во влезот од зграда, ме тресат и најважно, НИШТО не ми наоѓаат! А сепак, за да ја задржат рутината, ме носат во станица, кај што треба да дадам примерок урина, и потоа веднаш си одам!

 

Можеби некој ќе помисли дека имам некои нерасчистени сметки со полицајците?! Нема такво нешто! Едноставно, некои од нив ме знаат дека сум корисник и го користат тоа за да ме малтретираат и финансиски да ме тероризираат. А примери како мене во нашиот град има да ги ринеш со лопата! Има уште полоши случаи! Не знам дали можете да замислите како му е на некој тежок зависник, кој цел ден го поминал да пронајде 500 денари, за на крај, кога конечно ќе земе и се упатил кон дома „да си заврши работа“, да го сопре полиција (му го наоѓа или најчесто не, го фрлил или сл.) и го носи во станица да даде урина. На крај истиот тој плачејќи си оди дома, затоа што на сите маки кои ги поминал да дојде до пари и да си купи, на крај останал со празни раце, затоа што џандарите не го гонат дилерот, туку одат по зависникот, дури и кога ги гледаат отстрана како завршуваат дил!

Во време кога во цел свет луѓето стануваат свесни за благородните дејства на марихуаната, па истата се легализира, кога на зависните им се дава помош, можност да се вратат на прав пат, кај нас полицијата редовно врши легален рекет со своите значки и пиштоли!

Навистина не знам како на друг начин да гледам на овој проблем. Од некои разговори со другари од Скопје, сум слушнал дека таму вакви работи не се случуваат (или крајно ретко), а како е во другите провинции (затоа што надвор од Скопје, сите градови се токму тоа, без разлика дали станува збор за Куманово, Битола, Тетово, Штип, Охрид...) можам само да погодувам.

Но имам желба некој (чијшто глас има општествена тежина) јавно да проговори нешто за овој ЛЕГАЛЕН РЕКЕТ на полицијата, затоа што трпението е навистина при крај. Со ова не мислам дека на сите во мојот град ќе им пукне филмот и ќе седнат пред полиција или суд, и нема да си отидат додека нешто не се смени (кај нас тоа не е сценарио ниту од Sc-Fi филм), но добар дел барем можеме да ги поминеме границите на градов, државава, и да продолжиме да живееме мирно и спокојно некаде каде што човек нема да биде дефиниран според тоа колку џоинта испушил, дали кркнал табла на журка или концерт, туку според неговото општествено однесување и придонесот кој ú го дава на државата како поединец! Во спротивно, сè повеќе станувам убеден дека споменатата приказна од Кафка ќе биде совршен епитаф за животот во Македонија на многумина од нас!

Слики: Michael Creese