Евро-обврзницата, Апашите и Пржино

17.11.2015 14:33
Евро-обврзницата, Апашите и Пржино

Долго време зборуваме за неодговорното задолжување на земјата што го вршат Кумот и Кумашинот, со благослов на Парламентот. Досега нема фајде: „самосвесните“, „полусвесните“ и „несвесните“ лудаци (зборот „лудаци“, како што знаете, е позајмен) продолжуваат. Поаѓајќи од обемот, намената на заемите, како и од фактите за лично богатење, целта не им е да ја развијат Македонија, туку: да ја задржат власта за да го продолжат личното богатење колку може подолго; да ја „преработат“ историјата; и да го коригираат националниот идентитет. Годишните инкременти на кумулираниот долг стануваат сè поголеми. Минатата година, покрај другите кредитни линии, ја издадоа најголемата по износ евро-обврзница - 500 милиони евра. По тој повод, „самосвесниот“ лудак, во функција на министер за финансии, одржа прес-конференција и бесрамно се фалеше како „евтино“ нè задолжил - „успеал“ да „добие“ камата од „само“ 3,975%. А вистината е следната: издадоа евро-обврзница од 500 милиони евра. На име на „премија за ризик“ веднаш ни задржаа околу 32 милиони евра, кои се вкаматуваат (во полза на купувачот на обврзницата) за целиот седумгодишен период на доспевање на евро-обврзницата. Тоа значи дека нè задолжија за 500 милиони, а примивме 468 милиони евра. На тој начин, заедно со вкаматената премија за ризик, ефективната камата на тие 500 милиони евра долг не изнесува 3.975, како што соопштија, а другото го премолчија, туку 5.06%. Затоа, на крајот на доспевањето на обврзницата, граѓаните на Македонија ќе вратат 500 милиони основен долг (за таа обврзница) плус околу 172 милиони евра ефективна камата, што заедно изнесува околу 672 милиони евра.

Деновиве „самосвесните“ лудаци објавија дека одлучиле да издадат нова евро-обврзница со ист износ како минатогодишната - 500 милиони евра. А, како што знаете, во „кастрираниот“ парламент, со членови чија совест однапред била купена со „меници за благодарност“ за тоа што ќе се појават во директен пренос на МРТВ (плус некоја материјална синекура), деновиве беше во тек и усвојувањето на неколку нови закони за друг вид задолжување во износ (без камата и други трошоци) од околу 200 милиони евра. Бидејќи одлучиле новата евро-обврзница да биде десетгодишна, тоа значи дека на име ефективна камата граѓаните на Македонија (под претпоставка каматата и премијата за ризик да бидат исти како и за минатогодишната) ќе платат над 250 милиони евра. Заедно со основицата, за таа нова обврзница Македонија ќе мора да врати повеќе од 750 милиони евра нов долг. Според тоа, само за двете обврзници со вкупен номинален износ од една милијарда евра - минатогодишната и претстојната - Македонија ќе мора да врати назад најмалку околу 1.5 милијарди евра.

ЗОШТО Е НЕОДРЖЛИВО ВАКВОТО ЗАДОЛЖУВАЊЕ?

Еве некои индикатори кои се во сериозен расчекор, и тоа подолго време, а не треба да бидат, или барем не со таков интензитет на разлики:

1. Номиналниот бруто домашен производ (БДП) од 2006. до 2014. се зголемил за 57% (од 335 на 526 милијарди денари). Ако се вклучи 2015. (со проектираниот БДП) растот изнесува околу 62%. Во истиот период јавниот долг (според нецелосната дефиниција на Владата тој се состои од долгот на Централната власт, долгот на општините и долгот на јавните претпријатија за кој централната власт издала гаранција) се зголемил за 116 % - од 1.82 на 3.94 милијарди евра - тоа значи со двојно побрза динамика. Ако споредбата ја направиме со 2007, наместо со 2006., јазот меѓу растот на БДП и долгот е уште поголем - долгот е зголемен за 151%. Исклучувањето на 2006 е оправдано зашто на почетокот на 2007 година Владата изврши предвремена отплата на надворешен долг во износ од 210 милиони евра од девизни резерви акумулирани пред нејзиното доаѓање на власт. Но, треба да знаеме дека ова не е целиот долг - постои значителен износ кој гангстериве во Владата го прикриваат, така што вистинскиот јаз помеѓу номиналниот раст на БДП и растот на јавниот долг е уште поголем. За тоа сум зборувал повеќе пати.

2. Бруто надворешниот долг (збир од надворешниот долг на приватниот сектор и надворешниот долг на јавниот сектор) во 2006 изнесуваше околу 2.5 милијарди евра, а во 2015. (втор квартал), 6.4 милијарди. Тоа значи пораст од 156%, или дека овој вид долг растел за 2.6 пати побрзо од растот на номиналниот БДП (околу 60%). Од ова и најголемите лаици можат да сфатат на што се должи и оној благ раст на економијата.

3. Индикаторот меѓународна инвестициона позиција на Р.М (нè информира колку Македонија има сопствени средства, односно побарувања во странство - портфолио од сите видови, а колку остатокот на светот има во Македонија) ја покажува следната состојба: во 2006 година Македонија имала свое портфолио во странство во износ од 1.9 милијарди евра, а странците кај нас дома поседувале 4.8 милијарди евра. Нето позицијата била негативна во износ од 2.9 милијарди. Во 2015. нашите побарувања во странство изнесувале 4.8 милијарди, а побарувањата на остатокот на светот кај нас 9.6 милијарди евра. Минусот изнесува 4.8 милијарди. Како процент од БДП минусот се зголемил од 45.5% (2006), на 55% (2015). Нашите побарувања во странство се состојат главно од: наши пари на чување во странство - девизните резерви во износ од 2.3 милијарди, девизните депозити на нашите банки од околу 600 милиони и трговски кредити и аванси од околу 860 милиони евра (околу 3.7 милијарди, односно околу 75% од вкупните побарувањата). Побарувањата на остатокот од светот кај нас се состојат главно (над 70%) од: директни инвестиции (околу 4 милијарди евра и заеми/кредити околу 3.3 милијарди евра). Овие разлики во структурата на побарувањата и обврските меѓу нас и остатокот од светот говорат дека: странците, како со нивните пари кај нас така и со нашите пари кај нив, остваруваат големи профити и наплаќаат високи камати и премии за ризик, а ние за (главно) депонираните пари кај нив добиваме само трошка камата, неколку пати пониска од таа што тие ни ја наплатуваат нам. Таа разлика во функцијата и статусот на нашите и нивните пари (во капиталот, односно портфолијата), заедно со сè поголемиот јаз меѓу она што тие го поседуваат кај нас и ние кај нив, е една од причините поради која говорам дека Македонија сè повеќе станува поседувана земја, односно, заедно со другите фактори, сè повеќе станува колонија или нечиј протекторат.

ШТО НИ ПРЕДОЧИ ММФ?

Во последниот извештај експертите на ММФ, главно парафразирам, констатираа и предупредија:

-Просторот на фискалната политика, создаден пред светската финансиска криза (значи пред доаѓањето на Груевски на власт) е речиси исцрпен. Благодарение на таа претходна политика, Македонија влезе во глобалната финансиска криза со еден од најниските јавни долгови (како процент од БДП) во споредба со споредбените економии во развој. Од тогаш до денес јавниот долг е удвоен (од околу 23 на 44% од БДП). Но и ММФ знае дека тоа не е вкупниот јавен долг, според нивната сопствена дефиниција). Ако се вклучат и другите видови јавен долг, заедно со прикриените, зголемувањето ќе изнесува многу повеќе од двојно и многу повеќе од 44% како учество во БДП.

-Планираните фискални правила кои, според најавата на Владата, се очекува да бидат оперативни од 1. јануари 2017 - дефицит од 3% и јавен долг до 60% од БДП - не кореспондираат со фискалните правила усвоени од земјите во регионот. Имено, земјите од регионот усвоиле фискално правило со кое се обврзуваат горната граница на нивниот јавен долг да не надминува 50% од нивните БДП. Експертите на ММФ велат дека поради режимот на фиксен девизен курс, понизок лимит на долгот подобро би ѝ служел на Македонија креирајќи фискален простор за одговор кон евентуални макро шокови, како и поради среднорочните притисоци од стареењето на населението. Токму поради наведеното, експертите на ММФ препорачуваат долгот да се држи значително под 50% од БДП.

ез промени во политиките, велат експертите, вкупниот дефицит веројатно ќе остане значително над 3% од БДП, со раст на долгот на општата влада (централната власт, државните фондови и општините – значи, без долгот на јавните претпријатија), на 45% од БДП до 2020. Заедно, пак, со гарантираниот долг на јавните претпријатија тој ќе достигне 54%. (Уште еднаш повторувам, овие бројки се прилично потценети).

-Проектираната фискална траекторија ќе произведе примaрен фискален дефицит, дефицит без вклучување на каматите за кредитите, од 2.1% што е за 1.6 процентни поени повисоко од потребата за стабилизирање на примарниот биланс и ќе ги зголеми потребите за финансирање на фискалните расходи преку заем (т.н. gross financinig needs) од 15% од БДП во 2015, на 18% до 2020. Првото значи потреба за заем од над 1.3 милијарди евра, а за утврдувањето на второто ниво на заем, она во 2020., да се стрпиме чекајќи го вистинското ниво на БДП во таа година, каматите на светскиот пазар и траењето на ова кредитно лудило.

-Композицијата на јавните расходи, велат експертите на ММФ, е „тешко искривена (изопачена)“ во полза на платите и на социјалните трансфери. Трансферите сочинуваат 64%, заедно со платите на јавниот сектор над 80% од вкупните расходи на Буџетот, „што не е соодветно на една catching-up економија што има потреба од значителни инвестиции во инфраструктура“. Експертите потсетуваат дека структурата на расходите на македонскиот државен буџет е полоша во споредба со земјите од соседството, исто како што е полоша и ефикасноста во собирањето на даноците, особено кај данокот на додадената вредност, кој учествува со една третина во вкупните даночни приходи, и кај социјалните придонеси. И овој факт целосно ја руши прикаската на „самосвесните“ лудаци за наводно развојните буџети што секоја година ѝ ги подметнуваат на нашата јавност, без да зборуваме за квалитетот на т.н. капитални инвестиции. За да се сведе фискалниот дефицит под 3% до 2017. извештајот на ММФ препорачува сериозни мерки и на „приходната и на расходната страна“.

ШТО НИ СООПШТИ ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА?

Во поглавјето „економски критериуми“ читаме:

„Фискалната дисциплина повторно се лизна/опадна во 2014 и 2015.“ „... Ребалансираниот буџет (2014.) го ревидираше дефицитот нагоре, од 3.4 на 3.6% од БДП. Сепак, стварниот буџетски дефицит беше дури и повисок, 4.2% од БДП, на сметка на ad hoc зголемувањата на расходите за пензии, социјални бенефиции и субвенции, како и дополнителни ресурси барани за изградба на патниот коридор 10“. (Но, на „стварниот“ дефицит, моја додавка, постои уште „постварен“ - тој со скриените долгови, така што оние 4.2% со транспарентна ревизија ќе се покаже дека се прилично потценети...“.

„Композицијата на јавните расходи не напредна. Во 2014. инвестициите опфаќаа само 10% од буџетот, и дури помалку од стварното трошење. Од вкупните расходи, 45% отишле на социјални трансфери, вклучително пензиите, кои владата ги зголеми како и во претходните години, наспроти законските одредби и наспроти опаѓачките цени. Владината обврзаност кон среднорочната фискална стратегија опадна - која во периодот 2015-2017 предвидува дефицит на општата влада до 2.9% од БДП во 2017, олабавувајќи го претходното ниво од 2.6%“.

„...Нивоата на јавниот долг пораснаа маркантно во последните години, а амандманите на Законот за јавен долг ја зголемија загриженоста за транспарентност“.

„...Растечките потреби за финансирање на државните претпријатија што извршуваат инфраструктурни работи придонесоа за маркантен раст на вкупниот јавен долг, кој достигна 46% од БДП на крајот на 2014., споредено со 38.6% на крајот на 2013. Долгот веројатно ќе расте и натаму, на краток и среден рок, имајќи го предвид обемот на планираните инвестициони проекти“.

Краток коментар од мене во врска со спомнатите 46% јавен долг достигнат до крајот на 2014. година:

а) Вака соопштеното ниво на јавен долг е формирано според нецелосната дефиниција за тоа што е јавен долг што Владата ја вметна со измените во Законот за јавен долг. Според тоа, со вклучување и на другите компоненти на јавен долг, искажаниот процент би бил далеку повисок;

б) Со овие 46% треба да се имаат во вид и сите овогодишни задолжувања. Некои веќе поминаа во Парламентот, за некои директно одлучува Владата, како на пример за новата евро-обврзница од 500 милиони евра што ќе биде реализирана до крајот на годинава, а за која Светската банка даде изјава дека само таа ќе го зголеми долгот за 4 процентни поени;

в) На наведените бројки треба да се додадат и сите пристигнати, а неплатени долгови на Владата кон приватниот сектор, долгот на јавното здравство, како и вистинскиот износ што го должат општините и градот Скопје, бројки кои ги знаат само Кумот, Кумашинот и градоначалниците на општините и градот Скопје. Иако доспеаниот долг на државата кон приватниот сектор е голем, кловновите од стопанските комори молчат или пелтечат дека тие „не се виновни за кризата“, па затоа само чекаат политичарите да ја решат. Нивна главна задача е одржување алиби состаноци, одење по коктели и аплаудирање на гангстериве од Владата.

г) Во врска со спомнатите 46% треба да се имаат предвид и долговите на јавните претпријатија за кои владата не издала гаранција, како и долговите на сите акционерски друштва во кои владата е мнозински акционер.

Меѓутоа, и без додавките на дополнителните компоненти од пошироката дефиниција за јавен долг – де факто незаобиколиви - бидејќи некој, на крајот на денот, мора да ги плати - точното утврдување на јавниот долг и според скратената дефиниција (долгот на општата влада плус гарантираниот долг на јавните претпријатија) ќе покаже дека не изнесува 46% туку, повеќе од сигурно, над 50%. Според тоа, сирените за тревога одамна требаше да трубат.

ШТО ЗНАЧИ ОВА ФИСКАЛНО ЛУДИЛО ОД АСПЕКТ НА ДОГОВОРОТ ОД ПРЖИНО?

Таму каде што парите дупчат, не дупчи ниту една бургија, е поговорката што нема кој не ја знае. Секако, ја знае(л) и нашиов Деспот. Но тој, како никој политичар/политикант во досегашниот период на транзициска Македонија ги исцица соковите од нејзиното аксиоматски потврдено дејство. Начека домаќински средени јавни финансии, со низок долг, со солидни резерви и тргна со задолжувачкото стампедо. Заедно со многуилјадното „впишување“ партиски паразити на платните списоци на државата (со медиумската пропаганда, исто така платена од контото „зголемен долг“) го изврши досега најбруталното и најподло заведување на избирачите, конфронтирајќи едни делови од нив со други, вршејќи редистрибуција на националниот доход и природните ресурси на ужасно неправични основи. Таквото меркантилистичко заведување, финансирано од бруталното задолжување на земјата, му овозможи политичка моќ со која изврши целосно сраснување и поистоветување на неговата партија, односно на себеси, не само со државата/државните институции, туку и со поголемиот дел од недржавниот сектор - граѓански организации, медиуми, синдикати, стопански комори, спортски организации и другите професионални здруженија.

Договорот од Пржино (таа наша „срамота и надеж“, или „срамна надеж“), не го третираше овој одлучувачки извор на политичката моќ на Сатрапот. За да се обезбедат порамноправни услови за политички натпревар, со Договорот од Пржино беа третирани некои други прашања со различно влијание врз олабавувањето на симбиотичката врска меѓу партиите на власт и државата. Според нивното потенцијално влијание врз таа врска, корекциите во системот што се во тек би ги поделил во две групи - едната со слабо и занемарливо, другата со силно и суштинско влијание. Во првата би ги спомнал: предвидените корекции на избирачкиот список и на Државната изборна комисија; корекциите за објективизирање на медиумите; корекциите во изборот на пратениците од дијаспората; именувањето на дополнителните заменици министри и доделувањето на Министерството за труд и социјална политика на опозицијата. Не е клучно дали пропуштив да спомнам уште некоја. Наведените корекции ќе бидат со слабо или занемарливо дејство врз урамнотежувањето на условите за фер политички натпревар од две причини: еден дел од нив се договорени прилично парцијално и премногу компромисерски, а други, пак, објективно имаат послаб ефект врз намалувањето на вкупниот интензитет на злоупотреби, манипулирања со јавноста и како резултат на тоа влијание врз искривените резултати од изборите. Особено предложените корекции во сферата на дејствувањето на медиумите овде ги спомнувам не поради нивното мало значење (далеку било), туку поради, засега, козметичките иновации.

Во втората група (мерки со потенцијално посилно влијание - некои, под одредени услови, можат да бидат одлучувачки) се: 1. воведувањето специјален обвинител; 2. оставката на Груевски и 3. именувањето на министерот за внатрешни работи од редовите на опозицијата. Во рамките на овие три решенија, втората, оставката на Груевски, ќе дејствува послабо од првично замисленото поради тоа што тој се избори за големо одложување на рокот за поднесување на оставката.

Најголеми пукнатини во монструозниот систем што го изгради Злосторникот, без сомнение се Специјалниот јавен обвинител и министерот на полицијата од редовите на опозицијата. Но, гледано во целина, на Монструмот му остануваат на располагање, условно, веројатно три одлучувачки предности, доколку некои од втората група решенија не проработат како што треба. Тоа се: располагањето со доволно пари за продолжување на заведувањето на избирачите, кое кулминира до вистинско лудило; доминацијата во медиумите, којашто малку ќе се промени и со примената на договореното од Пржино (мислам до моментот на одржување на изборите); илјадниците запишани партиски паразити на платните списоци на државата; и секако, доминацијата во единиците на локалната самоуправа од страна на ДПМНЕ.

Затоа, овој невидено канцероген политикант во македонското државно тело продолжува уште порасипнички да ја задолжува земјата со износи што не можат да се искажат без десет (10) цифри, номинирани во најтврди конвертибилни валути, како и натаму да ја полни и преполнува јавната администрација со илјадници нови членови на неговата партија и партијата на неговиот партнер за тендери. Не давајќи пет пари за стабилноста на јавните финансии, на сите институции - од државно до локално ниво - како и на сите државни и локални јавни претпријатија им има наредено да позајмуваат пари, да смислуваат секакви проекти за одржување на впечатокот дека тој е градител, а ако некоја банка не сака да одобри некој заем, следува ново издавање државна гаранција потпишана од самосвесниот лудак, т.н. министер за финансии, или од некој од претседавачите на Владата.

Пред Договорот од Пржино, водачот на злосторничката организација за распаѓање на Македонија ja имаше наведената финансиска предност во сите изминати изборни циклуси, но ја имаше предноста и од апсолутната контрола врз сите видови власт, посебно во последните неколку. Затоа Чудовиштево ни „продаваше“ институционален фундаментализам: „Сè треба да се решава во институциите на Државата“ и „прво треба да има правна разрешница, па потоа политичка“. Се разбира, правна разрешница во изведба на Зврлевци и Илиевци. Притоа, цела мрежа на платени трубадури, новинарски и квази-научни ни го дообјаснуваа тој институционален ред и поредок, на кој тие му биле многу приврзани. Непочитувачите на „неговите институции“ ја растурале државата, го рушеле меѓународниот углед на Македонија, што тој одамна го одвеа. Но, откако врз основа на Договорот во Пржино се јавија некои „пукнатини“ во „неговиот систем“ (особено преку Специјалниот јавен обвинител и губењето на контролата над МВР, под силен надзор на ЕУ и САД), Злосторникот итромански, вулгарно и најнакарадно се закачи за паролата „народот одлучува, а не некој странец“. Иако сме далеку од ослободувањето на институциите од неговата валкана рака - типот не сака ни најмал ризик - наеднаш ја заборави неговата приврзаност кон „институционалниот ред и поредок“. Заборави дека инсистираше прво на правна разрешница, а потоа на изјаснување на народот. Сега Сатрапот бега од правна разрешница. Чувствува несигурност од Катица, полицијата и неговото, макар само тримесечно отсуство од првата функција во Државата. Час поскоро сака да оди на избори зашто од хеликоптер истура позајмени пари што нема да ги враќа тој и сè уште ги има како свои бранители најмрачните медиуми во изминатиот четврт век. Кога нашиов Злосторник на Твитер ја повтори паролата „народот одлучува“, како одговор на невообичаениот протест на познатите пет амбасадори пред нагрдените коцки покрај Вардар, германската амбасада одговори: „Нема ништо поточно од таа реченица на премиерот“. Јасно, амбасадата не влезе во дообјаснување на својот одговор на новинарското прашање. Веројатно сметаше дека дури и секој идиот треба да знае дека тој народ има институции што ги плаќа и се должни да му дадат информации за тоа: кој колку украл; на каков начин ги изнел од земјата украдените пари; врз какви докази некој испраќал луѓе во затвор; како стигнал до екстра парцели на Водно платени „за џабалак“, на чии фирми впишувал незаконски заграбен имот; како и зошто Фијат Цаноски бил предизвикан нешто да му потече од панталоните; како се отворани запечатени црни кутии полни со гласовите на народот; како и колку лични карти се издадени на незаконит начин“, итн. Откако тоа ќе биде утврдено од непристрасни и кредибилни институции, вистински народни, секако народот ќе одлучи не само кој ќе биде пратеник, преку тоа и премиер, туку и дали воопшто некој има право да учествува на какви и да е избори.

Според тоа, евидентно е дека Злосторникот сака да избегне секаков ризик. Има сè уште пари за расфрлање (зашто се туѓи) и доволно медиумски загари и „експерти“ во одбрана на злото, како и досега, да може да го заведува народот. Знае дека „бомбите“ го имаат оштетено кај еден дел од народот, но се надева дека со парите тоа ќе го надомести. Затоа вистинскиот буџетски дефицит во 2015 и 2016 година, кумулативно, ќе биде над 10 процентни поени од БДП. (Внимавајте, јавниот долг не се зголемува само преку буџетскиот дефицит за кој позајмуваат пари, тоа е само еден дел за остварување на нивниот егзибиционизам. Имено, тој не ги содржи задолжувањата на јавните претпријатија на државно ниво, на државната банка, на општините и градот Скопје, на Охисовци и слични на нив). Нашиот пастир очигледно смета дека Катица и МВР се негов голем ризик, така што брза да ги „прескокне“, а во исто време „неговите сигурни институции“ ги притиска да изречат уште некоја дискредитирачка одлука против Заев.

Ако Злосторникот сака да избегне секаков ризик, дали опозицијата (заедно со гаранторите на Договорот од Пржино) сака(ат) да се избегне главниот ризик - да не биде испратена на уште едни избори пред кои сè уште некои суштински работи не се завршени за фер и демократски избори? Да бидам јасен, не мислам дека партиската опозиција и демократската јавност во досегашната пресметка со Злосторникот имаат направено малку, но ризиците се сè уште големи. Бидејќи немам инсајдерски информации ниту од опозицијата, ниту од меѓународните медијатори и гарантори на договорот од Пржино и бидејќи кредитното лудило влегува во уште повисока фаза, а тоа нема кој да го попречи, ризиците за продолжување на агонијата на земјата би се минимизирале ако: никој ѝ нема „шепнато“ на Катица да не брза со кривични пријави за Сатрапот до изборите (со изговори дека тој може да предизвика граѓански немири, или дека за тоа е потребно повеќе време, без оглед на очигледните злоупотреби, и слично); ако меѓународните гарантори имаат решение за вразумување на инстанцата до која Катица евентуално би ги испратила своите обвиненија (решена да не ги изневери правото и правдата); ако до тогаш се обелодени позадината на „малата војна“ во кумановската населба. И згора на тоа, ако СДСМ и малкуте коалициони партнери не мислат дека содржината од „бомбите“ има стигнато до доволен број граѓани на Македонија и ако не мислат дека какво и да е раситнување на демократскиот фронт од 5 и 17 мај нема значење за крајниот резултат во април 2016., доминирани од мислата: „колку помалку околу нас, толку повеќе за нас!“ Без остварување, особено на некои од поважните спомнати (и секако безброј пати јавно третирани) кондиционали, паролата „народот одлучува“ може да ја добие суштината што ѝ ја посакува Злосторникот: под маската на народот, мафијата повторно да одлучи кој ќе ја докусури земјата.

Слики: Свирачиња