„Футуристичко“ видување на плоштадот - централно WC?

18.11.2015 17:17
„Футуристичко“ видување на плоштадот - централно WC?

На некоја догледна генерација Македонци, етнички и политички, сигурно ќе им текне да се запрашаат чуму се толкави споменици во срцето на Скопје - „венерична“ оставнина на преродбениците, несудените „периклеовци“ од ВМРО-ДПМНЕ, помогнати од ДУИ. Верувам дека таа генерација ќе има рационален пристап кон овој милениумски македонски срам. Тоа би значело да не уриваат сè живо, оти и за тоа треба да се потрошат пари - преголеми за сиромашна Македонија. Подобро е „московското“ решение - гробишта за споменици, што би била една идна скопска туристичка атракција. Таму, секако, не им е место на бронзените споменици, ами во некоја топилница, да може драгоцениот метал од кои се направени да се употреби во корисни цели.

Исклучок, признавам, би бил споменикот „Воин на коњ“. Жалам што не сум ликовен уметник, со врвна имагинација и „карикатурални“ способности, за да можам да го изразам своето „футуристичко“ видување на споменикот, односно просторот што го зазема на плоштадот „Македонија“. Но посакувам да се обидат оние кои имаат такви способности.

Клучно е дека споменикот би останал, сосе водоскокот. Ама под него би имало модерен тоалет, со од даелку видливи табли „за мажи“ и „за жени“. Веднаш да биде јасно дека е тоа централно WC во државата, со кое граѓаните можат и да се гордеат, оти се знае во каков дефицит е Македонија со објекти од оваа намена и каква гнаса се постојните.

Ова мое „футуристичко“ видување произлегува и од надежта дека, по ерата на троглодитите во власта, кои немаат капацитет ниту за бенигна шега, ќе настапи ера на прагматични луѓе. Кои, како што спомнав, нема да го уриваат сето подигнато, иако толку страотно ја чини и резили Македонија. Нешто, сепак, треба да остане, како мементо какви нарушени умови управувале со неа.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

Слични содржини

Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став / Култура
Јавни простори / Став
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото