Чудо во Скопје: Вмровец прогледал по 10 години!

19.11.2015 13:40
Чудо во Скопје: Вмровец прогледал по 10 години!

Скопје, 19 ноември

Вистинско чудо се случило синоќа во населбата Радишани, кога 48-годишниот Стојан Видевски, инаку симпатизер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, прогледал! Враќањето на неговиот вид предизвикало еуфорија кај дел од неговото семејство.

„Си седев дома, не правев ништо особено, кога одеднаш слушнав чуден звук. Прво мислев дека комшиите реновираат, но излезе дека кркорат моите црева“, раскажува Стојан.

„Бев вознемирен и помислив дека е добра идеја да уплатам некое ливче во кладилница за да се опуштам, но звукот се слушаше сè посилно, а немав ни пари, бидејќи платата ми трае едвај 10 дена. Тогаш се случи чудо - прогледав. Во главата ми се нижеа секакви мисли, ама сè водеше кон една работа: никогаш повеќе нема да гласам за ВМРО-ДПМНЕ“, објаснува Видевски.

Дел од семејството Видевски со солзи радосници го прославиле прогледувањето на Стојан, но останатите не само што не се израдувале, туку и воопшто не признавале дека се случило чудо.

„Нема што да се слави тука, нема никакво чудо“, луто и отсечно ни одговори Дејан, прв братучед на Стојан, видно вознемирен поради тоа што сега има еден човек помалку на списокот придобиени гласачи кој треба да го приложи во штабот на ВМРО-ДПМНЕ.

Од МПЦ сè уште не се изјасниле околу најновото чудо што ја потресе македонската јавност.

Инаку, Видевски го загубил својот вид пред десетина години, поради штетното зрачење од телевизорот, кое го ослепело кога гледал директен пренос од еден митинг на ДПМНЕ.

Слика: Свирачиња