Сите ние сме еден народ

20.11.2015 15:18
Сите ние сме еден народ

Сè уште не можам да се соземам по парискиот Црн ноемвриски петок, кога беа убиени повеќе од стотина луѓе. Сите беа цивили, сите беа невооружени, сите беа неподготвени. Сите беа во Градот на светлината за да им се радуваат на убавините на животот, да се дружат, да слушаат музика, да гледаат фудбалски натпревар. Беа убиени од група вооружена со калашникови, експлозиви и фанатизам. Беа убиени затоа што беа виновни што се живи. Беа убиени затоа што нивните егзекутори веруваа во смртта, веруваа дека со одземањето животи прават големо дело. Веруваа дека исправаат неправда, иако не знам кој критериум, која морална вредност, која религија оправдува убиство на случајно избрани невооружени луѓе во име некаква правда или вистина.

Од друга страна, немам дилеми дека живеам во суров и неправеден свет во кој големите риби ги јадат малите, дека глобализацијата е претворена во инструмент за втерување туѓи вредности, дека борбата против тероризмот е многу повеќе бизнис отколку сè останато и дека на глобален план, и јас сум жртва на шарените лаги од моќните центри за пропаганда. Немам дилеми дека т.н. „Арапска пролет“, ниту беше автентична, ниту беше борба за демократизација на авторитарните режими, како што немам дилеми дека и зад актуелниот масовен бегалски егзодус не се кријат скриени интереси на големите играчи. Немам дилеми дека сегашните одмазнички акции на руската и француската борбена авијација врз градот Рага во Сирија, ќе однесат многу повеќе цивилни жртви отколку нападите во Париз и дека ќе покренат нова спирала одмазнички акции. Во кои, како и во француската престолнина, ќе гинат обични, невини и случајни мажи, жени и деца.

И покрај сето мое разбирање на т.н. „реална политика“ која владее со и во овој бел свет, секогаш се згрозувам од теророт. Според моите сфаќања, тој претставува најголемото предавство на човековите вредности, а тоа е животот. Се наоѓам среде силуван систем на вредности. Сето она што сум го стекнувала како воспитување од родителите и образование од учителите, како - љубов, почит, скромност, чесност, преданост, искреност, сега е фрлено на буниште. Сега се слави материјалното богатство, се велича одмаздата, примитивизмот и насилството.

Сепак, она што сакам да го издвојам како еден од таргетите на креаторите на францускиот 13-ноемвриски кошмар, е сеењето омраза и страв. Не знам колку цели имаа на списокот на претсмртни желби, ама факт е дека убијците го постигнаа токму тоа. Покренаа цела ксенофобична лавина ширум Европа, ги растресоа нејзините основни темели засновани на толеранција, почитување на различностите и отворените граници за слободно движење и придвижија антимуслимански и антиемигрантски процеси. Домино-ефектот за затворање на границите полека започнува да се реализира преку селекција на бегалците и мигрантите, со што политиката на германската канцеларка Ангела Меркел за „отворени врати“ потклекна пред концептот „бодликави жици“ на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Европа полека се затвора. Европа се тресе од страв, Европа е гневна, Европа се враќа на принципите „око за око, заб за заб“, Европа постепено се урива. Барем онаа Европа што ја знам, во која сум дишела со полни дробови, во која сум се чувствувала растоварена, слободна и своја. На површина испливуваат некакви мрачни Пегиди во Германија, некои врескави Национални фронтови во Франција, извесни ксенофобични УКИП-и во Велика Британија, злокобни Златни зори во Грција, Популарни партии во Данска, или Конгреси на нови десници во Полска, со што Европејците го менуваат својот светоглед и полека, сигурно и несвесно создаваат предуслови слични на оние кои своевремено ги доведоа на власт нацистите во Германија и фашистите во Италија.

Во една ваква шизофрена ситуација не ми текнува да кажам нешто мудро и умно, освен да го цитирам Далај Лама, кој по повод париските настани изјави дека човештвото денес се конфронтира околу површни разлики, како што се религијата или националната припадност. Сите ние сме еден народ, порача мудрецот.

Не знам дали некој во мојата Македонија ги прочитал или разбрал овие зборови, ама во светлото на глобалните премрежија, новите предизвици и уште поголеми ризици предизвикани од масакрот во Париз, сакам да им порачам на нашите властодршци и нивните ксенофобични медиумски комесари една работа – сите ние сме еден народ.

Кој разбира, разбра.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Фотографии: Магнус Венман (деца-бегалци од
 Сирија)

ОкоБоли главаВицФото