1012 hPa
28 %

34 °C
Скопје - Вто, 15.07.2025 12:59
Рудниците „Злетово“ во Пробиштип и „Тораница“ во Крива Паланка, од денеска најверојатно ќе одат во стечај. Во Основниот суд во Штип денеска треба да се одржи судското рочиште на кое ќе се одлучува за барањето на четири доверители за поведување стечај на рудниците. Пред еден месец беше поведена претстечајна постапка.
Доколку биде прогласен стечај, околу 1.000 вработени ќе го изгубат работното место.
Индиската компанија „Индоминерали“, која е сопственик на рудниците, должи огромна сума за концесија, за неплатена електрична енергија, транспорт на суровините, за неплатени придонеси и бенефициран стаж на работниците и најмалку три плати.
- По штрајкот на рударите од август годинава, рудниците фактички престанаа да работат. Претставниците на компанијата веќе не преговараат за платите на работниците, а се повлече и директорот на компанијата. Пред еден месец е поведена претстечајна постапка, а веќе утре е првото рочиште за поведување стечајна постапка. Прво се јави еден доверител па сега веќе, колку што имаме информација, јавени се четворица доверители. Тука не ги сметаме и рударите што имаат побарувања за придонеси, за бенефициран стаж и за плати - вели генералниот секретар на Синдикатот на металците, енергетичарите и рударите, Маре Анчева.
Податоците на синдикатот се дека подолг период индискиот сопственик на рудниците не пројавува интерес за санирање на состојбата во компанијата во Македонија, не инвестирал ништо, со што го довел во прашање и производството, што укажува дека тој веќе е решен да се повлече од земјава.
Што ќе се случува откако ќе биде донесена одлука за стечaј, дали компанијата ќе се преструктуира, ќе одлучат доверителите, кои треба да решат и дали рудниците ќе одат повторно на продажба.
Предлогот за отворање стечајна постапка против „Индоминерали и метали“ го поднесе друштвото за трговија „Автотехна“ ДОО Скопје, а подоцна се приклучија и уште три други доверители на кои рудниците им должат.
Рударите во двата рудника подолг период укажуваат на лошите состојби во рудниците. Само годинава рударите од двата рудника на трипати го прекинуваа производството незадоволни од нередовноста во исплатата на платите, но и поради ниското ниво на инвестирање во рудниците, со што, според рударите, е загрозена безбедноста при работа во јамите.
Околу 1.000 вработени во двата рудника сè уште ја немаат земено платата за август. Тие се жалат и на нередовното плаќање на обврските што „Индоминерали и метали“ ги има кон фондовите и по однос на бенефицираниот работен стаж.
Рударите сметаат дека стечајот е најлошото решение за нив, и бараат итно да се реши проблемот со наоѓање нов инвеститор, кој ќе ги земе двата рудника за олово и цинк.
СДСМ: Груевски да не се крие, да се појави пред рударите
Задолжени со кредити и неплатени сметки, поради неисплатените плати во изминатите неколку месеци, рударите се оставени сами да се снаоѓаат како знаат и умеат, реагира СДСМ, откако индиската фирма „Индо минерали и метали“, која раководи со рудниците за олово и цинк „Тораница“ и „Добрево“, најави дека се повлекува од Македонија, поради што повеќе од 1.000 рудари остануваат без работа.
„Извршители само што не им затропале на врата поради натрупаните неплатени сметки и долгови. Неколкумесечната борба и штрајк на рударите за спас на рудниците, за жал не вродија со плод. Никола Груевски немаше слух за нивните маки и проблеми со кои се соочуваат. Никола Груевски напразно ветува виртуелни проекти и виртуелни инвестиции додека странските инвеститори секојдневно ја напуштаат земјава. Пред два месеца некогашниот ‘Џонсон контролс’ најави дека си заминува од земјава. Сега уште еден странски инвеститор ја напушта Македонија“, се наведува во соопштението.
СДСМ бара наместо да се крие од јавноста, Никола Груевски да излезе пред граѓаните и пред рударите и да одговори зошто овој странски инвеститор си заминува од Македонија?
Извор: Слободен печат, 19.11.2015.