Најдобрите ЛГБТ книги за деца (1)

21.11.2015 15:26
Најдобрите ЛГБТ книги за деца (1)

„Ова е целата суштина на животот: Кој си ти? Што си ти?“, пишува младиот Лав Толстој во дневникот. Потрагата по одговор започнува во моментот кога сме способни за теоретски размислувања – обично на возраст од четири или пет години – и продолжува додека сме живи. Наследуваме дел од сопствените одговори од родителите и културата, чии траги ни се пренесени преку ДНК и верувањата кои се синтетизирани во општествени норми. Но, останатиот дел мораме самите да го откриеме. Во прекрасната медитација посветена на идентитетот, Ендру Соломон нуди корисна дистинкција меѓу овие два извора на одговори, нарекувајќи го наследниот дел „вертикален идентитет“, а оној за кој самите сме задолжени „хоризонтален идентитет“. Процесот на одговарање на овие егзистенцијални прашања е доволно предизвикувачки за секое човечко суштество, особено во онаа мера во која идентитетот на поединецот им се спротивставува на културните норми. Но овој процес е секако најтежок за младите и различните, а најмногу за младите кои се чувствуваат различни од другите.

Во прилог ви претставуваме избор од интелигентни, имагинативни и охрабрувачки книги за деца, за сите мали човечиња кои се исплашени или страдаат поради сопствената различност, кои сакаат или се идентификуваат со родот кој се разликува од општествено пропишаниот. Ретро и модерни, овие книги танцуваат низ спектарот од игриво и моќно, искрено и субверзивно, лично и политичко.

 

„Сите сме на ѓубриштата со Џек и Гај“

 

Ремек-делото на Морис Сендак објавено во 1993 година, „Сите сме на ѓубриштата со Џек и Гај“, е неговата најмрачна и најконтроверзна книга, а сепак најисполнета со надеж, и веројатно едно од неговите најлични дела. Книгата е замислена како невообичаена фузија на два познати стиха од детските песнички на Мајката Гуска, „Во ѓубриштата“ и „Џек и Гај“, преобмислени и обновени со неповторливата сензибилност на Сендак и вклопени во неверојатно богатиот културен и личен контекст.

На најосновно ниво книгата ја раскажува приказната за едно изгладнето црно бебе, дел од група бездомни деца облечени во партали од весници, кои живеат во картонски кутии. Во еден момент тие се киднапирани од банда џиновски стаорци. Џек и Гај, кои поминуваат покрај нив и прво ги разбркуваат бездомните деца, се сведоци на киднапирањето и решаваат да го спасат момчето. Но стаорците ги предизвикуваат на игра бриџ, вложувајќи го детето како награда. По серија предизвици прикажани низ најразлични страшни сцени, Џек и Гај ги победуваат непријателите, спасувајќи го момчето со помош на сеприсутната Месечина и една голема бела мачка која ги брка стаорците.

Напишана за време на најстрашното беснеење на сидата и среде епидемија на бездомништво, оваа неверојатно симболична и сензитивна приказна се чита речиси како повик за милост, за светлина, за воскреснување на човековиот дух во време на неразбирлива тага и болка. Но над сѐ, таа е жив споменик посветен на надежта, изграден не врз негирање на безнадежноста, туку заснован врз нејзиното деликатно распаѓање.


Вистинската магија на книгата лежи во нејзиното прикажување на многубројните идентитети на Сендак – син на преживеани жртви од Холокаустот, хомосексуалец кој бил сведок на ужасите на сидата и суптилен жонглер на темнината и светлината.

Џек и Гај изгледаат како геј двојка, и нивниот труимф при спасувањето на детето наликува на посвојување, две децении пред тоа да стане прифатлива тема во книгите за деца. „И заедно ќе го одгледаме/ Како што прават сите други“ (And we’ll bring him up / As other folk do), гласат последните стихови. Тука повторно се открива двојното значење - како што двата лика се прикажани со крилја на грбовите како полетуваат кон небото - ако му дадеме одредена аура на спас на тој последен стих (кој буквално може да се преведе: „Ќе го понесеме угоре“). На крајот, тројцата се прегрнуваат како вистинско семејство среде светот кој е сепак несовршен, но исполнет со љубов.

„Сите сме во ѓубриштата
Зашто дијамантите се безвредни
Мачињата отидоа во Св. Павле!
Бебето е мало
Месечината е на своето место
А куќите се изградени
Без ѕидови

Џек и Гај
Излегоа да се прошетаат
И пронајдоа едно мало момче
Со едно помодрено око
Ајде, вели Џек, да го удриме
По главата
Не, вели Гај
Ајде да му купиме леб
Ти купи една векна
А јас ќе купам две
И заедно ќе го одгледаме
Како што прават сите други.“

На многу начини, ова е најзначајната и најличната книга на Сендак. Всушност, дваесет години подоцна Сендак ги воскреснува ликовите на Џек и Гај во неговата неверојатна последна книга, постхумно објавеното љубовно писмо до светот и до неговиот долгодишен животен партнер Јуџин Глин. Џек и Гај, според драмскиот писател и режисер Тони Кушнер, близок пријател на Сендак, ги претставуваат двете најзначајни личности во животот на илустраторот. Џек е неговиот вистински брак Џек, чија смрт длабоко го погодила Сендак, а Гај е Јуџин, љубовта на неговиот живот, човекот кој Сендак го надживеал по педесетте години поминати заедно; тие би можеле да го уживаат правното достоинство на бракот ако Сендак и Глин доживеале да ја видат зората на брачната еднаквост. (Сендак умира тринаесет месеци пред поразот на DOMA).

Низ целата книга можат да се препознаат многубројните влијанија кои го инспирирале Сендак во текот на животот и кариерата. Како и стиховите и цртежите на Вилијам Блејк, визуелната поезија на Сендак во „Сите сме на ѓубриштата со Џек и Гај“ е длабоко заинтересирана за човечкиот дух, а особено за (не)згодите на децата.

 

„Ејми сака да знае: Бабо, што е лезбејка?“

 

„Децата се нашиот најмоќен противотров за човековата ограниченост и нивната чиста и храбра љубопитност за непознатото се трансформира во осуда или одбивност само кога одговорите на нивните прашања се обоени од исплашените, ограничени умови на возрасните. На истиот начин, кога на децата ќе им се помогне да го разберат непознатото наместо да се плашат од него или да го осудуваат, семето на милоста и сочувството е засадено во нивните души.“

Оваа охрабрувачка мисла е идејата зад книгата „Ејми сака да знае: Бабо, што е лезбејка?“, објавена во 1996 година и напишана од Џин Арнолд и Барбара Линдквист, две баби кои објаснуваат во поговорот дека пред дваесет години се заљубиле и зачекориле надвор од „хетеросексуалната привилегија“. Книгата е делумно базирана на нивните сопствени животи и посветена на нивните шест деца и единаесет внучиња, што ја прави уште почудесна, особено денес, кога сме соочени со исчезнувањето на ликовите на бабите и дедовците од (детската) книжевност.

Книгата ја раскажува приказната за малата Ејми која еден ден се враќа од училиште и им кажува на нејзините родители дека неколку момчиња ја задевале нејзе и другите девојчиња бидејќи се прегрнувале, викајќи ги „лезбејки“. Ејми не е сигурна што значи тоа и зошто е навреда. Нејзините родители одлучуваат дека ова прашање најдобро ќе го одговори Бони, бабата на Ејми, која живее со нејзината партнерка, баба Џо, повеќе од дваесет години.

На денот на мајките Ејми оди да ги посети двете баби. Како што седи во нивната голема фотелја, преправајќи се дека чита една од нивните безбројни книги, сфаќа дека зборуваат за „геј парадата на гордоста“ и се прашува што значи тоа. Знае што значи „геј“, бидејќи нејзиниот омилен вујко бил геј и умрел од сида – но не сфаќа што е парада.

„Гордост? Се чувствувам горда кога ќе добијам добра оцена на училиште, кога научив да свирам флејта, и кога им помагам на мама и тато и се грижам за брат ми и сестра ми.“

Баба Бони е уметница. Нејзините слики висат по ѕидовите на нивниот дом. Таа е писателка, музичарка, експерт за компјутери и поседува сопствен бизнис. И е горда на сето тоа. Горда е на нејзините четири деца и осум внучиња. Зошто сака да оди на геј парада на гордоста за да се чувствува гордо?

Ејми знае делови од животните приказни на нејзините две баби – како се запознале во болницата каде што двете работеле, и каде што баба Џо уште работи повремено; како Бони била отпуштена кога во болницата дознале дека се развела и дека живее со Џо; како отвориле книжарница за жени додека се обидувале да преживеат, истовремено придонесувајќи за развојот на заедницата; како по дваесет години заеднички живот имале „еден вид брачна церемонија“.



Па, за време на нејзината следна посета во куќата на двете баби, поттикната од мајка и, Ејми го поставува големото прашање: „Бабо, што е лезбејка?“


„Па“, вели баба Бони. „Веќе долго време чекаме некое од внучињата да го постави тоа прашање.“

Баба Бони длабоко вдишува и вели: „Ејми, ние сме лезбејки, Џо и јас, и нè викаат ‘лезбејки’ зашто се сакаме. Лезбејки се жените кои повеќе сакаат да имаат жени пријателки, или кои сакаат жени да им бидат љубовници и/или партнерки. Лезбејки се оние жени кои повеќе сакаат жени како партнерки и љубовници, наместо сопрузи.“

Но баба Џо ја прекинува за да додаде една клучна забелешка која одлично се надоврзува на искуството на Ејми со момчињата кои ја задеваа на училиште:

„Но секоја жена мора да се чувствува и да се смета себеси за лезбејка, пред некој да може да ја нарекува така. Лезбејка си само ако самата сметаш дека си!“

Баба Бони додава дека тие се сакаат веќе дваесет години, и тагата и замисленоста се пробиваат низ нејзините зборови, како што сме потсетени дека живееме во историски привилигирани времиња. „Да можевме да се венчаме тогаш, ќе го направевме тоа“, вели таа.

Продолжуваат да раскажуваат како на почетокот на нивната љубов, во време кога ЛГБТ двојките биле вистински невидливи, воопшто не познавале други лезбејки и се чувствувале како да не припаѓаат во ниедна заедница. Ѝ објаснуваат на Ејми дека постојат разни полутајни знаци кои лезбејките ги користат за да ја растурат илузијата на невидливост:

„Лезбејките се насекаде – во големите градови, малите места и во селата, но се речиси невидливи кога не носат значка со розов триаголник, ако немаат знаме со виножито сошиено за нивната облека, или пак налепница на нивниот автомобил на која пишува 'Ќе се видиме во Мичиген во август'. “

Книгата е објавена од страна на издавачката куќа Mother Courage Press, основана од Арнолд и Линдквист со цел да им се даде глас на зборовите на жените. Поговорот на Арнолд е срцепарателно сведоштво за напредокот во изминативе две децении, но е и моќен потсетник за тоа колку малку некои нешта се промениле и уште колку работа нè чека:

„Сакам да ги славам лезбејските вредности, храброста и почитта, нашата единственост и нашите борби во потрагата за среќа. Животите на многу лезбејки се непризнаени, па дури и незабележани. Длабоката тишина фрла сенка врз нив и нивните семејства, пријатели и колеги. Многумина од нас биле или се толку невидливи, што понекогаш се чувствуваме како дел од тајно сестринство, па мислиме дека е чудо кога се пронаоѓаме една со друга. Оваа тишина ја негира нашата вредност. Оваа тишина ги ослабнува нашите животи и ги подложува нашите семејства на поголеми општествени притисоци. Жените кои сакаат жени и кои отворено го покажуваат тоа ги ризикуваат своите животи секој ден. Предизвикот кој го имаат прифатено е одржуван од храброста која им е потребна за да бидат она што се. Овие жени трошат многу труд и време, живеејќи тајно и во тишина. Трошат труд и на непотребни конфликти... Овие конфликти консумираат многу сила која би можела да биде подобро потрошена за напредокот на поединецот, семејството и општеството во свет без опресија и хетеросексизам, со луѓе кои живеат во слобода и уживаат во љубовта“.

 

„Кралот и кралот“

 

Холандските писатели и илустратори Линда де Хаан и Стерн Нијланд се одговорни за оваа „непристојна“, имагинативна и апсолутно прекрасна книга за деца објавена прв пат во 2002 година со наслов „Кралот и кралот“, бајка со освежувачки крај.

Оваа неверојатна книга која е постојано оспорувана и во еден момент дури и ги доведува авторите до суд, но сепак е сакана од многу луѓе секаде низ светот и дури и поставувана на сцена во Виена и Мексико, ја раскажува приказната за еден млад принц чија намќореста мајка, подоготвена да се откаже од тронот по долги години владеење со кралството, продолжува да го убедува дека треба да се ожени.

„Разбуди се!“, се дереше кралицата.
„Ќе позборуваме малку, ти и јас.“
“Не можам веќе, доста ми беше.“
„Не те разбирам. Сите принцови од регионов се оженети. Сите, освен тебе! Кога јас бев колку тебе, имав два брака зад себе!“

Сакајќи да се спаси од неговата досадна мајка, принцот безволно се согласува да ги исполни нејзините неуморни барања, но не без да забележи дека „никогаш не му било многу гајле за принцезите“.


„Кога дојде вечерта, принцот беше зашеметен од сите тие бескрајни разговори. ‘Добро мајко, ќе се оженам. Но морам да признаам, никогаш не ми било многу гајле за принцезите’“.

Кралицата ја презема задачата со сета своја кралска одлучност и ги повикува принцезите од „секој замок, дворец и палата, блиску и далеку“. Една по друга пристојните принцези се претставуваат пред принцот, но ниедна не го задоволува неговиот вкус: ниту „малата смешна принцеза од Гренланд“ која го освојува срцето на дворскиот шут, ни принцезата манекенка од Тексас која не успева да го импресионира кралското семејство со жонглирање, ниту високата, темнокожа и елегантна убавица од Мумбај која налутено излегува од салата откако принцот забележува дека нејзините долги раце би биле совршени кога ќе треба да ѝ мавта на толпата.

 

„Принцезата Арија од Австрија пее една громогласна опера за принцот. Веднаш штом заврши, ѝ ја покажаа вратата“.
„О Боже, тие долги раце секако ќе послужат кога ќе треба да им мавта на поданиците“, рече принцот.
„Со брзина што нејзините елегантни нозе можеа да си ја дозволат, принцезата Раџмашупутин од Мумбај излета од палатата“.
„Кралицата и принцот тажно се погледнаа. Ништо од ова не ги задоволи нивните очекувања.“

Токму во моментот кога принцот и кралицата започнаа да го прифаќаат поразот и разочарувањето, гласникот најавува дека има уште една принцеза, придружувана од нејзиниот брат, принцот Ли.
И како што обично се случува во бајките, среќниот крај често пристигнува на неочекуван начин, но во овој случај не ја прави многу среќна кралицата.

 

„Најпосле, срцето на принцот започна силно да чука.“
„Тоа беше љубов на прв поглед.“
„Принцовите се погледнаа и лудо се заљубија еден во друг, како што кралицата тивко негодуваше, а принцезата зеваше.“
„Колку прекрасен принц!“
„Колку прекрасен принц!“

Но нивната свадба е толку магична што дури и кралицата не може а да не пролее неколку солзи. Обрнувајќи внимание на сите детали, Нијланд нацртал и мала стауетка од двајца младоженци на врвот на тортата како што принцовите заљубено се насмевнуваат под знакот на кој пишува „Честито“.

Конечно, кралицата може да се повлече од тронот и принцовите го наследуваат кралството, па оттогаш сите ги знаат како Кралот и кралот. „И сите си живееја среќно и весело до крајот на животот”, се разбира.

„Кралот и кралот и семејството“, подеднакво воодушевувачкото продолжение на „Кралот и кралот“ ја раскажува приказната за нивниот меден месец, за време на кој тие одат во џунглата, и гледајќи дека сите животни имаат бебиња, одлучуваат и тие да посвојат дете, и да запловат во водите на родителството.

втор дел

 

Извор: www.brainpickings.org

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото