Резервирајте време за дизајн мајсторите на социјалниот и културниот постер на 8. Скопје постер фестивал

21.11.2015 16:50
Резервирајте време за дизајн мајсторите на социјалниот и културниот постер на 8. Скопје постер фестивал

Од 30 ноември до 5 декември во Скопје ќе гостуваат познати графички дизајнери од повеќе земји. Меѓу нив, руски дизајн магионичар, експерти по социјален и културен плакат и македонски реномиран типограф. Во пакетот се вклучени визуелни доживувања, предавања, добра дружба, афтер забава.

Скопје постер фестивалот по осми пат ќе се потруди да понуди визуелни уживања - изложби на постери, предавања на неколку имиња од светската дизајн сцена и секако, добра забава и дружење.

На 30 декември со почеток во 20 часот ќе биде отворена изложбата на постери од 8. Скопје постер меѓународен студентски конкурс на тема „Сите за луѓето со хендикеп“. Неа ќе ја придружуваат изложбата на дела од победниците од минатогодишниот конкурс, како и детски цртежи од септемвриската работилница кои беа изработени под менторство на перспективниот млад дизајнер од Полска Јан Бајтлик.

Како дел од придружната програма, наредниот ден, на 1 декември, публиката ќе може да ги посети предавањата на членовите на жирито. Предавањата ќе опфатат теми како проекти од културен карактер, социјален плакат, но и комерцијални проекти кои се дел од портфолијата на жири-членовите, a исто така и презентација за тоа како се развиваат дизајн проекти од идеја до реализација и презентација на тема „Руски дизајн“. Бројот на места за предавањата е ограничен. Резервирајте овде

Новата атрактивна содржина на Скопје постер фестивалот е изложба на најзначајните и меѓународно признаените дела на членовите на жирито. Изборот на дела од Грамлиш, Џуровски, Поч, Банков и Трокслер ќе биде изложен за време на Скопје постер фестивалот како издвоена специјална програмска активност, која од оваа година ќе стане стандардна во понудата за уживање.

Членовите на жирито на 2 декември ве покануваат и на заедничко неформално дружење кое може да го искористите како можност за преглед на портфолиа, дискусиjа или едноставно кафе-муабет.

Изложбите ќе може да се погледнат од 30 ноември, односно 1 декември до 05 декември.

Сите активности во рамки на програмата на 8. Скопје постер фестивал можете да ги погледнете овде.

ОкоБоли главаВицФото