За идното делување на „Левица“

23.11.2015 01:30
идното делување на новата партија Левица

Почитувани,

Во емисијата Топ тема на телевизија Телма на 17 ноември се дискутираше за формирањето и идното делување на новата партија Левица.

На почетокот, би сакал да ја поздравам иницијативата за формирање на една ваква партија. Левиот политички простор во Македонија е де факто празен и треба да биде пополнет. Како, кога и од кого е веќе друго прашање, но и тема за друг текст.

Овде би сакал само да укажам на некои мои разочарувања, од перспектива на идеолошки убеден левичар кој од немајкаде, за да преживее, има регистрирано фирма и е работодавач, односно „газда“. Отворено кажано, ме вознемири анахрониот и дезориентиран настап на г-динот Савески, претставникот на Левица. Денес ја живееме годината 2015, но тој говори и размислува како да сме во 1917 кога Бољшевиците ја креваа Револуцијата. Во пост-индустриско време да се повикуваш само на работници, селанство и сиромаштија во најтесна смисла, а да не сакаш да го видиш времето во кое живееш, личи на демагошко слепило.

За жал, во Македонија полититичкото определување е помалку резултат на лично убедување, а повеќе е производ на клиентелизам и фрустрација (лична и општествена). Гостинот во емисијата на Телма, г-динот Поповиќ, впрочем тоа го потврди и со податоци (најсиромашните гласаат за големите партии, најчесто поради клиентелистички спреги). За тврдењето на Савески дека ќе ги претставува сиромашните не планирам премногу да се надоврзувам.

Од друга страна, она што не беше спомнато а заслужува особено внимание – многу од работниците за кои сака да се бори Савески воопшто не сакат некој да ги застапува. Воедно, Савески ан блок ги прогласува работодавачите за непријатели и тера популистички егзибиционизам, не сфаќајќи дека работодавачите (особено од малите и средни претпријатија) се клучни ако сакаме да има работа и да има работнички права.

 

Јас како работодавач лично знам примери каде некои работодавачи ги молат работниците да формираат синдикални организации, но тие одбиваат. Изговорот за ова е дека не сакаат да плаќаат членарина, и дека не сакаат „некој таму“ да зема плата за синдикално претставување. Што да се прави во вакви случаи? Дали можеби треба ние како работодавачи и членарината да им ја плаќаме на работниците? Јас и други работодавачи кои ги познавам, во суштина имаме интерес да има повеќе синдикално организирање – кој од идеолошки, кој од чисто прагматични причини, но најмногу што можеме е да имаме коректен однос и да покажеме добра волја. Некој мора да потегне и од другата страна.

Практичниот интерес на работодавачите во формирањето синдикати, пак, е повеќеслоен. Многу од нашите партнери од страство сè поинтензивно ја условуваат соработката со нас со исполнување на стандарди во областа на работнички права и заштита при работа (ова не важи за толку фалените и фаворизирани странски инвеститори, кои имаат сосема поинаква логика во работењето). Во Македонија активни се и неколку странски фондации кои се занимаваат со оваа тематика, тие нè оценуваат, вршат лиценцирања и прават рангирања од оваа област. Но и да не се тука странците – на работодавачите им одговара да имаат точно определено тело и претставници со кои ќе преговараат во случај на незадоволство на работниците или други проблеми со работата. Не секој има интерес и желба да отпушта и да казнува.

На левичарите мора да им биде јасно: не може да има освестени работници без освестени работодавачи. Работниците се побројни, но работодавачите може значајно да придонесат во создавањето на клима на општествена солидарност и одговорност. Општествената одговорност, впрочем, се бара од работодавачот, а не од работникот. Ние сме потенцијални партнери на левицата во овој процес.

Притоа, уште еднаш ќе нагласам, мора да се прави разлика помеѓу малите економски субјекти каде што има сосема поинаква логика од транс-националните корпорации (кои всушност се голема закана за нас). Ние не сме слепо водени од идејата за профит по секоја цена, честопати односите во фирмите се персонализирани, и од наш интерес е да имаме задоволни работници.

Комунизмот и социјализмот се општествени форми за распределба на индустрискиот начин на производство. Во постиндустриско доба сарите теории и тактики стануваат карикатурални. Особено во случајот на Македонија, каде пост-индустриската економија оди рака под рака со деспотизмот на Државата, односно на Фамилијата на власт.

 

Во Македонија денес има преку 70.000 трговски друштва, а јас ви тврдам дека голем дел од нив се формирани од нужност, буквално за некого фирмата е форма на преживување и спасување на своето семејство. Не смее да се заборави дека секој работодавач не е и дегутантен капиталист во пракса. Многу работодавачи самите работат напорно и прекувремено, се мачат во услови на тешка економија, се соочуваат со корумпирани власти, имаат хипотеки и долгови, а притоа сносат и морална одговорност за своите семејства, но и за своите вработени (со кои по природа на нештата, барем во малите претпријатија, имаат близок меѓучовечки однос). И сега некој си зема за право арбитрарно да ги прогласува за класни непријатели сите тие луѓе на топтан?!

Ако може да се изразам со старата терминологија, за да бидат работите појасни: Денешниот пролетаријат не се определува само со (не)сопственоста врз средствата за призводство, туку преку финансиската и политичката моќ, и според општествената позиција, а има многу работодавачи кои сигурно не се имотни, и заедно со нивните вработени и големото мнозинството граѓани, се на губитничката страна.

Во Македонија во исколчени пазарни услови, државата со својата апсолутна монополска позиција - најголем работодавач, најголем налогодавач и креатор на условите на опстојување, ги угнетува и работниците и работодавачите. Во вакво апсолутистичко опкружување, ако веќе бараме историска паралела, ние сме како Франција пред 1789 – кај нас прво треба Третиот сталеж да дојде на власт. Притоа, убеден сум дека поголемиот број работодавачи се заинтересирани за воспоставување на општествени норми кои нема да се само по мерка на Државата, односно Фамилијата и Партијата на власт (која и да е). Барем во тој заеднички дел на борбата, да се отфрлат работодавачите ан блок е погубно. Во политичката борба за промена, ние сме потенцијални сојузници.

Конечно, еден совет за Левица – оставете ја старинската реторика, и размислете за повторниот интелектуален геноцид кој ни се случува – преку иселувањето на младите интелектуалци и прогресивци од Македонија. Младите, „избегани“ или тие што сакаат да „избегаат“ во моментов треба да бидат таргет група на која било нова, а особено левичарска партија составена од луѓе кои протестирале по улици. Тие се општествената категорија која има интерес, способност и генерациски предизвик да донесе промена.

Другарски,

Еден работодавач од немајкаде

 

Слики: Ерик Фан