Лекарска грешка ја уништи, бирократијата ќе ја доврши

23.11.2015 03:28
Лекарска грешка ја уништи, бирократијата ќе ја доврши

Пациентката што три месеци вршеше голема нужда преку вагината, затоа што не беше соодветно оперирана од рак на дебелoто црево, повторно е заглавена во лавиринтите на здравствениот систем, бидејќи Фондот за здравство не дозволува да го изврши потребното снимање на ПЕТ-скен, кој може да ѝ го спаси животот.

Комисијата за малигни болести утврдила дека е неопходно да се направи ова снимање за да се види дали има нови малигни клетки и каде тие се наоѓаат за да може соодветно да продолжи лекувањето. Снимањето може да се направи во приватна болница во Скопје или некаде во странство, но Фондот не дава дозвола за тоа.

- Последните анализи што ѝ биле направени, покажале дека тумор-маркерите растат, што покажува дека можеби во телото има нови малигни клетки, а ПЕТ-скен снимањето може да ги покаже тие промени уште кога се во милиметарска форма, за потоа да може да се интервенира. Затоа Комисијата за малигни болести што ја формираше министерот Никола Тодоров и која треба да го има последниот збор во лекувањето на болните од рак, ја упатува на снимање на ПЕТ-скен. Фондот воопшто не сака да разговара за ова, иако нашиот здравствен систем веќе еднаш ѝ направи штета на оваа пациентка, со тоа што беше погрешно оперирана – велат лекарски извори.

Зошто не ѝ е дозволено снимање на ПЕТ-скен, прашавме во Фондот за здравство, но иако два дена чекавме одговор на прашањето, оттаму молк. Надлежните за информирање не одговараат на прашањата испратени по електронска пошта, ниту на телефонски повици, како и на СМС-пораките.
Како што неофицијално дознаваме, ФЗО ја одбива пациентката затоа што станува збор за дијагностичка процедура, а не за метод за лекување. Тоа објаснување не држи, велат лекарски извори, бидејќи ФЗО плаќал за дијагностички процедури во странство.

- Со тоа што се чека за да се постави дијагноза кај пациент што веќе имал малигно заболување, се губи драгоцено време, што може да чини и живот - велат лекарите.

Кога во јануари годинава медиумите го објавија случајот на оваа пациентка, Јавното обвинителство рече дека ќе отвори предмет и ќе испита дали има лекарска грешка или не. Но иако оттогаш се поминати 10 месеци, од обвинителството сè уште немаат информација кога и дали воопшто ќе бидат поднесени кривични пријави против лекарката што ја оперирала жената, како и лекарот супервајзор од странство, кој ја надгледувал операцијата.

„Основното јавно обвинителство Скопје издаде наредба за вршење на потребно вештачење, со цел утврдување факти во предметот. Во меѓувреме е сослушан и оштетениот пациент и сведоци, со цел расветлување на настанот“, се вели во писмениот одговор од ЈО.

Кога ќе заврши вештачењето засега е неизвесно, бидејќи нема законски рок во кој тоа мора да биде направено.


Бизарната грешка со анусот влезе во медицинските анали

На 39-годишната пациентка во болницата „8 Септември“ ѝ била направена операција на тумор на ректум и притоа дебелото црево ѝ било поврзано со вагиналниот канал поради што по неколку дена од операцијата таа забележала гасови, а потоа и фецес од вагината. Хирурзите што ја правеле интервенцијата, ѝ објасниле дека тоа е нормална реакција за таква модерна процедура, која била изведена под надзор на меѓународен обучувач ангажиран од Владата. Пациентката три месеци била во ваква состојба, со зашиен анус, кога го посетила својот онколог. Тој ја испратил на второ мислење на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија. Хирурзите оттаму се посомневале дека е направена грешка и за неколку дена кај пациентката била направена повторна операција по што работите се нормализирале.

Случајот под наслов неприфатлива медицинска грешка беше објавен во престижното медицинско списание, „International Journal of Surgery Case Reports“ од проф. д-р Милчо Пановски од Клиниката за дигестивна хирургија, која ја направи втората операција кај жената.

Министерот Тодоров тогаш формираше комисија од тројца абдоменални хирурзи што ќе го испитуваат случајот, но јавноста не доби информација до каков заклучок дошла комисијата.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња