Прекрасна јавна библиотека на отворено во Торонто

23.11.2015 13:00
Прекрасна јавна библиотека на отворено во Торонто

Архитектонското студио AKB ги маѓепсува љубителите на книги во Торонто со најновиот уметнички дизајн познат како The Story Pod. Како што сугерира името, тоа е еден монтажен објект создаден за читање приказни.

Лоцирана на главната улица во градот Њумаркет, компактната конструкција служи за размена на книги, каде што посетителите можат да земат и да остават книга, или да читаат седејќи на вградените седишта кои овозможуваат релаксирачко читање.


Без оглед на причината за посета на оваа отворена библиотека, посетителот има можност да се сретне со една уметнички дизајнирана структура со серија вертикално конструирани штици. Кога штиците се поблиску едни до други, изгледаат како непроѕирен, замаглен, ѕид, но штом вратата ќе се отвори, се откриваат наредените книги.

Покрај тоа, има празнини направени од проѕирна пластика, кои овозможуваат да влегува светлина, што на конструкцијата ѝ дава динамичен карактер.


За да ги покани и примами читателите во овој просторот, вратите на оваа компактна конструкција за приказни се отвораат во утринските часови и имитираат отворање на корици на книга.

Кога доаѓа ноќта и кога вратите се заклучуваат за да се заштитат книгите, енергетски ефикасните LED светла (кои се напојуваат од соларните панели на покривот) прават структурата на малата библиотека да наликува на фенер. На оние кои уживаат во ноќните прошетки, овој објект наменет за читање, им служи и како светилник.


Извор: archatlas.net

ОкоБоли главаВицФото