Со наградата „Новите!“ ја добив самодовербата што ми недостигаше

24.11.2015 03:52
Со наградата „Новите!“ ја добив самодовербата што ми недостигаше

Неодамна издавачката куќа Темплум по јубилеен десетти пат го распиша Конкурсот за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“. По тој повод, наредните недели на Окно ќе објавиме серија разговори со дел од досегашните добитници на наградата, како и извадоци од победничките ракописи.

По објавениот извадок од ракописот „Луѓе на кои не им се отвора падобранот“ од Алекс Букарски (првиот добитник на „Новите!“), објавуваме интервју со Ненад Јолдески, кој за ракописот „Штамата на Енхалон“ во 2009 година ја доби наградата „Новите!“.

 

Што значеше за тебе како автор наградата „Новите!“? Дали и колку те „катапултираше“ и те поттикна и понатаму да се занимаваш со пишување?

Ми ја даде самодовербата што ми недостигаше, со оглед дека тогаш во мојата биографија немаше ништо поврзано со книжевноста. Згора на тоа, веста дека ја добив наградата ја примив преку телефон во преполна дупла 5-ка на пат од Лисиче кон Ѓорче – духот катапултиран, а простор - ич. Ќе умрев од возбуда. Бев со еден од ликовите во книгата. Се радувавме заедно. Така некако и се затвори кругот околу Штамата. Со наградата или без неа, ќе пишував.

Задоволен ли си од одзивот, реакцијата на публиката/критиката и вниманието што го доби за „Штамата на Енхалон“, со оглед на тоа дека една од целите на наградата е и зголемување на медиумското влијание на книжевноста?

Промоцијата, ако се одземат неколкуте интервјуа што ги дадов по повод книгата, главно се одвиваше на социјалните мрежи и тогашната, сега веќе во историјата, македонска блогосфера – што според мене беше сосема доволно. „Штамата“ и со толку доби и добива своја верна публика. Исто така, да не заборавиме, дека „Штамата на Енхалон“ речиси целосно беше достапна на мојот тогашен блог, а многу набрзо по печатената верзија излезе и електронско издание. Тоа што издавачката куќа Темплум стоеше зад книгата и наградата, значеше и контакт со одредена база читатели на кои книгите од Темплум им се задолжителна лектира. Сето тоа придонесе „Штамата на Енхалон“ да стаса до некаде, да биде забележана.

Дали можеби наградата ја доживеа како некаков товар? Беше ли уплашен, по успешното деби, од објавувањето на втора книга?

Страв? Не, воопшто... „Секој со своето езеро“ е книга која со неколку раскази ѝ претходеше на „Штамата на Енхалон“ и ако некогаш самиот објавував книга, тогаш таа ќе беше прва, а не обратно. „Штамата на Енхалон“ ја испратив на конкурсот зашто ми се чинеше посоодветна за конкурсот „Новите“ :).

Во 2012 ја објави „Секој со своето езеро“. Оттогаш се воздржуваш од објавување. Пишуваш ли нешто во моментов?

Не објавувам (освен еден ко-авторски расказ со Петар Андоновски), но пишувам постојано. Работам на роман кој најверојатно ќе биде сочинет од раскази, но што и да кажам сега – ќе биде избрзано. Тоа ќе трае и воопшто не се грижам и не прогнозирам кога ќе биде готово – растеме заедно. Знам само дека ќе биде доста различно од моите две досегашни книги.

Освен проза, пишуваш и поезија. Своевремено на твојот блог имаше објавено десетици песни. Можеме ли да очекуваме и поетска книга од тебе?

Пишував. Имам повеќе од стотина песни, ако тоа значи нешто. Некои дури се групирани и како книги, но не верувам дека некогаш ќе го објавам тоа. Ќе објавам книга тогаш кога ќе ми се врати поезијата и ќе напишам нови песни. Сраснав за расказот. Не можам да се одвојам од формата.

И „Штамата на Енхалон“, како и „Секој со своето езеро“ го носат печатот на Струга, локалниот дух. „Штамата“ е напишана на струшки дијалект, но во втората книга веќе користиш стандарден јазик. Зошто се реши на таков чекор? Ќе му се навратиш ли на дијалектот?

„Штамата на Енхалон“ беше проект кој не можеше да биде никако поинаку напишан освен на струшки дијалект и сленг. Не верувам дека би пишувал повторно на дијалект, иако неколку пати ми прелетале идеи да издадам дополнето второ издание на Штамата на Енхалон – ми се чини дека постојат уште неколку приказни на кои местото им е таму, но ништо повеќе од тоа.

Освен со пишување, се занимаваш и со аматерски театар и филм. Подготвуваш ли некој нов „излет“ во овие медиуми?

Со театарот и филмот се занимававме аматерски заедно со Група Везденски во Струга. Тие излети завршија со театарската претстава „Старицата“ по Хармс во 2011. Оттогаш истата екипа сите напори ги вложи во фестивалот ДРИМON кој годинава се одржа по трет пат во Струга. Едно време заедно со придружба на гитара изведував и дел од мојата поезија, но повеќе нема ништо од тоа. Засега немам некакви планови на тоа поле. Можеби некогаш би направил нешто со добар водич или добар тим покрај мене.

Ги следиш ли победниците на останатите изданија на „Новите!“, па и литературата од младите автори воопшто? Како ти изгледаат нештата на тој план?

Ги прочитав сите книги на добитниците на наградата, а често следам и што објавуваат младите, па и постарите автори во Македонија. Имаше неколку одлични книги во кои уживав и автори кои доста ветуваат.

 

Разговараше: Иван Шопов
Фотографии: Горан Ристовски

Слични содржини

Книжевност

ОкоБоли главаВицФото