Гушкање пршлени

24.11.2015 13:38
Гушкање пршлени

Капитализмот нè молекулизира.
Клаес Андерсон

 

КЛУЧОТ Е ВО ТОА да се разложи сè:
да се расчеречат телата, да се осамотат
инокулирајќи ја увереноста на автономни
клетки, без ерозија и без страни.

Клучот е да ни се расечат мускулите,
да се облагороди надменоста на самоста,
да се урне угледот на активноста на мравјалникот.

Убедувањето дека секое тркало треба да си ја длаби својата бразда,
арчејќи волја, време, напор,
без да се изгради споделена патека,
е најдобриот метод за фосилизација на ’рбетите
од мраз што ја содржат
оваа ампутација на прсти.

Облаци сме што бараат светлост
и не знаеме дека го сочинуваме,
                                               заедно,
                                                         небото.

 

На Пепи Алонсо

ДА НАУЧЕВМЕ ДА ги гледаме цвеќињата
ќе можевме да му се приближиме на клучот на универзумот:

мораме да се наведнеме за тоа,
да ја напуштиме нашата позиција, нашата перспектива,
да најдеме задоволство во сопирањето и
набљудувањето,
да го набљудуваме внимателно малото,
да ги откриеме нијансите и прецизноста
на животот без направи,
сложеноста на простото,
на она што извира без страв од ветрот.

Крај стапалата чекаат
нашите најголеми учители.

 


ОД ТОЛКУ УДОБНО пасење во пасиштето,
од толку задоволно прифаќање на потковиците,
пегазите заборавија како да летаат.

 

ДА ПОЈДЕМЕ

 

I

ДА СЕ ЗАКАТАНЧИМЕ за скршениците,
да чекориме по пукнатините
проширувајќи ги,
оставајќи нивниот сок да ни тече низ главите.

Да изградиме
прегратки со прегратки, стапала со стапала,
заеднички
каде сѐ што е можно е да се купува и продава,

и, сега кога сѐ патува во лифт,
да си го вратиме чекорот
автономен, слободен, насладувачки
и изедначувачки во неговите трага и умор.

II

Вака,
би требало да можеме да си го надминеме
името за да го избришеме,
да се откачиме од презимето
и да останеме само со неговиот корен в рака.

Во него ќе најдеме јазол и собир;
показателот на смислата
на должината на нашите вени.

 

НАУЧИВМЕ ДА ПИШУВАМЕ
на толку совршени хоризонтални линии
што секоја најмала паралелна
трага ни личи на ерес.

Но токму со имагинарна геометрија
утопијата спечалува присуство.

 

ЗАВИСНИ СМЕ ОД лагата.

Мирни пиеме скала од шајки
лакирана со мазен карамел.
Не е важно што ќе ни се надене
во непцето:
презедовме договор за амнезија
за да одржуваме сегашност од плацебо.

Она што нѐ води е стравот
и пропагандата
што ги впивме
како ситниот дождец
што несетно нѐ накиснува.

Да го грабнеме споменот како што се обез-
главува скакулец.
Омалодушени, без самодоверба, во
готовата зготвена идеологија се
наоѓа најдобрата починка на безволието.

Прифаќаме дека заборавот
си игра со животот
како дете
со кутија креди.

Зависни сме од лагата
а не се ни грижиме
кој ги става на шаржер нејзините слогови.

 

Твојот дом е овој егзил
оваа изненада овој гнев

Консејсао Лима

 

ЌЕ ГО ДОСЕГНЕМЕ некој ден мигот
во кој ќе си отприпаднеме.

И само чудото и песната на птиците ќе бидат
залетот што ги движи белите дробови.


Во секоја минута
може да се сруши
и да се спаси светот.

Може да се преѕида и да се раствори
како што капките вода си го обликуваат
и изобличуваат цртежот врз стаклото.

Во секој миг, во секој пулс,
во секое трепкање,
можат да се изгорат дури и цементите,
да се пресостават од пепелта
или да се преустројат во нов ред.

Зашто во секоја минута
позицијата на нашите очи
звукот на нашите јазици,
може да дојде до клучот на една мака,
може да слета врз срцето на една дилема.

Во секое вдахнување се разгатнува чудото
да сме живи, да живееме заедно.
Во секое издишување се откриваат пукнатините
низ кои гнои болката и цвета надежта.
Потребно е само да се имаат зениците на штрек
и вените отворени за зборовите.

 

Превод од шпански: Фросина Стојковска

Извор: Гушкање пршлени, Слово љубве, Скопје, 2015.

Слики: Линдзи Стриплинг

Алберто Гарсија-Тереса (Мадрид, 1980) е доктор по хиспанска филологија. Досега ги има објавено студиите Поезија на критичката свест (1987-2011), 2013 и За да не ѝ потклекнеме на хипнозата. Критика и откритие во поезијата на Хорхе Рихман и антологијата Дисиденти. Антологија на шпанските критички поети (1990-2015), 2015. Гарсија-Тереса е дел од редакцијата на списанието „Caja de resistencia. Revista de poesía critica“, и има работено во списанијата „Hélice“, како координатор, „Jabberwock“ како кодиректор, „Solaris“, како главен уредник. Пишува литературна и театарска критика во различни медиуми и организира циклуси на рецитали и поетски акции на разни места.
Автор е на стихозбирките Треба да се јаде светот на залаци, 2008; Кислород во лименка, 2010; Перипетии на Поетската Бригада во светот на автоматите, 2012, Гушкање пршлени, 2013 и на тетратката Неверојатните субурбани авантури на Поетската Бригада, 2008. Автор е исто така и на збирката микрораскази Слатката насмевка што ти ја оставаат црвите, 2013. Освен на македонски, неговите песни се преведени и на англиски, француски, српски и романски.