1020 hPa
93 %
7 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 06:59
1. Непријателите на капитализмот од левицата сакаат да ја повторуваат досадната мантра дека 85 најбогати луѓе на светот поседуваат исто колку и 3,5 милијарди најсиромашни (долната половина од светското население). Левичарските злосторници сакаат да го користат тој податок за оправдување на масовниот грабеж на туѓиот приватен имот и зголемувањето на државната репресија над граѓаните.
Со оглед дека примарниот извор на тоа тврдење е Оxfam, а од претходно веќе е познато дека Oxfam е меѓународна левичарска организација која ја поттикнува гладта во светот, треба малку поблиску да се погледне за што всушност се работи овде.
При мерењето на богатството на населението Oxfam се повикува на овој извештај на финансиската институциа Credit Suisse.
Ако подобро ја погледнете базата податоци од публикациите, меѓу другото, ќе наидете на податокот дека од 10% од најсиромашните Земјани дури 7 проценти се граѓани на САД, и има повеќе Американци од најниската десетина од населението отколку што имаат граѓани Кина, Нигерија, ДР Конго, Индонезија, Пакистан, Бангладеш, Етиопија... всушност, единствената земја која има повеќе жители меѓу најсиромашните 10 проценти на Земјата од САД е Индија.
Исто така, можете да наидете и на статистиките (тука, од стр.90) како што се на пример:
• еден просечен Италијанец е трикратно побогат од еден просечен Германец
• просечниот Французин е 2,5 пати побогат од просечниот Германец
• просечниот Саудиец е посиромашен од просечниот Хрват
• просечниот Грк е побогат од просечниот Данец (а, за малку и од Германецот)
• просечниот Сенегалец е шесткратно побогат од просечниот Украинец (а просечниот Црногорец 46 пати)
• просечниот Јапонец е трикратно побогат од просечниот Кувајќанец
Можеби некому овие податоци изгледаат сомнително, но тоа е статистиката на која се повикува Oxfam.
Имено, се работи за тоа дека публикациите на Credit Suisse за мерење на богатството ја сметаат само моменталната нето вредност (имот-долг) на населението, но без да се земат предвид очекуваните идни парични текови на поединецот. Според таа логика, можеби би требало да се занемари и богатството на поединецот во акции од вредност и удели во претпријатијата?
Според тоа, еден просјак кој живее во колиба во Калкута и на улица заработува 2 долари дневно, но нема долгови, според оваа методологија е значително побогат од еден млад Американец или Швајцарец кој оваа година завршил студии по медицина и се вработил во некоја реномирана клиника за петоцифрена месечна плата во долари, но сè уште не стигнал да го исплати целиот кредит од студиите.
Генерално, веќе е очигледно дека целата студија е сосема бескорисна, кога станува збор за проценување на реалното материјално богатство. Меѓутоа, чисто од солидарност кон левичарите, можеме барем накратко да замислиме дека навистина се работи за релевантна методологија за мерење на богатството, дека навистина над 30 милиони Американци се меѓу 10 проценти најсиромашни Земјани, па да се позанимаваме малку подлабоко со податоците.
2. Другарите од Oxfam врз основа на листата на Форбс го процениле вкупното богатство на 85 најбогати Земјани на околу 1,9 билиони американски долари, и тврдат дека нивното богатство е еднакво на вкупното „богатство“ на најсиромашните 3,5 милијарди Земјани.
Од солидарност кон другарите, накратко би требало да се занемари фактот дека голем дел од богатството на овие лоши капиталисти е во мошне неликвиден имот, како што сега треба да се занемари кој од нив своето богатство навистина го стекнал по капиталистички пат на пазарот, а кој со помош на некои задкулисни кронистички игри со државни централни планери. Исто така, ќе занемариме што во самата публикација на која реферира Oxfam, кај податоците за повеќето земји во рубриката „Wealth data quality“ јасно стои напомената „Poor“ или „Very poor“.
Значи, ако го занемариме сето тоа и ако на овие 85 луѓе им одземеме сè што имаат и ги доведеме на просјачки стап, и ако „пленот“ го поделиме рамномерно на оваа најсиромашна половина од населението, секој од нив би добил еднократен износ од дури 543 долари, односно, малку повеќе од хрватскиот бруто минималец. И што потоа? Кого да ограбиме?
Богатството и новите вредности не можат да се создадат со редистрибуција, така можат само да се уништат. До создавање нови вредности и акумулација на богатството, и зголемување на просперитетот, доаѓа на слободниот пазар. На слободниот пазар, поединецот може да се збогати само така што ќе создаде некоја друга дополнителна вредност за другите поединци, да им понуди нешто што тие ќе го ценат врз основа на своите субјективни преференции, нешто за што доброволно ќе одвојат дел од својот имот. Ако некој од овие 85 луѓе своето богатство го стекнал на некој друг непазарен начин, тоа е само аргумент против државното мешање во доброволните односи на луѓето.
Понатаму, ако е вистина дека денес (нај)сиромашната половина од Земјаните (Oxfam вели 3,5 милијарди) поседуваат исто колку и најбогатите 85 луѓе, односно околу 1,9 билиони долари, тоа би значело дека секој од тие 3,5 милијарди просечно „тежи“ дури околу 543 долари, што на прв поглед изгледа контрадикторно со податоците од самата публикација на која се повикува Oxfam, бидејќи, во истиот документ (стр. 98), наведена е „пирамидата на богатството“ според која пишува дека Credit Suisse го проценува богатството на најсиромашните 3,3 милијарди возрасни луѓе на светот на околу 7,6 билиони долари, што е сепак речиси 4 пати повеќе од вкупното богатство на оние 85 луѓе. Ако 3,3 милијарди имаат 4 пати повеќе од најбогатите 85, тогаш 3,5 милијарди не можат да имаат подеднакво.
Генерално, ако го прелистате извештајот докрај, ќе сфатите дека поентата е во тоа што Credit Suisse постојано зборува за возрасни личности, а не за вкупното население, така што во „најсиромашните 50 проценти од населението“ според нивната методологија се вбројуваат 2,3 милијарди возрасни луѓе, а не 3,5 милијарди како што нагласува Oxfam, што интелектуално е малку нечесно.
Ако некому изгледа дека не е голема разликата помеѓу мерењето на богатството на вкупното население или по возрасна личност, нека има предвид дека во Европа речиси 80 проценти од населението е „возрасно“, во Кина околу 74 проценти, во Индија околу 60 проценти, додека на африканскиот континент тој удел е околу 48 проценти, што и не зачудува со оглед дека стапките на фертилитет во многу африкански земји (Нигер, Мали, ДР Конго, Нигерија, Чад, Малави...) сè уште се на нивото од околу 6-8 деца просечно по жена. Кој би рекол, воедно се работи за најсиромашните земји во светот, само не знам на кој начин капитализмот може да биде виновен за тоа.
Инаку, кога станува збор за овие (крајно неверодостојни) проценки на богатството на населението, Ернандо де Сото во својата (позната?) книга The Mystery of Capital, како една од поважните причини за неуспехот на поконкретниот економски развој во земјите од третиот свет го наведува токму тоа што тамошните легислативи воопшто правно не признаваат огромни количини мртов капитал кој де факто е во приватна сопственост на нивното население.
2а. Исто така, би требало уште да се напомене дека, ако вкупното богатство кое овие 85 луѓе целиот живот (а некои и подолго) го акумулирале, изнесува 1,9 билиони долари, тоа би значело дека просечно секој е „тежок“ околу 22 милијарди долари, што секако се огромни пари, но само малку поголеми од износот кој Владата на Република Хрватска присилно им го одзема на даночните обврзници во само една година. Зошто не ги слушаме салонските левичари како се бунтуваат околу толкавото ниво државна потрошувачка?
3. Значи, засега може да се утврди дека а) податоците на кои се повикува Oxfam во својата анализа за светското богатство се практично бесмислени и ирелевантни; б) дури и кога оние 85 најбогати злосторници би биле ограбени и целото нивно богатство би се поделило на сиромашните – секој сиромав би добил околу 3 600 хрватски куни, вредност со не премногу ликвиден имот; в) сите богатства на најбогатите светски тајкуни се занемарливи во споредба со апетитите на владејачките социјалисти.
Туку, да погледнеме што се случува во реалноста:
Првпат во историјата, помалку од 10 проценти од светското население живее во екстремна сиромаштија.
Тоа е многу добро, екстремната сиромаштија во светот не опаѓа само како удел во вкупното население, туку како апсолутна бројка, наспроти тоа што бројот жители во последните педесет години е удвоен (најмногу благодарение на драстичното намалување на стапката на смртност кај децата и зголемувањето на очекуваниот животен век на населението речиси секаде во светот).
Со отворањето на економиите во бројни неразвиени земји и нивната либерализација, повеќе од милијарда луѓе се спасени од глад, а животниот стандард на населението драстично порасна.
Исто така, освен драстичното намалување на светската сиромаштија, уште едно интересно нешто што со себе го донесоа либерализацијата и „глобалниот капитализам“, а би требало да им се допадне на левичарите, е намалувањето на приходната нееднаквост во светот:
На горниот графикон, темната црна линија го покажува движењето на глобалната нееднаквост на светското население според приходот и гледаме дека значително се намалува. Примарен извор се проценките на Бранко Милановиќ, кој инаку и не е мошне голем љубител на слободниот пазар и „неолибералниот капитализам“.
Како што веќе наведов, можно е процесот на глобализацијата донекаде да довел до пораст на приходната нееднаквост меѓу населението во рамки на одредени развиени (западни, лоши капиталистички) земји, но гледајќи го светот глобално и вкупното население, нееднаквоста се намалува! Кинезите и Индонезијците практично никогаш не биле помалку нееднакви во однос на (лошите) Европејци и Американците. Па, левичарите, од сите луѓе, би требало да разберат дека државните граници се само неважни арбитрарни линии на географските карти и да се фокусираат на ова прекрасно намалување на апсолутната сиромаштија и глобалната нееднаквост во светот.
Инаку, приходната нееднаквост би требало да ни биде релевантна и дрдорењата за некакво „изедначување“ се бесмислени и многу опасни. Едноставно, луѓето во сè се природно нееднакви и секогаш ќе бидат. Важно ни е намалувањето на апсолутната сиромаштија во светот и порастот на животниот стандард во најмалку развиените делови од светот, а до тоа ќе доаѓа колку што ќе биде поголема либерализацијата на пазарот и отпорот на социјалистичките будалаштини. Како што покажуваат Gwartney et al, просечниот приход кај најсиромашните 10 проценти од населението во најслободните економии е двојно поголемо од севкупниот просечен приход на населението во најмалку слободните економии.
4. Она што всушност ме поттикна за овој текст е овој одличен текст на Роберт Џонс за најновиот Cato Journal. Авторот на многу разбирлив начин од аспект на финансиската теорија го демантира популарниот манифест на Томас Пикети. Текстот не е долг (17 страници) и не е потребно никакво посебно стручно предзнаење, па го препорачувам, а во истото издание на Cato Journal го има и овој многу добар текст, кој исто така ефикасно ги демантира тезите на Пикети од поинаков агол (а можете да го погледнете и овој текст на професорот Мејор од почетокот на годината).
Мошне поразително е што другарот Томас сè уште се доживува како релевантна личност (новопечениот шеф на британските лабуристи го ангажирал за советник, заедно со социјалистот Стиглиц), со оглед на целата низа бесмислици во неговата идеологија. Споменав само неколку детали, овде, овде, и овде.
5. Генерално, она за што левичарите не зборуваат никогаш кога трубат за „нееднаквоста“, а за што пишуваат, на пример, Марк Ранк и Томас Хиршл во својата нова книга, е социјалната мобилност на населението.
Во САД, кои често се наведуваат како економија со мошне ниско ниво приходна мобилност, дури 12 проценти од Американците помеѓу својата 25 и 60 година поминуваат една година како дел од најбогатиот 1 процент од населението на САД, а околу 20 проценти барем една година се во 2 проценти најбогати, 56 проценти поминуваат една година во 10 проценти најбогати, а 73 проценти поминуваат барем една година во најбогатите 20 проценти.
Исто така, според истражувањата од средината на деведесеттите, од населението кое 1979 година било во најнискиот квинтал според приходот, само 14 проценти останале таму за 10 години, додека од оние кои биле во фамозниот 1 процент, дури 58 проценти од нив веќе не биле таму за 10 години.
Значи, луѓето кои денес се најбогати нема нужно да бидат и утре, како што ни оние кои денес се најсиромашни веројатно нема да останат сиромашни целиот живот. Појавата на некакви рентиерски династии се мит.
6. За жал, на лобирањето против капитализмот неодамна му се придружи и Стивен Хокинг и тоа на неолудистички темели. Роботите ќе произведуваат сè што ни треба и ќе ги заменат луѓето, ќе дојде до раст на невработеноста, а алчните сопственици на роботите нема да сакаат ништо да им поделат на сиромашните.
Чудо е како светот ги преживеа изумите трактор и комбајн во време кога над 70 проценти од населението се занимаваше со земјоделство.
Ако роботите ги заменат луѓето на работните места, луѓето ќе се занимаваат со нешто друго. Ќе имаат повеќе слободно време, ќе се пренасочат на некои нови интереси, и ќе се развиваат и некои нови еконономски сектори, исто како што било секогаш досега. На пример, кој пред 200 години воопшто можел да замисли дека ќе постојат индустриски гранки како што се спортската или туристичката, а камо ли дека тоа ќе биде еден од најпропулзивните сектори на светската економија?
Додуша, постои една мошне незгодна работа заради која сепак технолошкиот напредок може да доведе до опасни ситуации за вработливоста и вработеноста на населението, а тоа е државниот монопол на образованието. Како што доаѓа до технолошкиот развој, доаѓа и до промена на пазарот на трудот, се бараат некои различни знаења и вештини, други видови образование и нови занимања... а нема никаква причина зошто државниот образовен систем би се прилагодувал на новите цивилизациски предизвици и потребите на општеството.
Заклучок: Луѓето не би смееле да се плашат од капитализмот. Тоа не значи дека луѓето немаат од што да се плашат, но капитализмот не е ниедно од тие нешта. Ако морате да се плашите од нешто, плашете се од разните социјалистички шарлатани и другите непријатели на слободата кои луѓето би ги пренесувале жедни преку вода.
Извор: http://libreto.net