Писмо од 1920

23.04.2009 10:28
462069.jpg

Драг пријателе,
Веднаш да преминам на главното. Босна е прекрасна земја, интересна, ни малку обична земја и по својата природа и по своите луѓе. И како што под земјата во Босна се наоѓаат рудни богатства, така и босанскиот човек несомнено во себе крие голема морална вредност која кај неговите сонародници во другите југословенски земји ретко се наоѓа. Но, ете, има нешто што луѓето од Босна, барем луѓето од твојот вид, би морале да го увидат, никогаш да не го губат од вид: Босна е земја на омразата и стравот.

Но, да го тргнеме настрана стравот кој е само корелатив на омразата, нејзино природно ехо, и да зборуваме за омразата. Да, за омразата. И ти инстинктивно се противиш и се буниш кога ќе го слушнеш овој збор (тоа го видов онаа ноќ на станицата), како што секој од вас се спротивставува тоа да го слушне, да го сфати и да го увиди. А работата е во тоа што токму тоа би требало да се воочи, да се утврди, да се анализира. И несреќата е во тоа што никој не сака и не умее да го стори тоа. Зашто, фаталната карактеристика на таа омраза и е во тоа што босанскиот човек не е свесен за омразата што живее во него, што се плаши од нејзиното анализирање, и го мрази секој кој ќе се обиде да го направи тоа. Па сепак, факт е: во Босна и Херцеговина има повеќе луѓе кои се подготвени во настапи на несвесна омраза, по разни поводи и со разни изговори, да убиваат и да бидат убивани, отколку во други по жители и по големина многу поголеми словенски и несловенски земји.
Јас знам дека омразата, како и гневот, имаат своја функција во развојот на општеството, затоа омразата дава сила, а гневот предизвикува движење. Има застарени и длабоко вкоренети неправди и злоупотреби, кои само напливот од омраза и гнев можат да ги откопаат и исцедат. А кога тие напливи ќе спласнат и ќе исчезнат, останува место за слободата, за создавање подобар живот. Современиците многу подобро ги гледаат омразата и гневот зашто страдаат од нив, но потомците ќе ги видат само плодовите на силата и движењето. Тоа јас добро го знам. Но, она што го гледав во Босна, тоа е нешто сосема друго. Тоа е омраза, но не како некој таков миг во општествениот развој и неминовен дел од еден историски процес, туку омраза која настапува како самостојна сила, која самата себеси си се има за цел. Омраза која го подигнува човекот против човек и потоа подеднакво ги фрла во беда и несреќа или ги носи под земја и двајцата противници; омраза која како рак во организмот троши и повредува сè околу себе, за да крајот и самата да умре, зашто таквата омраза како пламен, нема постојан лик ниту сопствен живот; таа едноставно е орудие на нагонот за уништување или самоуништување, само како таква и постои, и само додека не ја изврши својата задача за целосно уништување.
Да, Босна е земја на омразата. Тоа е Босна. И по чуден контраст, кој всушност и не е толку чуден, и можеби со внимателна анализа би можел да се објасни, може исто така да се каже дека има малку земји во кои постои толку тврда вера, возвишена цврстина на карактерот, толку нежност и љубовен жар, толку длабочина на чувството, приврзаност и непоколеблива посветеност, толку жед за правда. Но, под сето тоа во непорозните длабочини се кријат бури од омраза, цели урагани набиени од омраза кои созреваат и го чекаат својот миг. Меѓу вашата љубов и вашата омраза односот е ист како и меѓу вашите планини и илјада пати поголемите и постојните несовладливи геолошки наслаги врз кои тие почиваат. И така, вие сте осудени да живеете над длабоки слоеви експлозив кои со времето паднале на искрите на вашата љубов и на вашата пламена и свирепа чувствителност.

Можеби вашата најголема несреќа е токму во тоа што не ни насетувате колку омраза има во вашата љубов и во занесот, во традицијата и во побожноста. И како што почвата на која живееме преминува, под влијание на атмосферската влага и топлина, во нашите тела и им дава боја и изглед, и го одредува карактерот и насоката на нашиот начин на живот, на нашите постапки, исто така силната, подземна и невидлива омраза над која живее босанскиот човек незабележливо и обиколно навлегува во сите негови, па и најдобри, постапки. Секаде во светот пороците раѓаат омраза, зашто трошат а не создаваат, рушат а не градат, но во земјите како што е Босна и доблестите говорат и често дејствуваат со омраза. Кај вас аскетите не извлекуваат љубов од својата аскеза, туку омраза кон сладострасниците; трезвените ги мразат оние кои пијат, а во пијаниците се јавува убиствена омраза кон целиот свет. Тие кои веруваат и сакаат смртно ги мразат оние кои не веруваат или оние кои веруваат во нешто друго и сакаат нешто друго. И, за жал, често главниот дел од нивната вера и нивната љубов се троши во таа омраза. (Најмногу злобни и мрачни лица човек може да сретне околу богомолците, во манастирите и во текињата. Оние кои ги угнетуваат и ги експлоатираат економски послабите, во тоа внесуваат дополнителна омраза, која таа експлоатација ја прави стопати потешка и погрда, а оние кои ја поднесуваат таа неправда, мечтаат за правда и одмазда, но како во некоја осветничка експлозија која, кога според нивната замисла би се остварила, би морала да биде таква и толкава што би го уништиле угнетувачот заедно со угнетениот. Вие, поголемиот број од вас, се навикнавте целата сила на омразата да ја оставате за она што ви е блиско. Вашите сакани светилишта редовно се наоѓаат зад триста реки и планини, а предметите на вашата омраза и одвратност се тука пред вас, во истото гратче, често од другата страна на ѕидот на авлијата. Така вашата љубов не бара многу дела, а вашата омраза многу лесно преминува на дело. И својата родена земја ја сакате, силно ја сакате, но на три-четири различни начини кои меѓу себе се исклучуваат, смртно се мразат и често се судираат.
Во еден расказ на Мопасан постои еден дионизиски опис на пролетта кој завршува со зборовите дека во таквите денови на сите агли би требало да се излепат огласи: „Граѓанину на Франција, пролет е, чувај се од љубовта“. Можеби и во Босна би требало да ги предупредуваат луѓето дека на секој чекор, во секоја мисла и во секое, и највозвишено, чувство се чува омраза, вродена, несвесна, ендемична омраза. Затоа што во оваа заостаната и бедна земја, во која збиено живеат две различни вери, би требало четири пати повеќе љубов, меѓусебно разбирање и толеранција отколку во другите земји. А во Босна, напротив, неразбирањето, кое повремено преминува во отворена омраза, речиси е општа карактеристика на жителите. Јазовите меѓу различните вери се толку длабоки што само омразата понекогаш успева да ги премине. Знам дека на ова може да ми се одговори, и со многу право, дека во тој поглед сепак се забележува одреден напредок, дека идеите на XX век и тука го направија своето, а дека сега по ослободувањето и обединувањето сè ќе оди многу подобро и побрзо.

Се плашам дека нема да биде така (Јас, ми се чини, за овие неколку месеци добро ги видов страшните меѓусебни односи меѓу луѓето од разни вери и народности во Сараево!) Ќе се пишува и во секоја пригода ќе се зборува: „Братот е мил, без разлика на која вера припаѓа“ или „Не се прашува кој како се крсти, туку каква крв му грее прсти“. „Туѓото почитувај го, а гордеј се со своето“, „Интегралното народно единство не познава верски, ниту племенски разлики“. Но, отсекогаш во босанските граѓански кругови постоела лажна граѓанска учтивост, мудро мамење на себе и на другите со звучни зборови и празен церемонијал. Тоа колку толку ја прикрива омразата, а го спречува и нејзиниот раст. Се плашам дека под плаштот на сите современи максими во вие кругови можат да дремат старите нагони и каиновски планови, и дека ќе живеат додека целосно не се променат основите на материјалниот и духовниот живот во Босна. А кога ќе дојде тоа време, и кој ќе има сила за тоа? Еднаш ќе дојде, верувам во тоа, но ова што го видов во Босна не укажува на тоа дека сега се оди по тој пат. Напротив.
Размислував за ова особено во последните месеци, кога сè уште се борев со одлуката засекогаш да ја напуштам Босна. Разбирливо е дека човек кој живее со таа мисла не спие добро. И јас лежев пред отворениот прозорец во собата во која се родив, надвор шумеше Миљачка наизменично со ветрот на раната есен и сè уште бројните лисја.
Кој во Сараево ноќта ја поминува буден, тој може да ги слушне гласовите на сараевската ноќ. Тешко и сигурно отчукува часовникот на католичката катедрала: два по полноќ. Поминува повеќе од една минута (точно седумдесет и пет секунди, броев) и дури тогаш со малку послаб но попродорен звук се јавува часовникот на православната црква, и тој го отчукува своето два часот по полноќ. Малку по нив со својот зарипнат, далечен глас отчукува саат-кулата на Беговата џамија, и тоа отчукува единаесет часот, сенишни турски часови, според чудната пресметка на далечните, туѓи краишта на светот! Евреите немаат свој часовник што чука, но само Бог знае колку сега е часот кај нив, колку според сефардското а колку според ашкенатското сметање. Така и ноќта, додека сè спие, во броењето на пустите часови на глувото доба бдее разликата која ги дели овие поспани луѓе кои будно се радуваат и тагуваат, јадат и постат според четири различни, меѓу себе скарани календари, и сите свои желби и молитви ги испраќаат на едно небо на четири црковни јазици. А таа разлика, некогаш видливо и отворено, а некогаш невидливо и подмолно, секогаш е слична на омразата, често целосно иста со неа.

Илустрации во текстот: Mark Cesark

ОкоБоли главаВицФото