За албумот „Мостови“ на Рундек Карго Трио

27.11.2015 11:17
За албумот „Мостови“ на Рундек Карго Трио

Rundek Cargo Trio, Mostovi, MENART, 2015


Пред неколку месеци Дарко Рундек со своето трио кој го сочинуваат Изабел и Душан Враниќ го промовираше најновиот албум Мостови издаден за МЕНАРТ од Загреб. Наскоро и во Скопје во рамките на Таксират ќе можеме во живо го слушнеме новиот албум на Рундек Карго трио. Дарко Рундек е активен уште од 1979 година, најпрво со њувејв бендот Хаустор од Загреб, а потоа по одреден период, откако се распаѓа Хаустор, Рундек во 1995 година продолжува со соло кариера. Музичкиот стил и експресија на Рундек најмногу припаѓа на гик-рокот креиран преку: кабаре настапи (ова е карактеристично за периодот на Хаустор); вокална техника поблиска до рецитирање отколку пеење; музички микс на разни стилови (инспирација од ворлд мјузик, њувејв, локален фолк); метафорични стихови во кои има испреплетување на поезија, комичност, иронија, критичност преку презентирање на разни теми каде што повеќе доминираат темите посветени на социјалните и политички проблеми во нашиот регион. Дел од овие елементи се присутни и на најновиот албум Мостови кој содржи 11 песни. Има их отскокнува со тензичниот ритмички пулс, но и со впечатливата ангажирана содржина на текстот. Истата песна има и неофицијално видео во кое се застапени слики од разни протести од целиот регион меѓу кои и студентските протести во Скопје од 2014 година. Од друга страна Видова и Витамини со нивниот забавен распеан концепт прават еден вид баланс на албумот. Дел од песните содржат препознатливи стари фрази како на пример во Дон Хуан, се спомнува „свилениот шал“, или во првата песна Џаба фразата „малиот човек“ (асоцијација на песната Мали човек од Шарло акробата), кој сака да оди преку цртата, но не секогаш се бори доволно. Индијска е продолжување на инспирацијата од ворлд музиката како што на претходните албуми се песните Куба или Африка. Во целина Мостови претставува континуитет на посветената повеќегодишна музичка креација на Рундек и на неговото трио.