Птици и биополитика

09.04.2010 11:28
prva2.jpg

Проучувачите на птици во Велика Британија забележале дека во влажните зими галебите и лебедите страдаат многу повеќе отколку во сувите зими. Главната причина за тоа е - влажниот коловоз. Мислејќи дека мокрите патишта се реки лебедите слетуваат со нозете испружени нанапред, очекувајќи нежно слетување врз водена површина. Слетувањето врз влажните патишта предизвикува пресечени канџи, скршени нозе, отворени рани, повредени крила и рбети. Според активистите на организациите за поддршка на дивиот живот, на тој начин повредените птици најчесто завршуваат прегазени од автомобилите...

Лесно е да се констатира: пејсажот е променет. И за птиците и за луѓето. И ние сè помалку се снаоѓаме, оти не е променета само климатската слика на светот. Уште подлабоки и дотолку понеразбирливи се општествените промени. Со старите и сè потешко употребливи навигациски шеми во главата, денес ги кршиме нозете од нестварно светкавите реки кои некогаш ги нарекувавме одговорност, солидарност, слобода, праведност...

Се добива впечаток дека ништо од тоа веќе не постои. Само тврдиот асфалт под стапалата. И скршените крила, како прецизна метафора за умртвените надежи дека подобар свет е можен. Како солзи во бунар исчезнаа големите „левичарски“ идеали: слободата, братството, еднаквоста; но, слабо се држат и нацијата, религијата, семејството... Исчезнува дури и традиционално сфатената политика. Денешната политика е сведена на проста трговија во затворен систем. Како што вели Младен Долар, денес наместо политика имаме само обична распределба на моќта меѓу веќе присутните актери и институции. Ја нема онаа политика што некогаш беше способна да ја измени целокупната рамка, да ги промени актерите, поинаку да го артикулира полето на сили и да ги доведе во прашање различните тивки консензуси. И она што денес најмногу треба да нè загрижува не се конфликтите помеѓу различни политички опции, вели Долар, туку токму полето на тивките консензуси, кое ги задушува сите можности за порадикално менување на системот. Како насекаде да загосподарило чувствота на немоќ: државата е немоќна пред историјата, личноста пред општеството, човекот пред животот...

Италијанскиот филозоф Агамбен дава мошне интересна слика на нашата денешна состојба. Според него, класичната политика многу јасно ги раздвојуваше природниот и политичкиот живот, т.е. zoe и bios. На „природниот“ човек, како едноставно живо суштество, местото му е в куќа, додека на човекот како политички субјект местото му е во полисот. Денес, според Агамбен, ние веќе не сме способни да ги разликуваме zoe и bios, т.е. нашиот биолошки живот на живи суштества и нашата политичка егзистенција, она што е несоопштиво и немо и она што е изговорливо и соопштиво. Ние сме, како што еднаш напиша Фуко, животни кај кои политиката го доведува во прашање и самиот наш живот на живи суштества.

Искуствата коишто некогаш се сметаа за политички одеднаш, во современиот свет, почнуваат да го ограничуваат нашето биолошко тело; и обратно, личните искуства неочекувано почнуваат да играат улога надвор од нас, влевајќи се во политичкото тело. Токму на таа граница (меѓу телото и местото, внатрешното и надворешното, немото и зборлестото, поробеното и слободното, потребата и желбата) мислата на Агамбен се обидува да создаде нов простор за опстојување. Оти, сегашната состојба наликува на парализираност и на „апсолутна немоќ: постојано да се соочуваме со самотијата и молкот токму таму каде што ги очекуваме општеството и зборовите“. Токму во тоа несигурно подрачје, велам, Агамбен го бара патот за некоја поинаква политика втемелена во поинаквото тело и поинаквиот збор: „Од таа неразлачивост на јавното и приватното, на биолошкото и политичкото тело, zoe и bios, во никаков случај не сакам да се откажам. Токму тука морам да го пронајдам својот простор - тука, и никаде другде. Само политиката која тргнува од таа свест може да ме заинтересира...“

Можеби Хичкок во филмот „Птици“ се обиде да ја дофати границата за кој пишува Агамбен, меѓу небото и земјата, телото и местото, внатрешното и надворешното, немото и зборлестото... Познато е дека, меѓу многуте технички експерименти во филмот, Хичкок особено внимание посветил на звукот. Звукот игра големо влијание и во славната последна сцена на „Птици“ кога Роберт Тејлор ја отвора вратата и прв пат, во некаков постапокалиптичен кадар, ги гледа птиците насекаде, целиот хоризонт е исполнет со птици. Хичкок вели дека за таа сцена барал тишина, но не каква било туку електронска тишина, толку монотона за да одговара на шумот на морето кое се слуша оддалеку. Хичкок вели: „Претворен во птичји дијалог, звукот на вештачкава тишина како да сака да каже: ’Сеуште не сме спремни да ве нападнеме, но се подготвуваме. Ние сме како мотор што тивко брмчи. Наскоро ќе тргнеме.’ Шумот е толку слаб што гледачите не се сигурни дали го слушаат или замислуваат.“

Еден стар афоризам вели: Мислевме дека само очите нè мамат. Не знаевме дека сите сетила уживаат.

слики: Крис Бузели

„Глобус“, 07.04.10.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото