Во микрокосмосот на интересни туѓинци

27.11.2015 15:07
Во микрокосмосот на интересни туѓинци

Серијата фотографии едноставно насловена како „Траги“ на Елена Героска, има три клучни елементи што ја прават ефектна секоја поединечна фотографија: добра композиција, емоција и супстрат од тежината на цел еден човечки живот фатен во мигот на повлекување на фотографското „чкрапало“.

Држејќи се настрана од стерилниот минимализам по кој неретко посегнуваат фотографите за да постигнат пречистена естетика која навидум не остава простор за грешки, таа во своите кадри успева да ја внесе сета природна и топла хаотичност на еден човечки дом. Притоа, вешто избегнувајќи губење на фокусот или дисбаланс на композициите.

Убавината на фотографииве е во тоа што издишуваат со приказни и можете да ги гледате одново и одново, откривајќи нови детали кои ја дополнуваат приказната за непознатите ликови кон чии гнезда така воајерски сме ѕирнале. Сликите се напати толку живи и природни, што во секој миг очекувате смрзнатите ликови да се придвижат, да го поднаместат чаршафот на креветот, да ви сварат кафе и да почнат да раскажуваат за своите животи, бавно и уморно.

Атмосферата на тежина и мачнина е преовладувачкото чувство на фотографииве, кое извира од напластените слоеви време и мемории, упиени во предметите и ѕидовите.

Секој дом-приказна, на сликите си има свој станар кој сосем добро му прилега, а луѓето и нивните домови скоро и да „си личат“. Па така, она што го дефинира нашиот потесен животен простор се сведува на трагите кои што неприметно ги оставаме, втиснувајќи го постепено своето присуство преку репетитивното движење по секојдневните траектории во личниот простор.

Околу идејата за проектов, Елена Героска вели:

„Траги“ е проект кој има за цел да влезе во личниот простор на различни луѓе преку фотографија. Отпрвин почнав да ѕиркам низ прозорците, па шетав низ наслебите во Софија... Мојата љубопитност растеше и сакав да влезам во тие домови и да видам што има внатре, иако ми требаше долго време да се охрабрам и да чукнам на вратите. По некое време започнав да разговарам со продавачите, вратарите, луѓето на улица... и така постепено наоѓав луѓе кои ме пуштаа да фотографирам во нивните домови. Некои од нив внимателно си ги уредуваа куќите и становите пред моите посети, други пак едноставно ме пуштаа да влезам. Навистина се надевам дека сите ќе го почувствуваат „присутното отсуство“ во овие фотографии. Бидејќи, помеѓу невидливото и она што е видливо има простор кој e навистина личен.

Елена Героска е родена во 1990 година во Скопје. Дипломирала фотографија на Националната академија за театарски и филмски уметности во Софија. До сега изложувала во Бугарија, Македонија, Австрија, Словачка, Русија... а нејзините дела биле објавувани во повеќе водечки бугарски списанија. Во моментов работи како фоторепортер за сајтот „Плусинфо“.