1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:59
Цимерот на тато
„Цимерот на тато“ е првата книга објавена од страна на Алисон Вондерланд, издавачка куќа за книги за деца, чија цел е да им понуди утеха и разбирање на децата на ЛГБТ родители.
Напишана и илустрирана од Мајкл Вилхоит во 1990 год, оваа книга ја раскажува приказната за момчето чиј татко започнува да живее со маж по име Френк, откако тој и мајката на момчето се разведуваат. Станува збор за едноставна но охрабрувачка приказна за тоа како едно дете успева да го прифати своето ново променето семејство преку секојдневните авантури со тато и Френк.
Мама и тато се разведоа мината година.
Сега некој нов човек живее во куќата на тато.
Тато и неговиот цимер Франк живеат заедно.
Заедно работат,
Заедно јадат,
Заедно спијат.
Во поговорот на десеттото издание, Вилхоит се осврнува на „гневот на религиозната десница“, со кој била дочекана книгата при првото објавување и како овој гнев го постигнал токму обратното од она што нетолерантните цензори го сакале: национална слава; библиотеките низ целата земја „се бореа како тигри за таа книга“. Вилхоит пишува: „Цимерот на тато“ беше мета на цензури, палежи, кражби, оштетувања и добро оркестрирана кампања за отстранување од библиотеките. Но, книгата сѐ уште триумфално го постигнува она за што беше првично наменета: таа претставува огледало во кое децата на геј родителите можат да се огледаат. Сѐ уште се употребува како средство за едукација на децата во потрадиционалните фамилии, за подобро да ги разберат геј фамилиите во опкружувањето. Јас сум многу горд.
Хедер има две мајки
Во 1980 писателката Лесли Њуман започнала да забележува дека истополовите парови имаат деца како и сите други, на кои би можеле да им читаат и кои би ги претставувале нетрадиционалните семејни теми. Во тој момент жените меѓусебе „се венчаваа“ веќе со години, но вистинската брачна еднаквост пред очите на правото и општата јавност беше востановена дури по две децении, како и детските книги кои нудат алтернативни нарации за тоа што го сочинува семејството. Така Њуман дејствуваше според идејата која вели дека најдобриот начин на незадоволство е да се направи нешто; и ја напиша книгата „Хедер има две мајки“ – слатка, искрена сликовница илустрирана од Дијана Соуза, која ја раскажува приказната за еден сладок и пријателски разговор на игралиште за животот на малата Хедер со мама Кејт која е докторка и мама Џејн која изработува мебел. Оваа книга е првенствено позната како првата книга за деца која раскажува приказна за семејство со две мајки.
Два е омилениот број на Хедер. Таа има две раце, две нозе, две очи, две уши, две дланки и две стапала. Таа исто така има две домашни миленичиња: мачка со боја на ѓумбир која се вика Ѓумбирка и големо црно куче кое се вика Црни.
Хедер исто така има и две мајки: Мама Џејн/Јана и мама Кејт/Кате.
Книгата - објавена дури и пред контроверзната книга за деца на Морис Сендак посветена на истата тема - ужива неоспорен пионерски статус, потврден од неизбежните општествени негодувања. Оваа книга не само што беше рангирана како единаесетта на топ-листата на книги во Америка кои најмногу предизвикале интерес во 1990-тите години според Американското библиотекарско здружение, туку и продолжи да привлекува внимание со децении - комичарот Бил Хикс, познат борец за правото на слобода на говор, ѝ оддаде почит за време на неговиот последен јавен настап во шоуто на Летерман во октомври 1993 година, а беше и пародирана и во една епизода на Симпсонови во 2006, насловена како „Барт има две мајки".
И покрај тоа, или можеби токму поради тоа, оваа книга продолжува да живее како храбро олицетворение на познатата реченица на Бертранд Расел: „Не се плашете да имате ексцентирчни ставови, бидејќи секој став кој сега е прифатен како нормален, некогаш бил сметан за ексцентричен.“
Дваесет години подоцна Њуман ги напиша книгите „Мамичка, мама и јас и Татичко, тато и јас“, со чувствителни илустрации направени од уметницата Керол Томпсон. „Хедер има две мајки“може да се спореди со „Од дрвото: Родители, деца и потрагата по идентитет“ на Ендру Соломон, трогателна приказна која раскажува како љубовта може да нѐ промени и да нѐ направи повеќе свои, и неверојатно шармантната книга „Тројца за танго“, алегорискиот пример за брачна еднаквост која раскажува вистинита приказна за семејство на геј–пингвини во зоолошката градина во Централ Парк.
Изминативе неколку децении Њуман напишала повеќе книги за деца со ЛГБТ тематика, вклучувајќи ја и книгата „Глорија оди на Геј парада“. Модернизираното издание на „Хедер има две мајки“, со нови илустрации од Лаура Корнел, беше издадено во март 2015 година.
Тројца за танго
„Тројца за танго“ од Џастин Ричардсон и Питер Парнел, со прекрасни илустрации од Хенри Кол, ја раскажува трогателната вистинска приказна за Рој и Сило – два брадоцрти пингвина во зоолошката градина во Централ парк. Рој и Сило се заљубиле во 1998 година и оформиле семејство, посвојувајќи ја малата Танго – првото и единственото бебе-девојче со двајца татковци во оваа зоолошката градина.
Објавена во 2005 година, речиси една деценија пред да стапи во сила законот за брачна еднаквост, книгата слатко ги прославува модерните семејства повикувајќи се на најнеспорната и најинклузивната средина - самата природа.
Секоја година во исто време женката-пингвин започнува да го забележува мажјакот–пингвин. Исто така мажјакот–пингвин започнува да ја забележува женката-пингвин. Кога вистинската женка и вистинскиот мажјак ќе се пронајдат еден со друг, тие стануваат пар.
Двата пингвина во една куќарка за пингвини беа малку поинакви. Едниот се викаше Рој, а другиот Сило.
Рој и Сило беа машки. Но, тие беа заедно.
Си се поклонуваа еден со друг. Шетаа заедно.
Си потпевнуваа еден на друг. И пливаа заедно.
Каде и да одеше Рој, Сило одеше со него.
Не поминуваа многу време со женките–пингвини и женките не поминуваа многу време со нив. Наместо тоа Рој и Сило се прегрнуваа еден со друг. Нивниот чувар господинот Гремзи ги забележа двата пингвина и си помисли: „Тие мора да се заљубени“.
Рој и Сило гледаа како другите пингвини прават домови. Така и тие изградија свое гнездо од камења. Секоја вечер Рој и Сило спиеја таму заедно, исто како и другите парови–пингвини.
И секое утро Рој и Сило се будеа заедно. Но, еден ден Рој и Сило видоа дека другите парови прават нешто што тие не можат.
Рој и Сило немаа јајце на кое ќе седат и кое ќе го топлат.
Тие немаа мало бебе-пиле да го хранат, да го гушкаат, да го сакаат.
Нивното гнездо беше убаво, но малку празно.
Еден ден Рој најде нешто што личеше на она што другите пингвини го испилуваа и го чуваа во нивното гнездо.
Тоа беше само камен, но Сило внимателно седна на него. И седеше... И седеше...
Кога на Сило ќе му се приспиеше, си легнуваше. А откако Сило ќе се наспиеше повторно ќе седеше, одеше да плива, по што Рој седеше на каменот. Ден по ден Сило и Рој седеа на каменот.
Но, ништо не се случи. Тогаш, г-дин Гремзи доби идеја:
Тој пронајде јајце за кое требаше некој да се грижи, и го стави во гнездото на Рој и Сило.
Рој и Сило знаеја што да прават. Тие го наместија јајцето на средина во нивното гнездо. Секој ден го вртеа, за секоја страна да остане топла. Некогаш Рој седеше додека Сило одеше по храна. Некогаш Сило се грижеше за нивното јајце.
И така беше, додека еден ден тие не слушнаа звук кој доаѓа од внатрешноста на јајцето.
Пип, пип. Пиип, пип, пип – рече тоа.
Рој и Сило, возвратија, Сквак, Сквак.
Пип, пип - одговори јајцето.
Одеднаш мала дупка се појави на лушпата од јајцето. И тогаш...
Краааааааак!
Излезе нивното, навистина нивното бебе! Таа имаше бушави бели пердуви и смешно црно клунче. „Ќе ја крстиме Танго“ - г-дин Гремзи одлучи, „зашто за Танго се потребни двајца.“
Вечерта трите пингвини се вратија во нивното гнездо.
Таму тие се стуткаа еден во друг и како сите други пингвини во нивните домови, и сите видови животни во зоолошката градина, и сите семејства во големите градови наоколу, заспаа.
Но, вистинската приказна има истовремено и горчлив и сладок крај - во 2005 година, веднаш откако беше објавена „Тројца за танго“, Рој и Сило се разделија. Сило се спои со женка-пингвин. Во меѓувреме, Танго стапи во истополовa врска со друга женка-пингвин, по име Танузи. Танго и Танузи останаа заедно во секој циклус на парење.
Морис Мајклвајт и фустанот со боја на мандарина
Од сите ограничени стереотипи и предрасуди во нашата култура, ниту еден не е толку распространет колку оној кој се однесува на ограничените родови очекувања кои им ги наметнуваме на децата од нивните најрани години. Дури и младиот Марк Твен пишува за нив во неговата потценета но восхитувачки „непристојна“ книга од 1865 година - „Совети за малите девојчиња“, a еден карикатурист во Њујоркер на брилијантен начин ги исмеал истите еден век подоцна. Денес ситуацијата се подобрува бавно и скромно благодарение на повремените детски книги кои ги охрабруваат младите девоjчиња да ги надминуваат родовите стереотипи. Но, што се случува со малите момчиња кои не се однесуваат според општествените прописи за тоа како треба да го живеат својот идентитет и не можат да разберат зошто ним не им е дозволено да уживаат во она кое им е дозволено на малите девојчиња?
Како што Ерика Трафтон пишува во нејзината трогателна медитација за родовиот идентитет, „оваа култура сака малите момчиња да сонуваат само за кошарка, камиони и возови. Во оваа култура нема простор за малите момчиња кои сакаат да бидат убави.“ На истиот начин и Ендрју Соломон мудро забележува: „Желбите на нашите деца се и наша вежба по имагинација“.
Таа вежба е она што писателот и познатиот противник на теророт на истоветноста Кристијан Балдачино и илустраторката Изабел Малефант го истражуваат со голема топлина и нежност во „Морис Микелвајт и фустанот со боја на мандарина“– приказна за слаткото но неразбрано мало момче, исмевано и отфрлено од своите соученици поради тоа што многу љубел на училиште да носи фустан со боја на мандарина.
Малиот Морис е имагинативно и неверојатно креативно дете, кое сака да слика, да пее и решава загатки потпевнувајќи си. Тој го обожава фустанот со боја на мандарина, бидејќи неговата боја „го потсетува на тигрите, сонцето и косата на неговата мајка“; тој исто така го обожава и звукот што фустанот го прави: „ц’к, ц’к, ц’к“ кога оди и „шик, шик, шик“ кога ќе седне.“
Кога момчињата му се потсмеваат, а девојчињата зачудено зјапаат во розовиот лак на неговите нокти, тој се преправа дека не ги забележува, но неговото срце болно пати.
Неговите соученици дури и го исфрлија од вселенскиот брод којшто го изградија – „Астронаутите не носат фустани“, му рекоа остро.
Еден ден Морис толку многу се натажи од постојаното малтретирање, што започна да чувствува и физичка болка. (Впрочем, психолозите сега тврдат дека „социјалната болка“ има и биолошки последици.) Тој е испратен дома, каде сонува за големи авантури со својот мачор Мо.
Следниот ден Морис ги зема своите четки и живописно ги црта своите соништа, комплетирајќи ги со светкав вселенски шлем за Мо. На сликите Морис го носи својот омилен фустан со боја на мандарина додека јава на врвот на големи сини слонови.
Во понеделник Морис оди на училиште со слика во својот ранец.
При првата прилика го облекува фустанот кој го потсетува на тигрите, на сонцето и на косата на неговата мајка.
Фустанот со боја на мандарина шумоли, шумоли, шумоли.
Чевлите на Морис прават так, так, так.
Тој се чувствува прекрасно.
Момчињата во неговиот клас се толку воодушевени од светот кој Морис го сонувал - свет во кој тој ги поканува – и одлучуваат дека „не е важно дали астронаутите носат фустани или не“, бидејќи „најдобрите астронаути се оние кои знаат каде се кријат сите добри авантури“. Со тивка насмевка Морис го прифаќа нивното одобрување.
Кога времето за ужинка заврши, Беки му го побара фустанот.
Морис ѝ рече дека некогаш можеби ќе ѝ го даде.
„Момчињата не носат фустани“ рече Беки.
Морис се насмевна, слушајќи го шумолењето кое фустанот го правеше како што се движеше кон вселенскиот брод.
„Ова момче носи.“
(крај)
Извор: www.brainpickings.com