Комунистичкиот ревизионизам

28.11.2015 23:51
Марио Копиќ

Изминатата деценија и половина од 21 век сведочи дека мислата на Хегел за крајот на историјата кој се приближува ја надвладеа претставата на Ниче за вечното повторно доаѓање на еднаквиот (die ewige Weiderkehr des Gleichen). Тогаш, колку наивно звучат зборовите на Данило Киш од 1988 година: „Поминаа како лански снегови славните години на француското левичарење! Денови непоколеблива вера во сталинскиот, во маоистичкиот, во кубанскиот, во албанскиот, во југословенскиот модел. Архипелагот Гулаг на Солженицин ја разори неприкосновеноста на вулгата и ја разниша довербата во една единствена вистина; во соништата на левичарите се вовлекоа фантомите на неколку десетици милиони мртви чии коски лежат расфрлани во ледената тундра, без белези, предадени на вечниот заборав... На таа основа на нечистата совест, францускиот интелектуалец замолчи“.

Напротив. Сè уште се обновуваат замислите за триумфален поход на овие или оние идеи, но тоа нивно повторување докажува дека тие идеи додуша се враќаат, но дека тие всушност не водат никаде. Независно дали станува збор за идејата на национал-социјализмот, интернационал-комунизмот или пак исламскиот фундаментализам.

Зошто ни се враќаат сите тие идеи, сите тие тотални идеи, тие мајки на тоталитарните движења, носителки на тоталитаризмите? Одговорот е парадоксален: заради нивната неостварливост. Со други зборови, заради неминовната осуденост на тоталитаризмите, што извираат од тоталните идеи, на пораз. Во трогателната формулација на Хана Арент, секој тоталитаризам „ги носи клиците на сопственото уништување (bears the seeds of its own destruction)“. Но, станува збор за пораз што опиените од тие тотални идеи не го разбираат како дефинитивен пораз, туку само како привремен неуспех, повремено промашување. Заради својата потполна неостварливост, затоа е најжилава токму хилијастичката претстава за небесното царство на земјата. Изворот на ревизионизмите мораме да го бараме токму во таа точка. Ревизионизмите извираат од метафизичката вера во идејата, од верата во идејата на метафизички поставеното, всушност, претпоставено „Добро“, од верата во Идејата за доброто, која заради својата метафизичност, озгора или од онаа страна на човекот и неговата смртна природа. Затоа, Идејата за доброто е онаа инстанца во чие име е дозволено и да се одведе во смрт, да се убие. Од Платон до денес.

Ревизионизмите во строгото, идеолошко-политичко значење покрај опиеноста од идејата ја вклучуваат и апологијата на убивањето во името на идејата. Нивниот знак за распознавање е токму одбраната на правото на убивање. Ревизионистичката апологија на убивањето е двовалентна: го оправдува убивањето наназад, во минатото, и го овластува убивањето однапред, во иднината. Комунистичката идеја е убиствена идеја, злосторничка идеја. Оној што таа злосторничка идеја ја прогласува за добра, дури и „благородна идеја“, не е само апологет на злосторничкото убивање, туку и пропагандист на екстремната етичка неодговорност. Истото важи и за апологетите и пропагаторите на национал-социјализмот или исламскиот или христијанскиот фундаментализам. Сите тие се пропагандисти со крајна етичка неодговорност. Бидејќи во етичка смисла сите овие средства никогаш не се дозволени. Човекот не смее да направи сè што може да направи, па ни во конфликтите за победа на најблагородните идеи или за зачувување (пред наводните загрозености и секаквите заговори) на единствено вистинската вера.

Вистина е дека нема визија без ревизија, нема поглед во иднината без осврт кон минатото, неговите проценки и, од тој аспект, зацртување на понатамошниот пат. И ревизионизмот произлегува токму од таквата ревизија, но негова карактеристика е обележаноста со изопачување на вистината за минатото, намерно искривување, најпосле, лажење за минатото. Значи, дали во средиштето на ревизионизмот не е ре-визијата, туку обидот за превреднување на комунизмот како негативна историска појава, обид за негова ревитализациска рехабилитација. Целта на оживувањето на идеите на комунизмот е да се разбуди идејата за комунизмот проткаена со политички движења, а средство на тоа будење е повторното маскирање на комунистичката демаскирана милитантност и хомицидност. Она што притоа е најголема опасност е дека зад оправдувањето за убивање под небото на милитантните идеи на комунизмот се крие неговото идно априорно овластување. А, првиот знак за оправдувањето како пат во (идното) овластување е минимизирањето на жртвите на комунизмот (најмалку стотина милиони) и нивните страдања.

Така апологетите на комунистичката револуција постојано повторуваат: комунистичките револуционери се бореле за праведност и ние се бориме за праведност. Социјалната праведност е таа благородна цел која човештвото, сите луѓе, ги води во убава и светла иднина. Но, притоа бараат да ги затвориме очите пред сите оние грди и валкани средства што ги употребувале за постигнување на својата цел и да заборавиме на милионските жртви од нивното крваво експериментирање, на сите оние кои веќе немаат никаква, а камо ли убава и светла иднина. Бидејќи не може да се реализира некоја цел без средства за нејзина реализација, благородната цел и злосторничките средства не е можно „метафизички“ да се третираат одвоено. Идејата за комунизмот како политички проект за остварување на комунизмот ја прават како целта така и средствата. А комунистичката идеја не е само идеал, туку пред сè и над сè „раководство за дејствување (руководство к действию)“ (Ленин). Или, кажано лирски: гладен човеку, фати ја книгата, таа е оружје (Hungriger, greif nach dem Buch, es ist eine Waffe, B. Brecht).

Притоа, мораме да бидеме свесни дека целта никогаш не ги оправдува средствата. Напротив. Средствата, доколку се убиствени, за возврат ја оправдуваат целта. Убиственото насилство, зад кое останаа покојните жртви на комунистичката револуција, неповратно ја извалка и самата цел на комунизмот, кој повеќе ништо не може да оправда повратно. И ќе го валка, ако и понатаму дојде до комунистички револуции, неизбежно, секогаш и секогаш одново. Револуционерното насилство не е некаков случаен приврзок на комунистичката револуција, туку токму неговиот двигател. Нема идеи за комунизмот без револуционерно насилство. Затоа не е можно комунизмот да се брани „есенцијалистички“ со повикување на разликите, дисоцијација помеѓу наводно убавите и благородни идеи на комунизмот и грдата и брахијална реалност на реално егзистирачките комунизми. Токму во таквото повикување лежи ревизионизмот. Бидејќи, идејата како таква е убиствена; и покрај тоа радикалната реализација на идеите на комунизмот на Маркс би предизвикала уште полош терор и уште полошо насилство отколку што во болшевичката револуција спроведувале Ленин и Сталин (кои морале, колку-толку, да респектираат некои реални околности и/или ограничувања. Со незаборавните зборови на Кундера:

Луѓето ги сакаат зборовите: Револуцијата е прекрасна, единственото зло кое произлегува од неа е теророт. Но, тоа не е вистина. Злото е веќе присутно во прекрасното, пеколот е веќе содржан во сонувањето за рајот и доколку сакаме да го сфатиме битието на пеколот, мораме да го испитаме битието на рајот од кое тој произлегол. Многу е лесно да се осуди Гулагот, но многу е тешко да се осуди тоталитарната поезија која преку рајот води во Гулагот.

Потполно реализираната тоталитаристичка идеја на Маркс за укинување не само на капиталистичкото, туку и пазарот како таков во целина, идејата за тотално управување и надзирање на општеството, би била, според тоа, иако е тешко и да се замисли, посурова од деспотскиот режим на Сталин.

Тоа е суштината. Комунистичката, марксистичко-ленинистичка револуција не е каква било револуција, туку насилна, крвава револуција. Нејзина „вистина“ се Гулагот и Голи оток, концентрациониот логор. И, затоа, како што соодветно истакнува Мишел Фуко, прашањето на Гулазите „мора посебно да му се постави на секое социјалистичко општество, бидејќи ниедно од нив од 1917 година де факто не успеало да функционира без повеќе или помалку развиениот систем на Гулазите... Треба да се истакне специфичноста на прашањето за Гулазите наспроти секој теоретски редукционизам (rabattement theorique) (кој од него ја прави читлива грешката врз основа на текстовите), наспроти секој историцистички редукционизам (кој од него го прави учинокот на конјунктурата, што може да се изолира почнувајќи од причините), секое утописко разделување (dissociation utopique) (кое би го поставило, со ‘псевдосоцијализмот’, во опозиција со ‘самиот’ социјализам) наспроти секое универзалистичко растворање во општ облик затворање“. Марксистичко-ленинистичката револуција не е револуција како замена на власта, односно политичкиот режим или систем по мирен пат, на легитимни, слободни и чесни избори. Комунистичката револуција не е ни нешто спонтано; не значи автоматски преврат врз основа на народен отпор, туку партиско-болшевички организиран преврат врз основа на планирано насилство, прогонување и убивање за класните непријатели на стигматизираните луѓе. Програмирана до таа мера, што комунистичките револуционери по правило намерно предизвикуваат вооружен отпор, таканаречена контрареволуција, а со тоа – од аспект на народот – братоубиствена војна.

Тоа ја навело Хана Арент во своето истражување на феноменот на револуцијата да направи одлучна разлика помеѓу „бунт“ (rebellion) и „револуција“ (revolution), и тоа врз основа на согледувањето на Алексис де Токвил дека Американската револуција „не се темелела на зовриените страсти на нередите; туку, напротив, се развивала со љубов за ред и законитост (ell ne s’est point appuyée sur des passions de désorde; mais, au contraire, elle a marché avec l’amour de l’ordre et de la légalité)“. Според критериумите на Хана Арент, Француската и Руската револуција би било посоодветно да се нарекуваат „бунтови“, додека единствено Американската револуција би била вредна за тоа име. Според неа, бунтот е мета-политички настан кој се создава од радикалното незадоволство од ситуацијата во каква живеат народните маси и која бара моментално „ослободување“ и преобразба на сите општествени и економски активности, брзо постигнување „подобар живот“ и комплетно „подобар свет“. Бунтовничкиот дух е дух на очајот, очајничко отфрлање на сè постоечко и очајничка тенденција за некаков вид утопија. Бунтот е повеќе социолошки настан, а помалку политичка акција. Неа ја придвижува слепата инерција која чисти сè пред себе, а нејзините таканаречени водачи се всушност нејзини заробеници и најпосле нејзини жртви. Сите тие бунтови завршуваат како верзија на „изневерената револуција (revolutionbetrayed)“. Таканареченото предавство е всушност само нужен завршеток на бунтот. Бидејќи нејзините негативни намени се неостварливи, а нејзината длабока двојност нема да ја ублажи ништо освен невозможните намени, завршниот резултат секогаш е режим кој се претвора дека ги отелотворува тие намени и кој со терор ги наметнува тие лажни претензии.

Всушност, идејата на комунизмот живее од фантазмата дека сè треба да се почне одново, од ништото (Норман Кон). Појдовната точка е безобѕирната критика на сè постоечко, постоечкото треба да се сруши до земја, да се уништи, а потоа ќе биде како што ќе биде. Од Ниче, таквиот став се смета како став на активен нихилизам: активно уништување на човечкиот свет и човечките животи. Се разбира, во име на праведноста. Бидејќи нема одредена цел, уништувањето на старото се стекнува со уништувањето без цел, уништување заради уништување, убивање заради убивање. Заради повеќе од ужасните последици на таквиот став и таквиот чин, комунистичките губилишта се столку страшни што воопшто не можеме ни да ги замислиме. Тие се повеќе од трагични и повеќе од трауматски.

Секако, праведноста ја сакаме сите. Праведноста е сопственост на сите луѓе, затоа како цел, како идеал, никој не би смеел да ја присвојува. А во своето окупациско поле најмалку треба да ја прогласува марксистичко-ленинистичкиот комунизам, кој во својот нихилистички поход дури најсурово ја злоупотребувал праведноста. Она што идејата на комунизмот во нејзиниот активен нихилизам ја разликува од другите проекти на праведното општество не е идеалот за праведноста, кој, на пример, е карактеристичен и за антиката и за христијанството, туку терористичката злоупотреба на тој идеал, злоупотреба со која најпосле комунизмот се поистоветил со другите тоталитаризми. Се поистоветил сосема и без исклучок, бидејќи комунистичкиот фундаментализам, како нешто поинакво од темелното движење на комунизмот, не го познаваме: во својата тоталитарност комунизмот е терористички и затоа е фундаменталистички, како таков. „Да се биде демократ, а да не се биде антикомунист е исто што и да се биде гурман а да не се сака јадењето“ (Борислав Пекиќ). Но, најпосле, како идејата на комунизмот со своето лажно ветување за сеопшта праведност, рај на земјата, хармонија, „царство на слободата“ (каков цинизам!), утопија... повторно се враќа и ќе се враќа и понатаму?

Извесно е дека таквата реставрација на идеите на комунизмот во 21 век нè враќа во 20 век, во средиштето на гигантомахијата помеѓу тоталитаризмите и нивните авторитарно-милитантни идеологии. И затоа за сите ревизионистички апологети на тоталитарните идеи би било добро навреме да се одречат од циничната неодговорност и одговорно да го рефлектираат она што го прават. Но, вистинското прашање е: дали сите тие актуелни апологети на убиствената идеја на комунизмот воопшто и сè уште размислуваат? Во таа смисла, зборовите на Киш од 1988 година и понатаму остануваат на сила како предупредување: „Болеста на левичарењето го доведе западниот интелектуалец до потполно губење на неговите критички способности, како што неиздржливата леснотија за ангажирање го доведе до денешната криза“. Додека не се приберат, ќе бидат функционери на вечното повторно доаѓање на еднаквиот во подлабокото значење на Ниче, во значењето на вечното враќање на волјата за моќ. Ќе бидат неосвестени застапници на убиствено-самоубиствената алчност за апсолутна власт.


Извор: libreto.net
Фотографии: Ребека Личфилд (од серијата „Советски духови“)

Слични содржини

Европа / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Теорија / Историја
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Gif / Теорија
Општество / Gif / Теорија

ОкоБоли главаВицФото