Ликот на административец се појавил на работа!

30.11.2015 02:30
Ликот на административец се појавил на работа!

Скопје, 30 ноември 2015

Група вработени во Mинистерството за транспорт и врски велат дека доживеале чудо, кога минатиот петок ликот на нивниот колега од секторот за клатење врата се појавил на работа.

Од Министерството сè уште не излегуваат со официјален став, но на социјалните мрежи веќе кружат фотографии на кои изгледа дека 42-годишниот Митре Василевски се наоѓа седнат на своето биро и гледа во куп документи.

„Сигурна сум дека тоа беше Митре. Се појави само за миг, го зеде билтенот од една спортска обложувалница, пополни неколку ливчиња и повторно излезе“, раскажува неговата колешка Маријана Атанасова.

„Колегите почнаа да се штипкаат во неверување зашто Митре, иако е наш колега, спаѓа во групата на оние кои никогаш не се појавуваат на работа. По меѓусебните консултации, сите сфативме дека сме го виделе истото и се прекрстивме, а дел од колегите побожно го допираа неговото биро, столче и компјутер“ раскажува Маријана.

Останатите колеги на Митре од одделот за клатење врата, кои ги најдовме во една од кафеаните во близина на Министерството, негираат дека се случило такво нешто.

„Митре цело време е со нас, во кафеана или во кладилница. Сликите што кружат на интернет се монтажа. Тој никогаш не би им дал лош пример на останатите административци со појавување на работа“, вели Петко, колега на Митре со кого работат во истиот оддел.

Иако повеќе од 30 луѓе тврдат дека биле сведоци на чудото, најголемиот дел од вработените во државната администрација не веруваат дека тоа е возможно.

„Само измислуваат некакви приказни. Што ќе биде следно? Ќе нè убедуваат дека вработен во државната администрација навреме се вратил од пауза?!“, вели Стојна Ленчаровска, референт за гледање на кафе во Министерството за економија.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото