1030 hPa
69 %

1 °C
Скопје - Вто, 11.02.2025 08:59
Под мотото „Сите сме дел од промената“, Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје организира добротворен настан и одбележување на Светскиот ден на СИДА. Настанот е замислен како тивка аукција на уметнички дела од 9 македонски уметници, а ќе се одржи во кафе-барот Концепт 37, во вторник, 1 декември, со почеток во 20:00 часот.
За настанот свои уметнички дела имаат донирано повеќемина ументници, меѓу кои Симон Калајџиев, Иван Петрушевски – Флим, Нина Симовска, Мима Пејовска, Велимир Жерновски, Дороти Пачкова, Марјан Арсовски, Јадранка Митева Милчовска и Петар Петков. Делата на овие уметници ќе бидат предмет на јавно наддавање. Како гости се поканети претставници од естрадата, бизнис-секторот, дипломатскиот кор, а настанот ќе биде отворен и за пошироката јавност.
- Целта на настанот е заеднички да придонесеме за поголема свесност за ХИВ во македонската јавност и да ја поттикнеме поддршка на јавноста кон луѓето што живеат со вирусот. Понатаму, цел ни е да ја поттикнеме и социјалната одговорност во врска со ова прашање кај македонските компании. Тоа е важно, бидејќи во нашата држава сè уште е премногу ниска стапката на доброволно тестирање за ХИВ, а луѓето што живеат со вирусот неоправдано се соочуваат со дискриминација на многу полиња. Наспроти тоа, ХИВ-инфекцијата денес претставува една хронична состојба која успешно се менаџира со помош на достапната терапија, се разбира, доколку навреме се открие, изјавува Андреј Сених, извршен директор на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ.
Средствата што ќе се соберат од оваа аукција, како и минатите години, се наменети за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ во Македонија. Поконкретно, Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ ги пренасочува овие средства за покривање на итни здравствени потреби или за помош на лица со ХИВ кои живеат во неповолни социјални услови. Оваа година Здружението започна и со прибирање на средства за поддршка на своите активности, особено во делот на врсничката едукација на луѓето што живеат со ХИВ, застапувањето за подобра терапија и здравствена заштита, подигнувањето на јавната свесност и доброволното и доверливо тестирање и советување за ХИВ.
На самиот настан ќе биде промовиран и видео-спот на тема стигма кон лицата што живеат со ХИВ, снимен врз основа на вистинските реакции на македонската јавност во рамките на социјален експеримент што го направи Здружението за поддршка на луѓето со ХИВ.