Македонските криминалци се жалат: владата ни го зема лебот!

01.12.2015 10:55
Македонските криминалци се жалат: владата ни го зема лебот!

 

 

Македонските криминалци се жалат: тешко живееме зашто владата го презеде нашето работење

 

Скопје, 1 декември 2015

„Веќе не се трпи!“ Со овие зборови почнува писмото кое Здружението на македонските криминалци (ЗМК) им го испрати на медиумите во земјава. Членовите на ова здружение, кои се познати престапници и одметници од законот, се жалат дека последниве девет години владата и нејзините функционери им ја презеле целата дејност и сега македонските криминалци немаат од што да преживуваат.

Немаме леб да им однесеме на швалерките. Порано им купувавме бунди и злато, а сега спаднавме на бајат леб и евтина пилешка паштета за да не цркнат од глад. Оваа влада, која е најлоша во историјата на Македонија, ни ги презеде сите бизниси. Денес не можеме ни да препродаваме карти за фудбалски натпревари по повисока цена. И тоа не ни даваат да го правиме. Го резервираа криминалот само за нивни луѓе“, се пожали К.К., претседателот на здружението кој, од разбирливи причини, замоли да не му се објавува целосниот идентитет.

Тој вели дека македонската влада е вмешана во сите видови криминал и дека не дозволува туѓи луѓе да земат учество во незаконските дејанија.

„Владата секаде е вмешана: продажба на дрога, уценување, изнудување, проституција, трговија со бело робје, урбана мафија, подмитување и корумпирање политичари, незаконски борби со кучиња, шверц на бела техника, кражби на коли, дури и во ситните измами како џепарошење по автобуси. Нема криминал што владата не го контролира, нема владин функционер што не е замешан во некое незаконско работење, нема политичар што не е корумпиран“, се вели во писмото што ЗМК го испрати до македонските медиуми.

Од ова здружение велат дека ваквата состојба е неиздржлива и дека во случај да не им се отстапи малку простор за криминални однесувања, ќе преземат екстремни мерки, односно ќе побараат бугарски пасоши и ќе заминат да работат во странство.

„Ние ја сакаме оваа земја и овој народ, но бараме разбирање за нас. Во моментов овде не гледаме своја иднина, па ако треба, ќе си ја украдеме среќата во странство. Знаеме дека тамошните влади не се толку криминални како нашава, па сигурни сме дека ќе има доволно работа и за нашите членови“, се вели при крајот на писмото кое завршува со зборовите: „Се надеваме дека македонската влада ќе се опамети и нема да дозволи да заминеме од државава.“

Пара вести побараа изјава од кабинетот на владата, но оттаму ни рекоа дека се зафатени со решавање на барокниот изглед на фасадата број 26 на улица Македонија во центарот на Скопје и ни испратија кратко соопштение во кое се наведува дека „откако оваа владејачка гарнитура стапи на власт во 2006 година, криминалот во Македонија е намален за 99,9%, и може да се каже дека денес речиси и да не постои криминал во државата“.

Слика: Свирачиња