Чешлање перики

02.12.2015 03:17
Чешлање перики

Дури и најбуквалното почитување и најпосветеното спроведување на договорот од Пржино или на Извештајот од Прибе или на која било друга од многуте препораки не гарантира дека во догледно време ќе се смени нешто - се мисли на подобро - во таканаречената медиумска сфера во Македонија. Од едноставна причина што може да се поправа само нешто што е расипано, а не уништено, како што е случајот со медиумите.

Тоа, се разбира, не е оправдание за циркусот што се случува во и околу Клубот на пратениците во кој некакви партиски работни групи „као“ нудат излез (според договорот од Пржино), а пред него новинарски здруженија „као“ протестираат против тоа што не можат да влезат. Ама, секако дека е уште еден - сосема непотребен - доказ за хаосот, за изгубените стандарди, за мракот и дното на кое се потонати медиумите.

За врв на иронијата, за кулминација на безобразието може да се смета оваа реченица од едно соопштение на ВМРО-ДПМНЕ: „Партијата нагласува дека останува посветена на концептот за воведување највисоки европски стандарди во таа сфера“. Ако партијата на која во десетгодишното владеење ѝ појде од рака да ги понижи, да ги подјарми и да ги згази во толкава мера и најмоќните медиуми, вклучувајќи го и јавниот сервис МТВ, може да се осмели да соопшти вакво нешто, тогаш тоа е најголем доказ дека навистина состојбата во медиумската сфера е безнадежна. Благо речено.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња