За работникот и работата

02.12.2015 13:58
За работникот и работата

Мислам дека во западниот свет се поларизираат две сили: од една страна се работниците, но не само во смисла физички работници и занаетчии, туку, воопшто, луѓе кои ја сакаат работата, работата како креативен импулс кој носи себеисполнување, што значи и културни работници, интелектуални работници, работници во здравството, работници во образованието, научни работници итн. (Работникот не го посматрам само како физички наемник кој со својот труд создава вишок вредност односно профит кој го присвојува капиталистот.)

Другата сила се неработниците, тие кои го обожуваат комфорот, и најчесто бидејќи се богати не мораат ништо да работат. Овие пак располагаат со богатство, го обожуваат тоа богатство и се во постојана трка да го зголемат, а методот за таа цел е беспоштедна експлоатација на луѓе и природни ресурси или и берзанските финансиски шпекулации. Главна карактерна црта на овие „неработници“ е алчноста за пари-кои-никогаш-не-им-се-доста. Тие сега управуваат со геополитиката и глобалната економија. Нивната алчност е толку голема што кога потполно ќе ја освојат планетата Земја, не знам што ќе прават, ќе мораат да ги освојуваат и другите планети од Сончевиот систем.

Но тоа не е сè. Бидејќи овој увид треба да се комбинира со уште една друга дистинкција, за во спојот на двете да се добие јасна слика.

Да се биде зависник од работење или воркохолик исто така не чини! Фактички, во западниот свет постои таа хиперактивност, животот на човекот му е подреден на работата, а за возврат, како компензација и награда, тој е во потрага по уште повеќе задоволства, сака уште повеќе добра, уште повеќе пари, уште повеќе да се заробува во фетишот. Едно со друго оди заедно, затоа што тој хиперактивен човек не живее во баланс меѓу работата и мирувањето, туку постојано е како мелен во машина.

А феноменот на мрзливоста, забошотувањето на работата или она народски кажано купи – ден - помини, е другата крајност; тоа денгубење, пасивност и инертност кои многу се развија во социјалистичките општества, какво што беше и нашето, и некои други заедници со мрзлив менталитет, многу повеќе од „мелењето“ е промашен живот.

На страна богаташите кои не работат затоа што не мораат па не знаат што попрво да прават со себе.

Значи, поентата е во односот кон трудот, работата. Паралелно со сето тоа, или истото кажано со други зборови, е фасцинантниот однос кон идолот, фетишот, од една страна, и кон идеалот, утопијата од друга. Значи, така некако се поларизира таа западна а сега глобална свест, што ми стана уште појасно откако го гледав она интервју со Славој Жижек, Јанис Варуфакис и Џулијан Асанж од 23 ноември.

Мислам дека тоа е клучно: односот кон работата. Можеби затоа левицата, со работникот како главна преокупација (но работникот како широка категорија како што посочив погоре), правата на работникот, правилно вреднување на неговиот труд, ќе донесе суштинска реформа во овој наш денешен свет, со едно ново толкување на значењето на работата и улогата на работникот, како базична неопходност што ќе вроди надеж за посветла иднина на човекот. Заедно со еколошките реформи. Тие две реформи (треба да) се одвиваат како комплементарни.

Да се сака својата работа и да се ужива во неа како занаетчијата од Крушево кој изработува буриња! (од емисијата „Луѓе и места“ на телевизијата Телма)! Тој навистина ужива во својата работа, што го прави витален и здрав. Но се пожали, немало кому да го пренесе занаетот. Штета!

Бидејќи ако работиме затоа што уживаме, а не затоа што „мораме“, и ако работата (која ни „лежи“) ја сфаќаме креативно, како примерот со овој и многу други занаетчии, а потоа „мирувајќи“ воспоставиме баланс (осум часа работа, осум часа мирување, осум часа одмор и спиење), се приближуваме кон еден сосема нов квалитет (на животот). И продуктот кој ќе произлезе од тој нов однос кон работата ќе има нов квалитет.

Тој квалитет е најочигледен и во хармонијата која ја достигнуваат зен-будистите. Кај нив и физичката работа, каква било, дали уредување на градината, гребење на шлунакот, чистење, готвење или што било друго, е исто така медитација, затоа и уметност, а медитацијата – „работа“.

Ете уште еден аргумент зошто човекот треба духовно да се усовршува. Така од две страни уште побргу ќе стигне до целта, со балансот меѓу работата, активноста, делувањето и медитацијата, мирувањето.

Значи, во овој глобален град, како што спомнатите соговорници го нарекуваат денешниот свет, нема повеќе граници, туку се диференцираат две сили, на една страна се работниците, на друга, алчните. Затоа овие интелектуалци, филозофи, толку силно и жестоко радикално и со многу страст ја застапуваат таа идеологија на левицата, бидејќи сметаат дека со неа е шансата да се врати балансот (значи мирот во светот), а со тоа и нормалноста, и уште повеќе, да се создадат услови за нов квалитет.

Во контекст на ова мое размислување, во која група се препознаваме себеси? Во групата на работници или во групата на алчните, или, пак, сме комплетно надвор од светските случувања, просто во некоја трета „купи-ден-помини“ категорија? (Сега кога се оградуваме со бодликави жици, ние како држава со ваква власт сме тотално надвор од светските струи! Дури и се движиме контра нив. Се оградуваме од луѓето кои се во пеколни страдања наместо да се солидаризираме со нив. Заборавивме на некои слични несреќи кога и ние бевме жртви и кога светот се солидаризираше со нас.)

Ние како општество треба да се вклучиме во општата прогресивна светска струја. Колку побргу, толку подобро. Светот денес го придвижува трката кој ќе располага и управува со знаењето. Од глобална важност е располагањето со информации со кои се разоткриваат разни тајни договори и зделки кои ги склучуваат владите на големите сили.

Договорот за ТТИП „со кој би се скршила социјалната држава и демократија, а би ги претворила корпорациите во апсолутни господари“, кој САД и ЕУ сакаа скришно да го склучат, беше откриен од Викиликс што покрена лавина од реакции и организирање масовни протести во Берлин на кои се собраа повеќе стотици илјадници луѓе, од што Меркел била „ затечена“! Големо будење на Европа и пробивање на медиумската блокада се случува, моќта на директната демократија се зголемува, таа сè повеќе ќе станува коректор на светските процеси, со барања за апсолутна транспарентност на власта, бидејќи со сегашните средства за комуникација за час може да се организира цела една мала револуција!

На друго ниво е знаењето нештата јасно да ги гледаме. Да ги увидуваме акциите кои се случуваат зад завесата на пропагандата. Да бидеме активно вклучени како во сопствените така и во светските современи случувања и да реагираме соодветно.

Да се бориме против неправдите од кој било вид и дискриминацијата. Верско-фундаметалистичките движења на врвот на својата програма и како главен столб го имаат дискриминаторскиот однос кон жената, и нејзиното лишување од образование. Таа не смее да знае, мора да живее во мракот на незнаењето за да му биде како робинка и енергетска храна на мажот. Тоа е најголемо злосторство кон човештвото.

Не е наша работа да се мешаме во нивните закони? Не се сложувам со овој став! Наша работа е, бидејќи злосторство кон жената е злосторство кон човештвото и затоа е работа на целото човештво и „наша работа“.

Но, тоа е слоганот на алчните, „не е наша работа“ , бидејќи „нивната работа“ е да освојуваат и поседуваат сè освен жените на овие другите, па затоа склучија одвратен пакт, стратешка спогодба од заемен интерес.

Значи, тоа фундаменталистичко зло е во сојуз со она другото затскриено и најмоќно зло - алчноста. На истото тоа опскурно ниво е и конфликтот, парадоксално, од истите актери кои склучиле сојуз, бидејќи кога на такви типови погрешно им се спојуваат жиците не им останува друго освен да експлодираат. А многу млади луѓе се заведени од верскиот фанатизам бидејќи се родени во ужасни услови и немаат подобар избор. Насилството раѓа ново насилство.

Интелигенцијата проникна во песимистичката, ужасна реалност на светот денес, и покренува процес (таа прогресивна струја) да се победи незнаењето, во смисла на подобрување на образованието, надминување на заблудите, предрасудите, но и расветлување на уште подлабоки и помоќни несвесни планови од кои се управува со човекот, пред сè преку злоупотреба на неговото незнаење или погрешно знаење и преку (не)контролиран хаос на неговите страсти.

Со ист интезитет на страсти но во позитивна насока треба да се спротивставиме, како што тоа го прави, на пример, филозофот Славој Жижек.

Многу е сложен светот денес. Ние го направивме таков и го фрагментиравме до бескрај. Обратен процес е неизбежен.

Сите процеси кои се одвиваат во светот важат и за Македонија, бидејќи ние не сме некаков изолиран остров, енклава и слепо црево на цивилизацијата, туку дел од тој глобален град. А бегалците од кои се оградуваме сега ќе ни останат во душата како сеќавање за големата неправда, болката која постојано му се нанесува на човештвото. Бидејќи не се приклучивме на струјата која се обидува да ја спречи или барем да ја ублажи таа несреќа, водени од нехуманиот и игнорантски став „не е тоа наша работа“.