
Денот на дрвото, поднасловен „Засади успех - засади ја својата иднина“, кој беше прогласен за неработен во одредени училишта во Скопје, заврши со неуспех за некои од децата.
Кога учениците од основното училиште „Александар Северномакедонски“ од населбата Бутел стигнале до предвидената дестинација за садење дрвја, наишле на изненадување – имено, организаторот на настанот, член на локалниот огранок на владејачката партија и сопственик на голем број ниви, наместо дрвја, на децата им дал да садат компири. Иако учениците реагирале на ваквата постапка, организаторот им се заканил дека нема да ги врати назад со автобуси и дека ќе мораат да пешачат десетици километри, па учениците почнале да ги садат компирите.
Револтираните родители кои се јавија во редакцијата на Пара вести велат дека учениците цели осум часа саделе компири на силниот студ, а потоа премрзнати се вратиле дома.
„Нашите деца беа измамени и експлоатирани. Не само што нивната и нашата доверба беа грубо изиграни туку и беше злоупотребена нивната добра волја и желбата да помогнат за почиста и поздрава средина“, велат револтираните родители.
Пара вести од извори блиски до наставниците дознаваат дека причината за тоа бил недостигот од работна сила кој се јавил по масовното иселување од селото Умно Дупени, кое се наоѓа во близина на главниот град, а во кое организаторот од споменатото училиште поседувал огромно необработено земјиште.
Организаторот на акцијата за садење дрвја од ОУ „Александар Северномакедонски“, лицето Н.Н., не сакаше да ги коментира обвинувањата. Не одговараше на нашите телефонски повици, а во електронската преписка ни испрати слика од огромен компир.
Случката е пријавена во полиција од страна на родителите кои се загрижени за телесното и душевното здравје на своите деца. Од МВРО изјавија дека веќе работат на забошотување на случајот.