1025 hPa
63 %
17 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 10:22
Од многуте корисни нешта во акцијата за пошумување што беше спроведена вчера во целата земја, само две се видливи на дневна основа: прво, тоа што денот е прогласен за неработен и, второ, тоа што административците и другите учесници ќе подишат малку чист воздух, зашто ќе излезат од енормно загадените градови. Сè друго се само претпоставки и непроверливи факти. Невозможно е, имено, да се дознае дали навистина во изминативе 16 години, односно акции, се засадени 50 милиони садници - само вчера три милиони - дека 30 милиони дрвца се фатиле (!?), никогаш не се утврди ни колку луѓе учествувале, а за потрошените милиони и да не зборуваме. Изгледа дека ништо од тоа веќе никому и не му е битно.
Многу поважно е дека од толку многу дрвја, нигде не се гледа шумата. Нема „Ден на дрвото“ што може да ги надомести штетите од масовната сеча на зеленилото во градовите (уништувањето паркови и дрвореди е особено видливо во Скопје), но и на планините. Најголем број од дрвосечачите - министри, градоначалници и слични - и вчера засадуваа и даваат изјави за тоа колку е корисно и, особено, колку тие се грижат за зеленилото. Откако почнавме да ја „засадуваме својата иднина“, оттогаш ја сечеме гранката на која седиме. Дека второво ни оди многу, многу поуспешно, може да се провери секој ден во градските станици што го мерат загадувањето. Ако Тетово денес е најзагаден град во светот (ни Скопје не е далеку), тоа значи дека пред 16 години не ја засадиле, туку ја закопале неговата иднина.
Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња