За сликата „Слонот Целебес“ на Макс Ернст

04.12.2015 02:24
За сликата „Слонот Целебес“ на Макс Ернст

Необичноста на оваа слика лежи во фактот што таа е првото надреалистичко ремек-дело кое е насликано пред појавата на надреализмот. Ја насликал тогашниот припадник на Дада, подоцнежниот надреалист, германскиот сликар Макс Ернст во 1921 година. Кога ја видел поетот Пол Елијар веднаш ја купил и му ја покажал на Бретон. Славната слика се вика „Слонот Целебес“ и за неа прв пат дознав во 1977 година од книгата на Марко Ристиќ „За свест“ каде што беше репродуцирана во боја. Кога бев во посета кај него следната година го прашав за сликата а тој ми рече: „`Слонот Целебес` никогаш не беше безопасен, таа е една од моите први познаници од бескрајната фаланга на монструозни примероци на бошовската фауна или флоро-фауна на планетата Макс Ернст. Кога 1926 година со Шева бевме во Париз, се сретнав со Ернст во неговото ателје, купив и една негова слика како свадбен подарок за Шева, еве ја на ѕидов, се вика `Гулаби` но јас ја нареков `Бувови`. Но `Слонот Целебес` веќе беше продадена, ја купил Пол Елијар, така што сликата не ја видов“. Ми покажа ракопис на една сè уште необјавена книга чиј автор беше неговиот стар соборец од славните времиња на надреализмот, Ѓорѓе Костиќ во која тој дава чуден опис на таа слика: „Се сеќавам како еднаш стоев пред слика на Макс Ернст која прикажуваше некаков казан во форма на слон, со гипсено празно чело на обезглавена жена чија десна рака во ракавица сè уште беше жива а таа самата стоеше покрај кактус, како во некој безвоздушен простор. Целата таа конструкција беше поставена под некаков универзум огреан со сонце, додека морето над него со својата тежина ја притискаше таа празнина. Тоа беше како да се губиш во сето тоа. Поединостите беа организирани така што со својата целина создаваат очај кај човек кому му е сеедно дали морето е небо или копче од платина или лушпа на јајце кое добило форма на жена или остатокот од животот кој останал закачен на јаже на кое пред безброј милиони години се сушеле алиштата на некој чувар на пруга“.

Сликата „Слонот Целебес“ била дел од колекцијата на Пол Елијар сѐ до 1938 година кога била купена од Роланд Пенроуз, англиски сликар, кој бил главен промотор на надреалистичкото движење во Англија и организатор на големата Надреалистичка изложба во Лондон во 1936. Таа е во колекцијата на Тејт галериите од 1975 година и е изложена во Тејт Модерн галеријата.