Сексуалниот апетит и предаторскиот карактер на Тед Хјуз

05.12.2015 03:36
Сексуалниот апетит и предаторскиот карактер на Тед Хјуз

Новата, неавторизирана биографија на големиот британски поет, Тед Хјуз, поради чии неверства се самоубила Силвија Плат, се обидува да ја објасни генезата на неговите животински страсти.

Тоа била една од најубавите први љубовни средби во историјата на книжевноста. „Страсно ме бакна во уста и ми ја истргна лентата за коса, а моите омилени сребрени обетки..., „задржи ги“, остро изусти. „А кога ме бакна на вратот, силно го гризнав на образот, па кога излеговме од собата, од лицето му капеше крв...“

Така Силвија Плат ја опишала првата средба со Тед Хјуз која се случила во февруари 1956 година на некоја забава во Кембриџ. Тогаш почнала фаталната и интензивна седумгодишна врска на двајцата познати поети, а дивото страсно насилство кое го следело нивниот прв бакнеж било како злогласен предзнак за деструктивната љубовна приказна која завршила на добро познатиот начин. Психички растроена и целосно депримирана поради врската на Хјуз со Асија Вевил, во февруари 1963 година Силвија Плат ја ставила главата во плинска печка.

Трагичната приказна на Силвија Плат е обработена во неброено многу книги и во нејзината сенка секогаш била приказната за озлогласениот поет и женкар, Тед Хјуз. Биографијата на поетот кој носел и угледна титула на дворски поет (Poet Laureate), објавена на почетокот на 21 век, на 120 страници го опишува седумгодишниот брак на овие двајца славни поети. На остатокот од животот на Хјуз, следните 35 години, во биографијата на Илејн Фајнстајн се посветени нешто повеќе од сто страници.


Проклетиот брак
Силвија Плат и Тед Хјуз биле заедно седум години. Обожавателите на американската писателка никогаш не му ја простиле нејзината смрт.

 

Без поддршка

Но, сега е објавена новата, неавторизирана биографија на Тед Хјуз од перото на Џонатан Бејт, кој во својата реконструкција на животот на поетот, ги користел неговите дневници, писма, скици и белешки, така што пред нас конечно имаме целосна слика за харизматичниот уметник. На почетокот била замислена како официјална биографија, бидејќи авторот ја имал поддршката од Карол, вдовицата на поетот, но четири години по почетокот на истражувањето фондацијата која се грижела за наследството, ја повлекла поддршката и му забранила на авторот да го цитира Хјуз. Бејт морал да најде друг издавач, но преданата работа сепак се исплатила. Англиските критичари биографијата ја опишуваат како полнокрвна слика на животот на еден гениј гонет од тестостеронот, кој, според неговото признание, дури и при самото влегување во библиотека му предизвикувал – ерекција!

Но, проблемот бил во тоа што Хјуз добивал ерекција и при средбите со многу жени, па веројатно во тоа треба да се бара причината поради која семејството се повлекло од овој проект. Бидејќи пред нас е, како што наведува критичарот на Sunday Times, една приказна за сексуално најненаситниот писател по Лорд Бајрон.

Од книгата дознаваме дека во моментот кога Тед Хјуз се „одљубил“ од Силвија Плат, започнал врска со дотогаш веќе трипати мажената Вевил, а истовремено имал и афера со секретарката Сју Алистон. Токму со неа бил во постела ноќта кога умрела Силвија Плат.

Очајната поетеса му телефонирала на сопругот претходната вечер, а тој, за да ја избегне, отишол во куќата на своите пријатели. По уште полошо сценарио посегнала и фаталната и фасцинантна Асија Вевил, кога во 1969 година, излудена од неверниот Хјуз, со плин се убила себе и нивната четиригодишна ќерка.

Асија Вевил

Во тој момент пoетот имал афери со уште две жени, Бренда Хеден и Керол Орчард, која потоа ќе стане негова сопруга. Во своите дневници овие жени ги споменувал со иницијалите А., Б., и К. Иако во подоцнежните години бил во брак со К., изгледа Тед Хјуз имал сексуални авантури речиси со сите жени кои ги среќавал. Од неговата колешка, книжевничката Ема Тенант, Анџела Картер и Една О Брајан, па сè до бројните сопруги на своите пријатели.

Хјуз ѝ се нафрлал и на авторката на романот „Страв од летање“, Ерика Јонг. „Можеше преку маса да се намирисаат неговите феромони, тој мирис на мажественост и мошус кој мора да освоил неброено многу девојки“ – го опишала Јонг.

Но, во биографијата, освен за неговиот ненаситен сексуален апетит, дознаваме многу и за неговиот голем апетит за зборовите, кој го направил еден од најзначајните британски поети од втората половина на минатиот век. Хјуз е роден и израснал во Јоркшир, а неговиот татко столар држел трафика со весници. Но, разузданиот поет сакал да го измислува своето потекло, па така верувал дека неговиот дедо од Ирска бил шаман, а темната шпанска кожа на неговата баба сугерирала на тоа дека и тој би можел да биде потомок на некој Арап, токму како Хитклиф, јунакот од „Оркански височини“ на Емили Бронте.


Тед Хјуз и неговата сопруга Керол Орчард

Белата божица

Биографот во книгата се обидува да ја разјасни генезата за фасцинацијата на Хјуз од природата, па открива дека братот на младиот поет го учел како да ги разликува птиците, а тој како дете зајчиња и прасиња чувал како домашни миленичиња. Првата песна ја објавува уште во училишните денови со одобрување и голема поддршка од професорите. Еден од нив му ја подарил книгата од Роберт Грејвс, „Белата божица“, а цитатот од таа книга кој говори за тоа дека за да се напише вистинска песна потребно е да се привикува Белата Божица, или Музата, Мајката на сè што е живо, древната сила на стравот и страста, станува централна во делата на младиот поет.

Во биографијата Бејт ја објаснува и фиксацијата на Хјуз со астрологијата, езотеријата, симболизмот од секаков вид... Со тоа го заразила неговата мајка која имала визии и ги чувствувала „рацете“ на духовите. Хјуз верувал дека и наједноставните коинциденции носат некакви значења.

Приказната за животот на Хјуз очекувано станува вознемирувачка по смртта на Силвија Плат, Асија Вевил и неговата мајка. Следната етапа од неговиот живот е обележана со делата The Iron Man (1968) и Crow (1970), а бракот со Керол и одгледувањето на нивните две деца е карактеризиран со не толку добра поетска продукција и напади од страна на обожавателите на Силвија Плат од двете страни на Атлантикот, кои не престанале да го обвинуваат за нејзината смрт.

Во подоцнежните години својот интерес го свртел кон екологијата и рибoловот на Алјаска. Откако му бил дијагностициран рак на белите дробови, ја пишува збирката Birthday Letters (1998) во која открива сè за врската со Силвија Плат и која била објавена со огромен публицитет непосредно пред неговата смрт.

Силвија Плат и Тед Хјуз, со нивната ќерка Фрида Ребека Хјуз

„Конечно откриени тајните на проклетиот поетски брак“, врескале насловните на весниците. Хјуз на своите пријатели им зборувал дека по смртта на Силвија доживеал креативна блокада и дека со таа збирка од себе тргнал голем товар. Така, пред нас расте сликата за еден маж чија животинска природа повредила сè што се наоѓало во негова близина, а кој нашол начин да се покае со искрениот ракопис за жената која сепак била средиштето на неговиот живот.

Извор: Globus

Слични содржини

Книжевност / Култура / Историја
Книжевност / Историја
Квир / Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Општество / Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото