35 години од основањето на Лајбах

05.12.2015 14:30
35 години од основањето на Лајбах

Оваа година Лајбах го прославија својот 35-годишен јубилеј во родниот град Трбовље и на Планината Кум, локации кои беа застапени и на нивната голема јубилејна 30-годишна прослава во 2010 година. Лајбах е еден од поретките бендови (ако го земеме предвид фактот дека својата работа најчесто ја презентираат на концерти), кои можат да бидат вклучени во анализи или дискусии кои се поврзани со различни теми од областа на политиката, социологијата, културата и уметноста. Лајбаховиот пристап кон популарната музика е паралелeн со ставот на Жак Атали, кој ја презентира музиката како пророк во промените во политиката и како рефлексија на политичкиот систем. Атали и Лајбах ја делат истата базична теза дека музиката (како рефлексија на политичката моќ), може да функционира како режим на самата себе.

Лајбах својата кариера ја почнува како арт група. Сликите кои ги знаеме дека се дел од IRWIN групата, на пример, крстот, шолјата за кафе, еленот, работникот се оригинално мотиви на Лајбах. Истовремено Лајбах и ИРВИН заедно со театарот Scipion Nasice Sisters се дел од капиталот во основањето на колективот NSК (Neue Slowenishe Kunst). Во својата работа Лајбах ги спојуваат различните уметнички правци како New Image Painting, DIY девизата на панкот, постконцептуалните пракси презентирани преку разни медиуми како музика, видео, филм, перформанси. Истовремено треба да се додаде дека Лајбах преку своите креации манипулираат со тоталитаризмот скриен во секој социјален или идеолошки систем, истражувајќи ги и доведувајќи ги нивните противречности до апсурд.

Лајбах се создава во 1980 година во Трбовље, мал рударскo-индустриски град во Словенија. Набргу по основањето го подготвуваат првиот мултимедијален проект Rdeči Revirji (Црвени зони). Настапот бил забранет пред премиерата поради постерите со црни крстови. Оваа случка предизвикала бројни медиумски напади против групата. Нивниот тогашен визуелен стил е поврзан со рударската иконографија, но со тек на време се внеле и други симболи: Триглав, еленските рогови и крстот на Малевич заокружен со запчник. Првиот концерт го одржуваат во Љубљана во јануари 1982 година, а потоа следеле настапи во Белград и во Загреб. Во тоа време нивната музика е дефинирана како индастријал рок. Важен настап имале на Фестивалот Загребачко биенале (1983), со концертот насловен „Mi kujemo bоdоčnost“ (Ние ја коваме иднината). Во текот на настапот емитувале и порно филм заедно со сликата на Маршалот Тито. Тоа било сосема доволно полицијата да го прекине настапот. Следува забрана за настапи во Словенија кои траат до 1987 година. Од друга страна концертите надвор од Југославија се можни. Со англискиот состав Last Few Days одат на турнеја насловена The Occupied Europe Tour 83, која опфатила 16 градови и 8 земји од Источна и од Западна Европа. Нивните настапи биле следени со интерес од страна на европските медиуми.

Во 1983 година, во списанието Нова ревија, Лајбах го објавуваат сопствениот Манифест или Завет со 10 точки. Преку овие 10 точки се оформуваат суштинските елементи на Лајбаховата работа. Во април 1985 година го објавуваат првото ЛП за љубљанската издавачка куќа ШКУЦ Ропот. По краток период потпишале договор со англиската независна куќа Cherry Red која го издава албумот Nova akropola (1985), а набргу преминуваат кај Mute, чија соработка трае до денес. На внатрешната страна на плочата Opus Dei (1987), се наоѓа свастика составена од четири крвави секири, дизајн инспириран од Хартфилд. Поради употребата на името Опус деи, Лајбах добиваат тужба од истоимената католичка институција, но Лајбах го добиваат судскиот процес. Во октомври 1988 година, излегува плочата Let It Be со обработки на песни од The Beatles. Како ударна песна се издвојува Across the Universe, интерпретирана од Ања Рупел, пејачка во бендот Videosex. Објавувањето на плочата Sympathy for the Devil, (неколку кавер верзии на песната од The Rolling Stones), било проследено со турнеја во Европа и во САД. Лајбаховите обработки на песни од областа на популарната и класичната музика се наречени „нови оригинали“ кои не се креирани да бидат словенечки продукти за локална консумација туку се дел од системската кампања да ја претстави групата и нивниот концепт на западниот пазар нудејќи автентична источна форма во познато западно пакување. Обработките на Лајбах се драматизирани до крајна мера, а кон публиката има голем број потсвесни потчинувања, размислувања на релацијата, на пример, меѓу рок музиката и поп-капиталистичкиот режим или меѓу релацијата источни-западни општества.

Темата на државата е доминантен симбол со кој Лајбах се занимаваат (тоталитаризмот, националната и уметничка историја, духовниот и политичкиот авторитет, капитализмот, музичката индустрија). Исто така, тематата на ретроградните елементи е секогаш присутна во делата на Лајбах. Тие ги менуваат пропорциите, некогаш доминира црн хумор, некогаш романтизам, потоа контрадикторни елементи кои презентираат со еднаква сила, конфликти, конфузии и фасцинации.

Со настапот во Термоелектраната во Трбовље во 1990, Лајбах ја одбележува 10-годишнината од својата работа. Во таа прилика го објавиле и основањето на „утописката држава НСК“ која меѓу другото има свои конзулати и пасоши. Во 1994 година го промовираат NATO албумот кој содржи обработки на песни поврзани со воени конфликти. Овој албум може да се третира како претскажувач на политичката ситуација во нашиот регион преку бомбардирањето на Србија од страна на НАТО трупите во 1999 и скоро десет години подоцна на самитот во Букурешт кога Македонија е одбиена да стане членка на НАТО. Со издавањето на албумот НАТО, Лајбах ја реактивирале Occupied Europe tour во 1994/95 година и на нивните концерти си обележувале свои територии, а ги детериторијализирале оние на домаќините. Албумот Јesus Christ Superstars (1996) е посветен на религиски теми, а содржи и обработка на рок операта Јesus Christ Superstar од Andrew Lloyd Webber. Следен значаен албум е WAT од 2003 година во кој се сублимираат главните фази, идеи, пораки на Лајбах. Дел од песните на WAT како The Great Divide и Now You Will Pay, ќе бидат застапени на новата турнеја на Лајбах во текот на 2016 година, односно нивната содржина се става во контекст со актуелната емигрантска криза во Европа. Последниот албум Spectre (2014) може да се поврзе повторно во контекст со претскажувачката функција на Лајбах. На пример, содржината на Eurovision каде што во рефренот повеќе пати се повторува дека Европа се распаѓа. Првата песна која го промовираше албумот Resistance is Futile е подолга по траење и во неа се содржани клучните елементи на концептот на овој албум, борбата меѓу напредните и назадните идеи во современото општество. До крајот на годинава Лајбах ќе ја промовираат Spectre турнејата уште во Скопје и во Белград. Потоа од почеток на 2016 продолжуваат да се движат напред-назад со новата турнеја The Sound of Music.