ТВ политика

13.04.2010 11:27
7_ag2.jpg

Стравот е само во твојата глава / само во твојата глава / Ослободи се од својата глава / и ќе бидеш слободен. / Запишано е на ѕидот / слободен, да! / И ќе можеш сè да знаеш доколку посакаш / Само запамети / љубовниците никогаш не губат / зашто тие се ослободени од нечистите мисли.

Погорниве стихови се испеани уште далечната 1971 година од еден од најголемите рок и поп борци против воспоставените општествени табуа на 21 век. Во време кога хомосексуалноста сè уште беше тема која повеќето со задоволство би ја игнорирале и оставиле во доменот на неинформираното религиозно морализирање, Боуви ја имаше храброста суптилно да запее за неа. Слушајќи од дистанца, и од аспект на еден свет кој со себе носи четириесетгодишна просветленост, потешко се забележуваат суптилните пораки што тогaш се обидувал да ги упати авторот. Но, овие пораки најверојатно сè уште тешко можат да ги детектираат оние кои ден-денес (и покрај напредокот кон информирано морализирање) морално и општествено се во тек со Европа и западниот цивилизиран свет само на хартија. Добро, не може секој да го разбере Боуви. Како што не може секој да ги разбере и прифати основните биолошки факти, воспоставени пред повеќе од двесте години од уште еден брилјантен Британец, а оттогаш наваму разработени и научно докажани од цел куп исто толку брилјантни научници.

Оттука, не изненадува образовната (а и етичко-моралната) дупка покажана од многумина индивидуалци наводно избрани да нè водат (барем теоретски) поради нивната поголема запознаеност, разбирање и образование. За жал го немаме тој к`смет. Па така, како што Чарлс Дарвин е човекот кој сакал „да докаже дека потекнуваме од мајмуни“ така и „хомосексуалноста е болест“ за значаен дел од македонските „лидери“. Тоа што ниту едното ниту другото не е вистина е најмалку важно. Важен е стравот. Оттука, она што фрапира е фактот што Македонецот изгледа е еволутивно толку заостанат што сè уште не може да ги разбере и спознае последиците од своите постапки.

Пред некој ден македонскиот законодавен дом го изгласа законот против дискриминацијата. Од истиот ги исклучи хомосексулаците (покрај тоа што индиректно ги исклучи и Ромите и лицата со хендикеп и нивните човекови права) коишто предничеа во дебатата во која микрофонот го бележеше стравот. Многумина реагираа: од лидерите на невладиниот сектор, преку обичните граѓани, сè до нашите „пријатели“ од Брисел во чие друштво наводно сакаме да се придружиме и пред кое постојано се спремаат да нè претстават нашите популисти. Сите до еден ги спомнаа анти-европските жички на законот. Сите зборуваа за манипулирањето и центрирањето на „дебатата“ (небаре дебата постоеше) околу правата на хомосексуалците. Со други зборови, сите го увидоа стравот кој се соголи со донесувањето на законот. Стравот на моменталните македонски власти кои не се плашат од ништо друго (ниту од Американците, ниту од Европјаните, ниту од Грците, ниту од своите политички противници) колку што се плашат од Другоста и од Различноста. Поведени од стравот којшто го искажуваат верниците во нивните политички методи и убедувања, уште еднаш и по којзнае кој пат се решија стравот да го востоличат ни повеќе ни помалку туку со – Закон!

Законите се менуваат, би рекле надежните. И тоа е точно. Кога-тогаш ќе падне и овој срамотен закон. Но она што не се менува и што треба да падне пред да падне законот е еден поинаков страв. Стравот од самите себеси за којшто зборувал Боуви во 1971 година.

Со последниот пораз на македонските власти (пораз пред Брисел, ЕУ, но и пораз за европски ориентираните македонски граѓани кои се водат по принципите на еднаквост и слобода) македонските парламентарци од редовите на ДПМНЕ уште еднаш покажаа дека се преплашени од својата задача: да го водат народот, наместо своите осакатени инстинкти.

Изгледа дпмнеовци уште на почетокот од своето владеење донеле стратешка одлука: да не соработуваат со никого и не слушаат никого освен својата глава. Но, она што „цврстите македонски конзервативци“ го забораваат е фактот што беа избрани од помалку од 30% од населението. И покрај овој основен факт (кој секогаш треба да го имаат предвид, макар и задржувањето на власт да им е единственото важно нешто – посебно ако одржувањето на власт им е најважно нешто) нашите „лидери“ решија да се водат според најрадикалните глави во своите редови. Како и многупати до сега, одбија да соработуваат со опозицијата во донесувањето на законот, но одбија да ги слушаат и невладиниот и цивилниот сектор и нè доведоа до огромен (и тешко променлив) пораз пред европските институции кон коишто сакаме да се придружиме. Уште повеќе – самите се ставија во стапица.

А велам дека се ставија во стапица зашто единствените коишто добиваат од овој закон се квази-конзервативните водители на македонските ТВ емисии. Конзервативните пљампачи (далеку се и од водители) од типот на Јади Бурек, Латас, Михајловски и Миленко ја воздигнаа дпмнеовската гласачка база до состојба на толкава запаленост што каков било компромис за законот беше скоро па невозможен. Како да соработуваат властодржците со луѓе за кои нивните дпмнеовски поданици веруваат дека ќе ја уништат институцијата брак? Како да соработуваат „противниците на Македонија“: „педерите, атеистите, соросоидите.“ Како да изнајдат компромис со „луѓе кои и’ се умилкуваат на курвата Европа“. Како да соработуваат во донесувањето на закон со луѓе кои доколку го слушате Јади Бурек ќе се убедите дека сакаат да ви ја убијат родената мајка?

Се чини дека овие хистерични мобилизатори на дпмнеовската гласачка машина се вистинските креатори на моменталната македонска политика. Со нивните хистерични говори полни со псевдоинформации, кои се во служба само на нивните лични интереси, тие се единствените победници на македонската политичка сцена.

И кога ќе нè стигнат резултатите од стравот кој го произведуваат овие ограничени глави, кога ЕУ ќе достави уште еден пакет додатни услови за членство, кога НАТО (а разочараниот Брисел веќе се јави) ќе се оддалечи уште повеќе, поради уште еден неевропски закон, слушателите на Јади Бурек и Латас ќе бидат уште повеќе исфрустирани. Уште поразочарани во секој (од „курвата“ ЕУ до “педерите“ НАТО и „анти-македонската“ опозиција) освен од нив – од одговорноста ослободените водители кои запоседнаа со ТВ приемниците преку кои се креира политиката на Груевски. За водителите ова е успех – загарантиран број слушатели. За нас, македонските граѓани (а и за власта олицетворена во Груевски), ова е нашиот Титаник. Титаник кој полека но со сигурност пропаѓа кон дното, постојано потиснуван од нечистите мисли на неспособните глави.

слики: Andrew Gordon

ОкоБоли главаВицФото