На грчко-македонската граница

07.12.2015 04:35
На грчко-македонската граница

Во местото Идомени на грчко-македонската граница расте бегалски камп. Пред нешто повеќе од две недели, Македонија ја затвори границата за мигрантите од некои неевропски земји. Ако не доаѓате од Сирија, Авганистан или Ирак, не можете понатаму. Околу 2.000 луѓе, повеќето од Мароко, Иран и Бангладеш, останаа заглавени на преминот. Живеат во многу лоши и сè потешки услови. Чекаат и се надеваат дека границата повторно ќе се отвори.

Опкружен со замрсени кабли и заглушувачко брмчење на генератрите, Анис (29) од Мароко седи со уште дваесетина мажи и жени и чека да му се наполни батеријата од телефонот. „Луѓето се гладни и многу, многу, многу ни студи“, вели тој. „Вчера не можевме да спиеме до четири наутро, толку беше студено.“ „Децата губат тежина“, вели Хусеин од Иран. „Едно деветгодишно момче беше тешко 20 килограми кога стигна ваму, а сега има 15.“

Група грчки активисти донесоа комбе со храна. „Ова е за децата“, вика еден од нив додека масата навалува на задната врата од комбето. Не се откажуваат, па комбето се свртува и си оди со незавршена работа. Луѓето спијат во мали шатори од приватни донатори и невладини организации; ги поставуваат внатре во белите шатори на УНХЦР или на пругата, зашто тука водата најбрзо истекува. Целиот камп е испресечен со канали за одводнување; кога тоа нема да успее, луѓето ги расклопуваат шаторите и ги преместуваат на други места.

Бегалците и дење и ноќе ги ложат старите прагови од пругата и горат ѓубре за да се згреат. Ако предолго стоите во близина на густиот чад, почнува да ве пече грлото. Речиси секоја ноќ температурата се спушта до нулата, а на околните брда паѓа снег. Некои од шаторите на ОН имаат гасни греачи, но во нив често нема доволно гас. Подолу низ пругата има ред од неколку стотици луѓе кои чекаат пред напуштениот вагон. Внатре, волонтери од германската организација „Не за границите“ кои повторуваат дека не се организација туку група автономни поединци, делат густа чорба во пластични шолји. Тие дваесетмина дојдоа во Идомени пред четири дена во голем зелен камион за превоз на коњи. Претходно ги хранеле бегалците во Прешево на српско-македонската граница, но заклучиле дека повеќе се потребни во Идомени, па се спакувале и дошле ваму. „Вчера зготвивме 3.000 оброци“, вели еден од нив. „Работиме 24 часа дневно.“

Тука има уште една мала кујна која стигна пред 5 дена. „Постојано готвиме и стануваме сè подобри готвачи“, вели Џорди од Барселона додека сече кромид во голем бел шатор. Го прашувам каде се невладините организации. „За нив ова е опасно гето“, вели. „Но овде е сосема безбедно“. Опкружена со засолништата на УНХЦР и мноштво мали шатори, кујната е средиште за јавен живот за многу жители на кампот. „Пред два дена, кога еден човек на пругата го удри струја“, раскажува Џорди, „дојдоа кај нас да бараат помош“. Човекот се качил на покривот од возот и допрел жица која се откачила; оние кои го виделе рекле дека облеката му се залепила за кожата. Примен е во локалната болница и велат дека преживеал.

Бегалците во Идомени организираа протести: минатата недела девет луѓе од Иран си ги зашија усните; некои се обидоа да се пробијат низ редовите на македонските полицајци во опрема за разбивање демонстрации. Но откако Македонија подигна ограда од бодликава жица, на самата граница нема многу активности. Преку пругата, на километар од бегалскиот камп, во две кафулиња во кои некогаш се собирале машиновозачите, сега се водат разговори за алтернативни патишта за север.

Неколку Иранци кои отседнаа во мојот хотел - хотелите се полни со мигранти и бегалци кои можат да платат подобро сместување од она во бегалскиот камп - купиле лажни сириски пасоши и документи за 200 евра од човек. Еден од нив се врати во Атина да ги преземе. Повторно ќе се обидат да ја преминат границата, овој пат како Сиријци. Во меѓувреме, додека чекаат, пијат во хотелскиот бар и живо расправаат дали планот ќе успее. „Нема да биде лесно, но немаме друг избор. Ако се вратиме во Иран, ќе нè убијат.“

 

Извор: London Review of Books, 01.12.2015.
Слика: Tammam Azzam

ОкоБоли главаВицФото