Проекција на документарниот филм „Засолниште“ на Фернанд Мелгар

07.12.2015 05:25
Проекција на документарниот филм „Засолниште“ на Фернанд Мелгар

По четирите успешно реализирани кино-средби во рамки на проектот „Докувизија“, на ред е петтото кино-дружење, последно за оваа година.

На 9 декември (среда), во Џебното кино во МКЦ, во 20 часот, ќе биде прикажан филмот „Засолниште“ на швајцарскиот документарист Фернанд Мелгар. Мотивиран од миграциите и лажното гостопримство на Европа, филмот говори за социјалните тегоби во современите општества и човечката резигнираност како одговор на истите.

Домаќин на настанот е хрватската филмска организација „Restart Documentary“ од Загреб. Како и досега, и оваа филмска приказна истовремено ќе биде прикажана во Љубљана, Загреб, Белград, Призрен, Подгорица и во Скопје.

По филмот ќе се одржи дискусија со тимот од „Македокс“ и публиката од останатите градови. Гости на дискусијата во Загреб ќе бидат Jose Mirand, главниот протагонист во филмот, и принцот Wale Soniyiki од Нигерија, кој 3 години живее во Хрватска како азилант, додека модератор ќе биде хрватскиот новинар и фотограф Давор Коњикушиќ.

Проекцијата на декемвриската „Докувизија“ е во соработка со Дебатен филмски клуб „Лале“.

„Засолниште“ (The Shelter)
(Швајцарија/2014/101’)
Режија: Fernand Melgar
Сценарио: Fernand Melgar
Продукција: Climage (Швајцарија)

 

Студената зима пристигнува и во државното засолниште за бездомници во Лозана. Ова место треба да понуди топол оброк и покрив над глава за сите луѓе кои тоа го немаат. Но редовните станари во прифатилиштето се премрзнатите мигранти кои го сонуваат швајцарскиот рај со отворени очи и празен стомак. Доколку преноќат на улица, ќе бидат строго казнети. Прифатилиштето има ограничен капацитет од 100 души, па затоа одговорните лица се присилени да направат селекција меѓу стотиците несреќни бездомници, мигранти, невработени. „Избраните“ 50 ќе добијат топла храна и кревет, а останатите знаат дека ги чека долга, студена ноќ...