Неограничената слобода во плурализмот

07.12.2015 05:45
Неограничената слобода во плурализмот

Капелата на Марк Ротко во Хјустон е кулминација на елитизмот, и, истовремено, заокружување на една етапа од развојот на апстрактното сликарство. Оти во Западната култура веќе се појави потребата сите содржини кои високиот модернизам ги потиснуваше, како фигурата, сетилноста, повторно да се актуализираат. Тоа е моментот кога стана неопходно ширење во хоризонтала, премин од модерна во постмодерна ера. Од таа пресвртна точка ќе започне ширењето на популарната уметност, уметност која не е потчинета на авторитетот на авангардата и традицијата и која ги задоволува потребите на широката консументска публика.

Лиотар ја опиша постмодерната како процес на ослободување од авторитарните дискурси кои се етаблирани како традиционална вредност, ослободување од метанаративите, „Големите приказни на Западната цивилизација“, како што се просветителството, Бог, спасението итн.,а охрабрување на малите наративи на секој човек како центар на својот свет. И ќе нагласам, тоа се случува кога Западот „се досетува“ дека уметноста може да биде и популарна, па дека дури и кичот може да биде уметност! Така потребата наложи да се развие филозофија / теорија со која ќе се поддржи секој човек во својот микросвет, ослободен од авторитети од кој било вид, слободно да избере да живее по свој вкус, уметнички, раководен од своите желби, и токму тоа е Поп артот!

Поп артот има амбивалентен однос кон масовната продукција и потрошувачка: поп уметникот од една страна е фасциниран од баналните, тривијални теми, но, од друга страна, со суптилен цинизам ја критикува токму таа наша стварност; идолите на мас-медиумите се уште една многу популарна тема, и кон нив постои таков однос: или се обожувани или се иронизирани.

Поп артот е популистичка култура со софистициран, прочистен стил во третирање на темите.

Главната придобивка на постмодерната е плурализмот. Со плурализмот се достигна апсолутна слобода во изразот. Слободата во искажноста како мото на демократските општества стоеше наспроти неслободата кај тоталитарните општества. Но таа слобода (прво) во западниот свет, отиде и во друга крајност, кога уметноста се изедначи и со неуметноста!

Каде е тука слободата? Слобода од што и во однос на што? Како може да се дефинира/идентификува слободата? Во каква слободна состојба се наоѓа Западот, па и цел современ свет, сега, откако се распространи западната култура?

Дали човекот вистинската слобода може да ја достигне единствено внатрешно, во однос на својата внатрешна природа, и дали е возможно тоа да се постигне во релација со општеството како социјално битие? (Или, дали како општествено битие може да реализира само делумна слобода, во градација, но не и вистинска, потполна слобода?)

Современиот човек го доживува возвишеното (Слободата) како амбивалентно чувство: му предизвикува болка и задоволство во исто време;
има идеја за величината, величенственоста и неизмерноста, но не може да си ги претстави и да ги живее вистински!

Се доживува раскол, пред сè кај интелигенцијата која претходно го разви чувството за возвишено, а сега треба да се вклопи во новата (анти)естетика, која ја прифатила (или создала), бидејќи верува дека таков премин е неопходен. А неопходен е, дефинитивно, бидејќи такви се потребите на општеството и на човекот како општествено битие и битие кое своите (естетски) потреби треба да ги задоволи и на тој начин. Раскол или растргнатост постои и затоа што е невозможно истовремено да се живее со потполно понадворешен поглед, свртен кон „материјалниот“ свет, свет во кој потрошувачката е издигната на највисок пиедестал, свет во кој комфорот е главното божество и, да се украсуваме со Дух-Возвишеност, како нешто сепак најбитно за нас, но, ете, „недофатно“...

Раскол при восприемањето на уметничкото дело се доживува ако постои раскол во личноста која го создава и/или восприема делото. Тој раскол е последица на суштинската нејаснотија во однос на уметничкото дело, односно во самиот мотив на креирање на уметничкото дело. Во која релација е создадено уметничкото дело? Во релација со општеството, кога погледот е свртен „кон надвор“, или во релација со Идеалот, кога погледот е свртен „кон внатре“, и е продукт на психичка еманципација? Или е комбинација на овие две, како социјално продуховено или духовно прагматично? Ако се идентификуваме со проблемите на општеството, (бидејќи во нас сè уште не е дооформено себството, психичкото битие, духовното јадро, па сме растргнати на илјада страни), дури и ако елегантно, интелигентно еклектицистички пливаме во колективното наследство, културната историја, и од таа позиција се напрегаме да дофатиме некој зрак од духовното / возвишеното, секако, тоа ќе ни изгледа многу далечно и недофатно!

Неограничената слобода на плурализмот во постмодерната ера има и позитивни и негативни импликации. Позитивното е обидот кон вистинско и потполно ослободување на битието! Се случува неограничена слобода во изразот и во формите на искажност, човекот до крај ја истражува својата слободна волја, како слободно битие. Позитивната страна е и децентрирањето, ослободувањето од авторитетите, и слобода во политичкото на уметноста. Сепак постои и негативна импликација, а тоа е деградацијата на ликовната уметност!

Но, дали, како краен резултат, сума сумарум, се постигнува слобода или неслобода, односно дали во целиот тој процес се изведува правилно канализирање на енергиите, нема да избрзам со заклучок. (На крајот на краиштата и не сум некој релевантен фактор кој треба тоа да го направи!)

„Во моментов човештвото е во еволутивна криза, криза во која се таи изборот за неговата судбина; бидејќи, достигнато е ниво во кое човечкиот ум има постигнато голем развој во одредени насоки, додека во други насоки е во застој и во збунетост, па не може да си го најде патот... Човекот создаде систем на цивилизација кој стана преголем за неговиот ограничен ментален капацитет и разбирање и за неговите уште поограничени духовни и морални капацитети, преголем е за да може да управува со него и правилно да го користи, премногу опасен слуга е на сопственото заслепено его и апетити.

...На прв поглед инсистирањето на радикална промена во природата на човекот изгледа ја обесхрабрува сета надеж на човештвото за далечна развојна иднина; оти трансцендирањето на нашата нормална човечка природа, трансцендирање на нашето ментално, витално и физичко битие е навидум премногу голем и тежок напор и во овој момент за човекот таков каков што е, невозможен (напор)...Но, она што се изискува со оваа промена не е нешто потполно непристапно, туѓо на нашето постоње и радикално невозможно; оти она што треба да се развие е тука во нашето битие и не е нешто надвор од него: она за што еволутивната Природа притиска е будење за знаењето на себството, откривање на себството, манифестација на себството и духот во нас и ослободување на тоа себство-знаење, таа себство-моќ, на таа природна себство-инструментација. Тоа, впрочем, е чекор за кој целата еволуција беше била подготовка и кој ни се доближуваше во секоја криза на човековата судба, кога развојот на менталот и виталот на битието ја допираат точката каде интелектуалната и виталната сила достигнуваат одредена кулминација на тензија со нужност да пропаднат, да се повлечат кон вкочанетост на пораз или во починка на непрогресивна летаргичност, или, да си го распарат патот преку завесата наспроти која се напрегнуваат…“ (Ш.Ауробиндо)



Слики:

1. Рој Лихтенштајн, Good morning…darling! 1964
2. Енди Ворхол, Златна Мерлин Монро, 1962
3. Роберт Раушенберг, Retroactive 1,1964

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото