Зрнца за храната (11): Потрошувачка по жител

08.12.2015 00:50
Зрнца за храната (11): Потрошувачка по жител

Просечниот Македонец годишно јаде 129,5 килограми житарки, од кои најмногу пченица (102,2 кг), 65,1 килограм компири и 35 килограми шеќер и засладувачи, 7,2 килограми грав и грашок, 7,5 килограми разни семки.

Јадеме и 193,4 килограми зеленчук по жител (најмногу домати и кромид). Од 103,2‒те консумирани килограми овошје најзастапени се јаболките и портокалите.

Годишно пиеме по 7,5 килограми кафе, какао или чај, 42,2 литри алкохолни пијалоци, од кои пиво 30,5 литри.

Јадеме и 40,8 килограми месо, изнутрици (4,3 кг), јајца (7,8 кг), млеко (114,8 литри) и риба (6,2 кг).

Вкупно Македонецот/Македонката просечно годишно јаде храна со тежина од 795 килограми (светскиот просек е 671 килограм).

Секој граѓанин на Македонија годишно троши по 17,4 литри масло за јадење, од кои најмногу сончогледово (16,2 литри) и по овој податок го држиме првото место во светот.

Американците јадат по 120 килограми месо, а Јапонците 45,9. Жителите на САД пијат 98 литри алкохолни пијалоци (42 литри во Јапонија), двојно повеќе Американците трошат шеќер (64 спрема 28 кг). Житарките ги јадат во слични количини, но структурно различно: Американците јадат 81 кг пченица и 8 кг ориз, а Јапонците 48 кг пченица и 54 кг ориз.

Јапонците најмногу јадат риба (56,6 кг), јајца (19,1) и други морски производи (2 кг), а најмалку консумираат млеко (73,9 кг) и масти од животинско потекло (1,6 кг).

Русите се рекордери во внес на компир (114 кг).

Германците најмногу внесуваат алкохолни пијалаци (135,8 литри), а најмалку јадат мешункасти плодови (700 грама грав, грашок и слично).

Србите се рекордери во консумирање на изнутрици (7,7 кг јагнешки и други цревца). Најмалку јадат јајца (5 кг) и семки (1 кг). Грав повеќе јадат Босанците и Херцеговците (5,4 кг), но затоа Србите најмногу јадат грашок (4 кг).

Црногорците се рекордери во внес на кафе, какао и чај (20,6 кг) и овошје (188,3 кг), а најмалку консумираат житарици (77,1 кг) и риба (4,2 кг).

Босанците и Херцеговците најмногу користат зачини (5,6 кг), а најмалку консумираат шеќер и засладувачи (18 кг) и масло за јадење (8,8 литри).

Унгарците најмногу консумираат масти од животинско потекло (22 кг).

Бугарите консумираат 650 кг храна годишно по жител. Посебно малку внесуваат зеленчук (69 кг), овошје (36 кг) и компир (31,7 кг).

Грците најмногу внесуваат зеленчук (244,3 кг), семки (28,5 кг), ореви, лешници (11,1 кг) и млеко и млечни производи (283,2 кг).

Турците јадат многу житарки (228.4 кг), а најмалку консумираат месо (11.1 кг), изнутрици (800 грама), алкохолни пијалоци (13,9 литри).

Просечен Србин пие 7 пати повеќе кафе од Турчин (3,6 спрема 0,5 кг).

Грците дневно внесуваат 3,2 килограми храна по жител, а Јапонците 1,7 килограми.

Во Британија се троши повеќе од 50% од производството на солени грицкалки во Европа.

Турција е најголемиот светски производител на цреши.

Најголем произведувач на ванила е Мадагаскар.

Толедо е светската престолнина на марципанот.

Речиси половината од светското маслиново масло се произведува во Шпанија.

Најмногу бонбони на светот јадат Данците, 17 кг годишно по жител.

Најмногу месо јадат Аргентинците ‒ 110 кг на година, т.е. 300 г на ден.

Под лозје се наоѓа 2,7% од територијата на Италија, 2,4% од територијата на Португалија, 2,3% од Шпанија и 1,5% од Франција.

Во Португалија се произведува 50% од светската плута.

Најпопуларно овошје на светот е доматот (за тие што доматот го сметаат за овошје). Втора е бананата, трето јаболкото.

Годишно во светот се испиваат повеќе од 400 милијарди кафиња. Најмногу се пие во Финска, а во Турција кафето речиси не се пие.

Слики: Paolo Antonio Barbieri (1603–1649)

Подготвил: П. В.